ДОКУМЕНТИ

Јануари 2005

 

БОЖИК – 2005
ПОСЛАНИЕ НА ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ Г. Г. СТЕФАН

“... да му посведочиме на светот дека ние – Македонците, имаме огромно духовно богатство. Тоа го добиваме од Христа Бога, најпрво преку апостолот Павле и првопокрстената Лидија...“

 

 ПОСЛАНИЕТО НА ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ Г. Г. СТЕФАН

“И навистина,
голема е тајната на побожноста,
Бог се јави во тело!“ (1. Тим. 3, 16) 

Драги наши духовни чеда,

            Божик - денот на раѓањето на Христа Спасителот е денот во кој се исполни ветеното од Бога и ден почеток на спасението. Христовото рождество и крштението, проповедта и чудотворствата, распетието и воскресението – се настани од Божјиот план за спасение на луѓето и на светот. На Божик, човекот, како образ и како икона Божја, доби можност да се спаси и да се обожи.

            Со Христовото раѓање на човештвото му се откри Спасителот и тоа веќе ја знае својата цел, ја препознава и насоката и патот по кој треба да чекори. По овој ден, за човекот се отворија небесата, а светоста и совршенството од далечни му станаа блиски; и, тој, конечно, може непречено да се насладува од духовното и своето срце да го исполнува со вечност.

            Преку богодадената закрила надмината е немоќта и духовната сиромаштија на човекот. Синот Божји стана Син Човечки, Бог се изедначи со луѓето и се оствари заедницата со човекот. Па, зар има поголема новост и поголема вест во историјата на човештвото: Бог се јави во тело – Бог стана човек!?

            Затоа, на овој ден има и зошто да се радуваме! Нашата надеж веќе не е бесмислена: животот доби нова – вечна вредност.

            Господ Исус Христос, земајќи на Себе човечко тело, Себе си се понижи и зачекори по нашиот човечки пат. Он, Кој е над се’ што постои, и е Цар на славата, избра да се роди во пештера. Он, Кој седи на највисокиот прстол, ги избра за Свои ближни напуштените и отфрлените. Синот Божји му пријде и му се прближи на секого: со гладните гладува, со жедните жедува, со тажните тагува, несреќните ги утешува...

            Возљубени празникољубци,

            Божик е ден кога се потсетуваме на спасоносното Божјо дело кое треба да се трудиме да го поддржуваме. Божик е ден кој не’ повикува да поставиме нов почеток во нашите животи. Божик е ден кога треба целосно да се предадеме еден на друг, кога треба да ја даруваме целата наша љубов и целото наше битие. Празниците затоа и постојат: влегувајќи во радоста на нашиот Господ, да навлеземе подлабоко во верата и во меѓусебното разбирање. Да се сплотиме сите како народ Божји, да му посведочиме на светот дека ние – Македонците, имаме огромно духовно богатство. Тоа го добиваме од Христа Бога, најпрво преку апостолот Павле и првопокрстената Лидија, како и од нашите светии: Кирил и Методиј, Климент и Наум, Нектариј и Агатангел, Злата и Васа, Ѓорѓи и Спасо, Гавил и Прохор, Никодим и Иларион и од сите македонски богоугодници, кои создадоа цврсти и здрави духовни основи меѓу својот македонски православен народ.

            Драги браќа и сестри,

            Македонската православна црква, нашата држава Република Македонија и македонскиот народ и годинава беа распнувани и изложувани на тешки искушенија. Некои соседни народи и цркви, замислувајќи дека единствено тие го имааат правото над правдата, се обидоа, како и многупати досега, да не’ присвојуваат и негираат! Тие се подбиваа со нашите црковни и национални чувства, со нашето македонско име, со нашите успеси и постигнувања. Лицемереието го ставија пред искреноста, цинизмот и омразата пред љубовта, неправдата пред преавдата, лагата пред вистината, дневната политика пред каноните и учењето на Светата Црква и светите отци, човековото мудрување пред библиската премудрост. Како причина за неприфаќањето на нашата Света Црква го поставија нејзиното име, не гледајќи дека тоа нивно оправдување има само овоземна димензија, а не црковна и Божја. Така постапуваат затоа што се заслепени од национал-шовинистичките идеи и цели.

            А, насилството му е туѓо на православното учење! Кој насилно и без љубов и разбирање постапува, не може да се нарече Христов, а богољубието и човекољубието се далеку од него.

            Возљубени чеда во Господа,

            Ние, Македонската православна црква и македонскиот народ, сме особено одговорни пред нашите предци. Мора да го чуваме она што тие со маки и со жртви го спечалиле и ни го оставиле. Минатата година го прославивме големиот јубилеј на македонската државност – 60 години од АСНОМ, кога се поставени темелите на возобновената слободна држава Македонија. За Македонската православна црква, пак, АСНОМ е значаен по тоа што една од неговите основни придобивкибеше заклучокот да се возобнови и нашата древна Охридска архиепископија. Во 1958 и 1967 година тоа и се случи! – По двесте години се исправи историската неправда од 1767 г., кога неправедно беше укината нашата славна Охридска архиепископија.

            Во годината што е пред нас се навршуваат 1100 години од времето кога свети Наум Охридски, големиот подвижник и чудотворец, го изгради својот манастир на јужниот брег од Белото Езеро, го подигна светилиштето кое веќе цели единаесет векови е македонско запалено кандило пред Бога. – Да направиме напори за што подостојно да го одбележиме единаесетвековното постоење на Светинаумовиот манастир.

            Верни наши духовни чеда,

            Да ги прославиме Божикните празници со мир, љубов, радост и меѓусебно разбирање. Преку овие вечновредни добородетели да напредуваме и како Црква и како народ. Верата и љубовта да ги прифатиме како основни критериуми во нашиот живот. Врз нив да градиме се’ во животот. Да се чуваме од гревот и да се уподобуваме на Христа во се. Така прочистени и преобразени да воскликнеме заедно со ангелите: “Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.

ХРИСТОС СЕ РОДИ! 

Честито и од Бога благословено

Новото 2005 Лето Господово! 

СТЕФАН
Архиепископ Охридски и Македонски

 

Членови на светиот архиерејски синод:

Кирил, митрополит Полошко-кумановски

Горазд, митрополит Eвропски

Петар, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски

Тимотеј, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Повардарски

Наум, митрополит Струмички

Агатангел, митрополит Брегалнички 

На Божик, 2004(5) Лето Господово

---------------- 

www.tema1.net