ДОКУМЕНТИ

3.9.2005
 

Писмо од Црвенковски до Алексиј Втори

 ● Претседателот на РМ, Б. Црвенковски, на 2.9.2005-та, испрати одговор на писмото од Алексиј Втори - Патријарх Московски и на цела Русија, од 23.8.2005-та. Во продолжение го објавуваме во целост текстот на писмото - одговор.

“Ваша Светост,

Дозволетеми на почетокот со големо задоволство да констатирам дека ја делиме истата желба за развој на духовните и културни врски длабоко втемелени во историјата на нашите два народа што е единствениот пат за просперитет и благосостојба на нашите две држави.

Со Вашето писмо уште еднаш ја докажувате Вашата принципиелна позиција за решавање на меѓуцрковните спорови на единствениот праведен начин, преку рамноправен третман на луѓето и со должна почит кон секој припадник на нашата заедничка вера. Посебно охрабрува Вашето лично залагање во континуитет за конструктивни разговори на архиереите на двете помесни и сестрински цркви заради надминување на разликите кои секако го слабеат духот на православието.

Лично никогаш ја немам загубено вербата дека можностите за дијалог се целосно исцрпени затоа што знам дека разговорот помеѓу духовните браќа нема алтернатива. Познато Ви е дека како и Вие безрезервно се залагам за почитување на принципите врз кои со векови опстојува нашата црква и сметам дека без нив расколот неминовно ќе дојде како алтернатива на духовното единство и братската љубов.

За надминување на споровите што постојат во животот на Христовата црква е неопходно постоење на взаемна волја и разбирање. Се согласувам дека е сосема ненужно на тој пат да се поставуваат дополнителни пречки затоа што и без тоа се работи за сериозен предизвик и искушение. За жал, очигледно е дека во последно време Српската православна црква не ги следеше предлозите за трпение и духовното разбирање со Македонската православна црква што конечно преку еднострани потези доведе до прекин на дијалогот.

Во врска со конкретниот случај на примена на законите врз еден државјанин на Република Македонија познато е дека во една секуларна држава судската власт е целосно автономна и независна во носењето на своите одлуки. Посебно сакам да нагласам дека би било најкоректно во посочениот случај да дозволиме да завршат сите предвидени законски процедури и дури потоа сите инволвирани страни да заземат ставови по тоа прашање.

Чувствувам потреба како и последниот пат во Москва кога се видовме да Ве замолам да го продожите Вашиот ангажман и посредување за надминување на разликите што постојат меѓу Македонската православна Црква и Српската православна црква. Длабоко сум уверен дека тоа може само да придонесе за зацврстување на сехристијанскиот дух и љубовта во верата.

Со благодарност за Вашите досегашни напори и со желба за Ваше здравје,

Со почит.“

-------------------

www.tema1.net