![]() |
|
|
ДОКУМЕНТИ |
|
|
15.XII.2004 |
|
|
|
|
ТЕКСТОТ НА ЕКСПОЗЕТО НА МАНДАТАРОТ Г-н Владо БУЧКОВСКИ Почитуван Претседателе на Република Македонија, Почитуван претседателе на Собранието на Република Македонија, Почитувани пратеници, Почитувани екселенции, Дами и господа, Врз основа на уставните и законските обврски и мандатот што ми е доверен, денес пред овој законодавен дом го поднесувам Предлогот за состав на Владата на Република Македонија, заедно со Програмата за работа на Владата во мандатниот период. Владата доследно ќе ги брани и почитува принципите врз кои е основана Република Македонија, како самостојна и суверена држава. Работата на Владата ќе се темели врз почитувањето на демократијата, владеењето на правото, гаранцијата на човековите права и слободи. Владата што ја предлагам нуди јасен концепт за иднината на земјата и за нејзиниот развој. Но, оваа Влада е свесна за тешкотиите со кои се соочува Република Македонија и сите наши граѓани. Денес многу наши граѓани се без работа и немаат услови за достоинствен живот. Денес илјадници семејства имаат толку ниски приходи, што бедата секојдневно се надвива над нив, како темна сенка. Денес нашите луѓе мака мачат да обезбедат елементарна егзистенција, да ги платат сметките и да ги школуваат своите деца. Денес, решавањето на меѓуетничките прашања и исцрпувачките, но јалови политички борби, ни одземаат толку многу време и енергија, што не можеме да се посветиме на решавањето на реалните проблеми што го притискаат народот. Денес, бедата и неслогата ни ја нагризуваат надежта. Тоа, почитувани пратеници, мора да престане. На ова, почитувани граѓани, мора да му ставиме крај. Ова се тешки времиња и бараат тешки одлуки. Денес, мора да бидме искрени пред себеси, да ја погледнеме вистината во очи и да признаеме дека сите претходни влади, вклучувајќи ја и оваа на која до вчера и припаѓав, не ги исполнија докрај очекувањата на нашите граѓани и значително не го подобрија квалитетот на нивниот живот. Сега е време за нов почеток, за нови идеи и за нова визија за нашата земја. Сега е време да поверуваме дека можеме и повеќе и подобро. Сега е време да ги обединиме сопствените сили, енергија, моќ и знаење. Дојде време, конечно, да ја препородиме Република Македонија. Овие времиња се вистински тест за најиздржливите, најупорните и најхрабрите, и за оние со најголема верба. Знаеме, можеме и умееме да работиме за доброто на народот и за просперитетот на државата. Денес, пред вас се обврзуваме, ви ветуваме, дека оваа Влада ја презема одговорноста. Јас, лично, и сите министри сме цврсто определени да ги решаваме проблемите и, конечно, да направиме нов исчекор во развојот на Република Македонија. Почитувани пратеници, Во програмата за работа на Владата, што ви е доставена и за којашто очекувам повеќето од вас да го искажат своето мислење, се наведени клучните приоритети во наредните две години. Тоа се: забрзување на процесот на нашето интегрирање во НАТО и во Европската Унија, интензивирање на економскиот развој, реформи на правосудниот систем, борба против корупцијата и организираниот криминал и доследно спроведување на Рамковниот договор. Нам ни требаат домашни и странски инвестиции, ни требаат големи компании, што ќе дојдат во Македонија, нам ни треба подобра организација и поголема продуктивност. Но, најмногу од се’, ни треба поголема верба во себе, во сопствените способности да бидеме успешни. Дојде времето кога конечно треба да ја вратиме вербата во себе, кога треба да кажеме дека, и покрај сите проблеми, и покрај неуспесите и разочарувањата, ние имаме можности, имаме сили и знаења, имаме волја да работиме и подобро и поефикасно, за да можеме да го оствариме и она што навидум изгледа невозможно. Јас имам најмногу верба во нашите млади луѓе, во нивното знаење, ентузијазам и елан за работа, и ви ветувам дека Владата ќе стори се’ тие да останат тука и целата своја творечка енергија да ја реализираат во Македонија и сите заедно да се гордееме со нивните резултати. Да имаме верба во себе, почитувани граѓани, затоа што во минатото нашите луѓе биле соочени и со потешки времиња. Да имаме верба, затоа што денес ние сме свои на своето и сами решаваме за својата судбина. Да имаме верба, затоа што нема такво зло во Македонија што не може да се поправи, да се излечи со она што е добро во Македонија. Да имаме верба, зашто имаме бројни и силни пријатели. Јас знам дека единствено ако веруваме во себе, во нашите способности, и другите ќе веруваат во нас, во нашите сили да ги совладаме сите проблеми, во нашата подготвеност да се надминеме себеси за доброто на Македонија. Почитувани пратеници, Новата Влада на Република Македонија ќе ги активира сите човечки, материјални и духовни потенцијали на Република Македонија и нејзина основна цел е за кусо време да направи пресврт во севкупниот развој на земјата – и на економски, и на политички план и на планот на нашето интегрирање во европските и во евро-атланските структури. Овие приоритети беа зацртани и во програмите на претходните влади. Но оваа Влада, дефинитивно, ќе мора сите овие процеси да ги забрза, затоа што ние загубивме многу драгоцено време и затоа што граѓаните сакаат да видат и конкретни резултати. Ова ќе бара и голем ангажман на сите членови на Владата и цврста решеност да се спроведат веќе зацртаните реформи, што досега се одвиваа бавно, пред се’ заради неподготвеноста на Владата да ја плати цената за потребните реформи во економскиот и политичкиот систем. Овој владин кабинет ќе мора да работи и подобро и побрзо. Овој владин кабинет ќе мора да има храброст и истрајност да ги спроведе потребните реформи и тогаш кога ќе се најде под силен притисок да попушти, да се откаже или да ги одложи реформите. Тоа досега беше главната причина за бавното чекорење на Република Македонија. Ве уверувам дека имаме и решеност и квалитетни луѓе за да го реализираме ова што го зацртавме како владина програма. Јас го почитувам успехот што досега го остварија владините министри. Сакам да истакнам дека неколку клучни ресори во владиниот кабинет ги задржаа досегашните министри, со што се обезбедува континуитет на новата Влада и продолжување на успешно започнатите проекти за приближување на Република Македонија кон Европската Унија и НАТО. Потпретседателот на Владата Муса Џафери и понатаму ќе дава конструктивен придонес во спроведувањето на одредбите на Охридскиот договор и зацврстувањето на меѓуетничката доверба. Во ресорот надворешни работи, Илинка Митрева ќе продолжи да ги зацврстува меѓународните позиции на Република Македонија и да ја промовира нашата лидерска улога во регионалната соработка. На мојата досегашна функција, министер за одбрана, доаѓа Јован Манасиевски, кој верувам успешно ќе ги доврши сериозните реформи во системот за одбрана, што е еден од основните предуслови за зачленување на нашата држава во НАТО. Радмила Шекеринска, која има значајна улога во нашето приближување кон Европската Унија, и натаму ќе ја спроведува владината динамична програма за заокружување на овој процес. Ресорот финансии и понатаму ќе го води Никола Поповски, кој ќе има посебна улога во серијата реформи, што ги предвидуваме за преструктуирање на нашиот економски и финансиски систем. Владиниот кабинет е засилен со девет нови личности, за кои сум уверен дека успешно и одговорно ќе ја вршат доверената функција. Во секторот економија доаѓа еден од најспособните млади економисти во Република Македонија, г-нот Фатмир Бесими, што е доказ дека нашиот партнер од коалицијата, Демократската унија за интеграции, не е преокупирана само со значајниот процес на спроведување на Охридскиот договор, туку сака да покаже и ќе докаже дека приоритет дава на економскиот развој на Република Македонија. Исклучителна улога во овој кабинет има новиот потпретседател на Владата задолжен за економски систем, г-нот Минчо Јорданов, кој ја замени својата успешна менаџерска кариера во “Макстил“ и доаѓа во Владата како човек со огромно практично искуство од сферата на економијата, и се надевам ќе даде драгоцен придонес во координирањето на економските активности на Владата. Воведувањето на местото потпретседател на Владата одговорен за економскиот систем, говори за приоритетот што оваа Влада ќе му го придава на брзиот економски развој на Република Македонија. Новиот министер за внатрешни работи, Љубомир Михајловски, кој досега успешно ја вршеше функцијата прв човек на царината, ќе има тешка задача во борбата против она што јас го сметам за еден од најсериозните проблеми во секоја држава, а со кој се соочува и Република Македонија, борбата против корупцијата и организираниот криминал. За решавање на овој проблем, покрај другото, од големо значење е и спроведувањето на долгоочекуваните реформи во правосудниот систем, што ќе биде обврска на новиот министер за правда госпоѓата Мери Младеновска – Георгиевска. И другите кандидати за министри, што лично не ги споменав, уверен сум дека и тие, како дел од тимот, ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на владината програма. Верувам дека сите ние заедно, свесни за големата одговорност што ја преземаме во овој миг, ќе работиме тимски, затоа што само така може успешно да функционира Владата. Јас, како Премиер, ќе ги поттикнувам сите членови на Владата отворено да ги изнесуваат сите свои мислења и ставови. Различните погледи за сериозните прашања со кои ќе се соочиме, само ќе придонесат за квалитетот во работата на Владата. Сепак, сакам да нагласам дека, кога еднаш Владата ќе изгради став, ќе донесе одлука, сите мора да ја почитуваме и да ја спроведуваме. Тогаш престануваат сите спорови и дилеми. Нема да дозволам да се исцрпуваме во бескрајни јавни дебати, затоа што оваа Влада мора да биде оперативна и ефикасна, и брзо да покаже видливи резултати, а не да троши време на меѓусебни судири и надмудрувања. Почитувани пратеници, Оваа Влада ветува дека ќе работи сериозно, одговорно и чесно. Доколку било кој министер се огреши од законските или моралните норми, јас ќе побарам за неговата одговорност да расправа и одлучува Парламентот на Република Македонија. Со цел да се спречат сите евентуални неправилности во работата на функционерите, ќе побарам да донесеме серија прописи со кои ќе се укинат голем дел од дискреционите овластувања, кои ги имаа министрите и другите избрани и именувани функционери. Почитувани граѓани, Оваа Влада ветува дека во овој мандат, во 2006-тата година, Република Македонија ќе добие покана за членство во НАТО. Оваа Влада ветува дека до крајот на нејзиниот мандат, нашите граѓани - студенти, туристи, бизнисмени, ќе можат слободно да патуваат во европските земји без да се судираат со тешкиот Шенгенски визен режим. Оваа Влада ветува дека до крајот на нејзиниот мандат, Македонија ќе добие статус на земја кандидат за членство во Европската Унија и дека ќе ги започне преговорите за полноправно членство во Унијата. Во мандатот на идната Влада, што ќе се формира по следните парламентарни избори, јас се надевам дека ќе добиеме покана за членство во Унијата и дека, со нашето интегрирање во заедничкиот европски дом, и Македонија ќе придонесе да се реализира сонот на Шуман и Моне за обединета и демократска Европа. Оваа Влада ветува дека ќе спроведе долгоочекувана реформа на правосудниот систем, со која тој ќе стане поефикасен и со што, истовремено, ќе се овозможи поголема сигурност на сите физички лица и компаниите при инвестирањето, што е клучно за развојот на нашата економија. Оваа Влада ветува дека ќе обезбеди порамномерен развој на нашата земја. Почитувани граѓани, јас ви се обраќам од Скопје, но само Скопје, не е Македонија. Оваа Влада ќе ги направи сите напори да се врати животот, работата и радоста во десетици и стотици наши градови и села, кои сега се замрени, заборавени и напуштени. Оваа Влада ветува дека ќе биде отворена за дијалог со стопанствениците и нивните комори, со опозицијата, со експертите и со сите луѓе со добра волја, кои сакаат да дадат конструктивен придонес во побрзиот развој на нашето општество. Почитувани пратеници, Економскиот развој ќе биде една од приоритетните цели на оваа Влада. Затоа, ќе предложиме мерки за подобрување на конкурентноста, стратегии за развој на извозно ориентираните сектори во индустриските гранки. Сето тоа треба да влијае на подобрување на животниот стандард и на сите сфери на општественото живеење. Како Влада, наша основна заложба ќе биде постигнување на динамичен развој, што ќе ја води зeмјата во фаза кога постојано ќе се отвoраат нови работни места и ќе се привлекуваат странски инвестиции. Ова не е ни малку лесна задача. Но, Владата е обврзана да ги оствари овие цели. Само така можеме да гарантираме стабилност, безбедност и успешен развој на Република Македонија. Владата, во наредниот период, ќе посвети посебно внимание на развојот на земјоделието. За таа намена, уште во буџетот за 2005-тата година се планирани дополнителни 100 милиони денари повеќе од претходната година. Владата исто така, ќе иницира и мерки со кои ќе се создадат услови за започнување на нов инвестиционен циклус и за рестартирање на расположивите индустриски капацитети. Владата ќе се залага за подобрување на условите за деловно работење, за инвестирање, за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и атрактивноста на нашата земја, како место за инвестирање, наспроти конкурентите во регионот на Југоисточна Европа. Почитувани пратеници, Нема да изостане и поддршката на претприемаштвото и на малите и средни претпријатија, со цел да се обезбедат вработувања и пропорционално искористување на расположивите ресурси. Владата ќе ја продолжи успешната соработка со ММФ и Светската банка, а првиот тест со монетарците ќе го имаме во февруари, кога ќе се залагаме за нов реформски аранжман и за продолжување на структурните реформи, што се болни, но и неопходни. Тие реформи ќе ги спроведуваме, затоа што тие нам ни се потребни, а не на ММФ и на Светската банка. Почитувани пријатели, Оваа Влада, и јас, како Премиер, ќе бидеме присутни меѓу граѓаните, на сеидбите и жетвите, во компаниите и фабричките хали, во здравствените и обеазовните институции, на спортските терени и културните манифестации. Ќе се залагаме многу повеќе да ги заштитиме и да им помагаме на граѓаните со пречки во развојот, на социјалните случаи и на децата без родители. Почитувани граѓани, Оваа Влада ја предводи Социјал-демократскиот сојуз на Македонија. Ние сме партија од левицата и, поради тоа, оваа Влада сака да гради партнерски однос со сите синдикати. Тоа ќе го правиме заради заштита и доследно остварување на работничките права, како и на одредбите од колективните договори. Почитувани пратеници, Оваа Влада ветува дека ќе го доврши имплементирањето на Охридскиот договор, што, по уставните и законските промени, е составен дел од нашиот правен систем. Во реализирањето на Охридскиот договор останаа два значајни законски проекти: Законот за употреба на јазиците на заедниците и Законот за употреба на симболите на заедниците. Владата, поучена од искуството со донесувањето на Законот за новата територијална организација, ветува дека при донесувањето на овие закони ќе води отворен дијалог со опозицијата, со цел заеднички да дојдеме до општо прифатливо решение. Со Охридскиот договор се удрија темелите на новите односи во Македонија за градење на стабилна, единствена држава на рамноправни граѓани. Вие знаете, дека јас лично, и досегашната Влада целосно се посветивме во реализирањето на овој концепт, затоа што тоа е единствениот начин да се зацврсти единството во Македонија и да се интегрираме што побргу во НАТО и во Европската Унија. Предизвиците од создавање етнички тензии не се докрај надминати. Сеуште трае периодот на градење на меѓусебна доверба. Поминаа само три години од конфликтот во 2001-та година. Како што покажува и сегашниот случај со Кондово, сметам дека треба да бидеме многу поподготвени политички да дејствуваме, превентивно да дејствуваат на теренот, пред се’, избраниците на народот. Но, од друга страна, мора да функционираат сите механизми на правната држава. Оваа Влада нема намера да дозволи било кој да ја дестабилизира безбедносната состојба во Република Македонија. Почитувани пратеници, Оваа Влада ветува дека ќе биде крајно транспарентна во својата работа и ќе биде отворена за соработка со медиумите, кои имаат исклучително сериозна функција во сите демократски општества. Јас лично ќе се заложам, во најкус временски рок, во секое министерство да биде избран портпарол, со кого медиумите ќе можат редовно да комуницираат и да се информираат за работата на Владата. Ги повикувам медиумите да бидат вистински коректив на работата на Владата. Владата на Република Македонија, по донесувањето на Законот за достапност до информациите, ќе ги вложи сите напори за негово побрзо имплементирање. Владата ветува дека ќе биде отворена за потребите и барањата на нашите граѓани, затоа што таа постои за граѓаните, а не граѓаните за власта. Почитувани пратеници, Оваа Влада ќе работи за доброто на Македонија и на сите наши граѓани. Таа не може преку ноќ да направи чуда. Но, ако се обединиме, ако ги мобилизираме сите наши сили, знаења и способности, ако се посветиме заеднички на духовната и материјалната обнова на нашата татковина, и чудата се можни. Нема земја во Европа, која може за толку кусо време, колку што ќе биде мандатот на оваа Влада, толку многу да добие, но и толку многу да загуби. Затоа, ние, почитувани граѓани, во изминатиов период докажавме дека и на Балканот може да се развива и негува европскиот дух на разбирање, толеранција и соживот. Нашата заедничка порака треба да биде – Дојдете во Македонија! Постојат луѓе што не веруваат дека народите на Балканот можат да се разберат, да се почитуваат и да соработуваат. Јас ги повикувам – Дојдете во Македонија! Има луѓе што велат дека различните етнички, верски и културни заедници на Балканот не можат да живеат заедно, во мир и во слога. Јас ги повикувам – Дојдете во Македонија! Има луѓе што не веруваат дека народите на Балканот можат заеднички да ја градат својата иднина. И нив ги повикувам – Дојдете во Македонија! Јас ги повикувам да дојдат во Македонија и нашите иселеници и тоа не само да ги посетат своите блиски и родните огништа, туку да инвестираат, со цел да остварат профит, но истовремено со да придонесат и за развојот на својата татковина. Ги повикувам да дојдат во Македонија и странските инвеститори, затоа што оваа држава ќе создаде поволна бизнис клима, која дава можности за инвестирање и профит. Почитувани пратеници, Верувам во иднината на нашата татковина. Верувам дека сите наши граѓани поседуваат сила, мудрост, храброст и љубов кон Македонија. Верувам во искрената желба на секој од нас, Македонија да ја изградиме да биде побогата земја, земја на среќни и успешни луѓе. На нашите граѓани, во име на целата Влада, им ветувам дека ние ќе работиме за доброто на Македонија, за доброто на сите нас. Да живее Република Македонија! | |