ДОКУМЕНТИ

 22.XII.2004

 

 ГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ
НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ Бранко ЦРВЕНКОВСКИ

На 22.XII.2004,  претседателот на Република Македонија, Бранко ЦРВЕНКОВСКИ, се обрати пред пратениците во Собранието на РМ. Говорот на Претседателот го објавуваме во целост. Текстот е “симнат“ од магнетофонски запис.

 

 (22 Декември 2004 – Говорот на Претседателот) 

Почитуван Претседателе,

Почитувани пратеници,

Почитуван Премиер и членови на Владата,

Ваши екселенции,

Дами и господа 

            Денес, како претседател на Република Македонија ја исполнувам својата уставна обврска да се обратам пред народните претставници и целокупната македонска јавност.

Ќе се обидам во кратки црти да дадам оценка на збиднувањата во минатата и да ги посочам по мое видување приоритетите за наредната година. Двеилјадиичетврта ја дочекавме со оптимизам. Периодот на постконфликтна стабилизација успешно го привршуваме. Во декември минатата година за прв пат по повеќе од една деценија на територијата на Македонија немаше присуство, ниту пак потреба за присуство на странска војска. Меѓуетничките односи полека, со тешкотии и проблеми, но сигурно се стабилизираат. Меѓународниот кредибилитет на нашата држава беше возобновен.

Глобализацијата во политичката и безбедносната сфера создаде услови на преден план да ги ставиме суштествените проблеми на нашите граѓани. Највисок приоритет во сите програми и планови добија борбата против сиромаштијата и невработеноста, потребата од инвестиции и нови работни места, обезбедувањето на повисоки стапки на економски развој. Значи, 2004 требаше да биде година на политичка стабилност, на јакнење на меѓуетничката доверба, на голем исчекор во процесот на наше интегрирање кон Европската Унија и НАТО, и пред се` година посветена на економијата. Денес можеме да констатираме - ова последното и најважното не се случи. Напротив, оваа година беше период на крупни политички превирања и нови многу сериозни тестови за нашиот државотворен капацитет и демократски потенцијал. Најпрвин, на трагичен начин го изгубивме претседателот на државата.

Ја користам оваа прилика уште еднаш да ја искажам својата почит кон поранешниот претседател Трајковски и кон сето она што тој го направи, вршејќи ја својата должност. Таква загуба би претставувала силен удар и голем испит за институциите на системот и за држава со многу поголема традиција и моќ од нашата.

За прв пат во постоењето на независна и демократска Македонија во една година нашите граѓани имаа можност на двапати да излезат на избирачките места да следат и да учествуваат во две политички кампањи, да имаат три различни Влади. Политичката драма со висок интензитет околу Законот за територијална организација траеше цели пет месеци и кулминираше со референдум на национално ниво. Се случија и сеуште се случуваат крупни превирања и прегрупирања и кај политичките партии од власта и кај политичките партии од опозицијата. Со други зборови, првобитно зацртаните приоритети беа изместени, а фокусот на општествената енергија и политички ангажман пренасочен. Еден мој колега, претседател на нам пријателска земја, неодамна ми рече: “Имавте многу тешки искушенија во многу кус период и сите ги совладавте. Се потврдивте и се зацврстивте како држава. Треба да бидете задоволни.“ Во се’ се согласувам со него, освен дека треба да бидеме задоволни. Нашата цел и амбиција не смеат да се сведат само на успешно совладување на тестовите на издржливост и државотворност. Наша цел и наша обврска мора да биде да чекориме напред, да остваруваме напредок и тоа пред се` во оние области кои се најбитни за секојдневниот живот на нашите граѓани.

            Почитувани пратеници,

            Денес во ова мое обраќање пред вас уште еднаш ќе повторам – основниот темел, неопходен предуслов за се` останато во нашата држава се добрите меѓуетнички односи. Ако сме успешни на тој план, имаме амбиент да се посветиме и на другите приоритети. Киксираме ли тука, беспредметни се дискусиите за побрз економски развој, за влез во Европската Унија и НАТО.

            Во овие три години од конфликтот во 2001-та до денес, поминавме долг и тежок пат. Без било какво претерување можеме да оцениме дека е остварен огромен прогрес. Но работата сеуште не е целосно завршена. Ризиците не се докрај надминати. Одредени збиднувања токму во текот на оваа година уште еднаш не` потсетија дека над меѓуетничките односи треба да се бдее и на нив треба да се работи без престан и во континуитет. Амбиентот кој се создаде пред и по донесувањето на новиот Закон за територијална организација, заклучно со одржувањето на референдумот на 7 Ноември, повторно ги пробудија стравувањата и ја вратија онаа реторика за која сметавме дека е дефинитивно дел од нашето минато. Различни ставови по повод важни законски проекти во едно демократско општество се и легитимни, и корисни и целисходни. Но ако наместо аргументирана и рационална јавна дебата, се наметнува атмосфера на исклучивост и непријателство, се промовираат застрашувачки тези за поделба на државата наспроти нова граѓанска војна, за национално предавство наспроти национал-шовинизам, за наши и нивни општини и градови, тогаш тоа не е ништо друго освен неодговорно играње со оган, и тоа токму таму каде такви импровизации се најопасни – во сферата на меѓуетничките односи. Како и да е, референдумот беше и заврши. Ќе направиме огромна грешка ако од тоа искуство не извлечеме бројни поуки. Во оваа прилика јас ќе споменам само две:

- Прво, самиот факт што се собраа доволен број потписи и референдумот се одржа и уште повеќе изразената волја на околу 450.000 граѓани кои излегоа на избирачките места, се силна порака до владеачките партии и власта генерално, дека кога се донесуваат крупни и чувствителни законски проекти не смеат да се потпираат единствено на собраниската математика. Едноставно тоа не е доволно. Потребно е да се вложи огромна енергија за постигнување на што е можно поширок консензус, и со опозицијата и во општеството. Треба да се води аргументирана политичка битка во јавноста, да се консултираат експертите и да се комуницира на непосреден начин со граѓаните. Тоа не е сигурна гаранција дека на крајот законите ќе бидат донесени на општо задоволство. Но во секој случај е поголема гаранција, отколку самозадоволноста и потпирањето исклучиво на парламентарното мнозинство;

- Второ, ниту власта може да остане власт, ниту опозицијата може да стане власт, играјќи на радикална национална карта и употребувајќи таква реторика. Таа приказна во Македонија е завршена, од граѓаните прочитана и дефинитивно апсолвирана. На најдиректен начин тоа беше потврдено и со резултатот од референдумското изјаснување. Наместо дискредитација на владината политика во сферата на меѓуетничките односи референдумот даде дополнителен легитимитет на таа политика и создаде простор за довршување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, во една помирна атмосфера.

Кои се обврските кои ни преостануваат во тој процес?

Прво – во нормативниот дел тоа е донесувањето на Законот за употреба на етничките симболи. Значи, не закон за нови државни симболи, како што понекогаш во јавноста погрешно се толкува, туку Закон за употреба на симболите на етничките заедници кои не се мнозинство. Убеден сум дека Владата ќе направи своја проценка за динамиката на подготвување и донесување на овој Закон. Моето лично убедување е што побрзо, тоа подобро. Постојната со закон нерегулирана и во пракса хаотична состојба предизвикува фрустрации на обете страни. Кај едните заради непочитување и неупотребување на државните симболи, кај другите заради неозаконетото право на користење покрај државните и на своите етнички симболи. Донесувањето на единствен Закон за употреба на јазиците на етничките заедници не е директна обврска од Рамковниот договор. Меѓутоа, доколку таков квалитетен закон може да се подготви и на тој начин да се избегнат постојаните расправии со донесувањето на поодделните закони кои регулираат одредени области, добро е да го имаме.

Второ – постигнувањето на правичната застапеност во јавната администрација е процес кој тече. Во изминатиот период е постигнат значаен прогрес. Но, без сомнение, заради природата на проблемот за целосна реализација ќе биде потребно подолго време. Се работи за исклучително чувствително прашање и ако можам врз основа на поуките извлечени од минатото да сугерирам Владата и владеачките партии треба веднаш да отпочнат дијалог со опозицијата околу усогласувањето на динамиката за остварување на оваа со Устав пропишана определба.

            Почитувани пратеници,

            Меѓуетничките односи се еден од основните фактори кои ја дефинираат и стабилноста на безбедносната состојба во нашата земја. Ако го анализираме целокупниот период од стекнувањето на независноста 1991-та до денес, можеме да констатираме дека голем дел од настаните кои претставувале потенцијални и реални закани за нашата безбедност и територијален интегритет, биле на директен или индиректен начин поврзани со меѓуетничките односи. Впрочем, таква карактеристика има и до неодамна актуелниот случај на Кондово на кој ќе се навратам нешто подоцна.

Во глобала земено, безбедносната состојба во 2004 година, и покрај бројните политички турбуленции можеме да ја оцениме како стабилна, без сериозни закани за нашиот територијален интегритет и суверенитет. Инцидентни ситуации имаше, но тие во себе не содржеа потенцијал за поширока дестабилизација. Она што со право го иритира поголемиот дел од јавноста и за што јас имам целосно разбирање, е фактот што разрешувањето на некои од таквите инцидентни ситуации зависеше од нечија добра волја, а не од почитувањето и спроведувањето на Уставот и законите и од ефикасното функционирање на институциите на системот. Тоа создава чувство на несигурност и сомневање во исправноста на политиката што се спроведува. Уште во 2001-та, при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, знаевме дека избравме долг и тежок пат. Процесот на помирување, наместо меѓусебно расчистување, навраќање на меѓусебната доверба и соживот, наместо разграничување, бара време, упорност и на краток рок подготвеност да се плати политичка цел. За да Уставот и законите успешно се спроведуваат, а институциите ефикасно функционираат, потребно е од сите да бидат прифатени како свои а не како туѓи, како неопходни, а не како наметнати. Свесен сум дека за да се оствари тоа беше потребно време. Но исто така знам дека ако тој процес премногу долго трае ќе се претвори во своја спротивност. Ќе се изгуби вербата во правната држава и ќе се загрозат перспективите за кои сите заедно декларативно се залагаме. Логиката на охридскиот процес е да се чекори со исто темпо по два паралелни колосека. Да се јакне чувството на еднаквост и рамноправност, но и да се јакне чувството на лојалност кон сопствената држава. Да се зголемат правата, но во исто време да се почитуваат и обврските. Да се зајакне учеството во институциите, но и да се респектираат истите тие институции и да им се овозможи ефикасно да функционираат. Само со истовремен напредок имаме вистински напредок. Затоа, сакам да ја искористам оваа прилика и да им се обратам на нашите граѓани албанци и пред се` на политичките партии кои ги претставуваат во овој Парламент. Уставните промени се усвоени. Неопходните закони донесени. Мултиетничката полиција структурирана. Процентот на албанци во обвинителството и судството зголемен и во постојан подем. Нема повеќе никаков простор за толерирање и искажување на разбирање за нечие земање на оружје в рака и свесно кршење на законите. Дојден е моментот да се покаже дека концептот е правилен и дека дава резултати. Политичкото дејствување е потребно и неопходно. Но пред се` како превентива и создавање на соодветен амбиент, а никако како супституција на правниот поредок и на институциите на државата.

            Почитувани пратеници,

            Често пати кога се говори за безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет на нашата земја, се посочува на разрешувањето на Косовското прашање, како голем тест и предизвик кој не` очекува веќе наредната година. Би сакал да ја искористам оваа можност и да ја изнесам мојата оценка. Косово е последното големо отворено прашање на Балканот. Од начинот како ќе се пристапи во неговото решавање, како ќе се менаџира целиот процес, колку ќе трае и каков епилог ќе има, во голема мера зависи и стабилноста на целиот регион. Според сите најави, преговорите ќе отпочнат кон средината на идната година. На нив ќе учествуваат претставниците на Белград, Приштина и меѓународната заедница, која, може да се претпостави – има пресудно влијание. Со цел да се остварат подобри стартни позиции за тие преговори, одредени претставници на Белград и Приштина во своите изјави често пати ја употребуваат и злоупотребуваат Македонија, користејќи ја како аргумент во полза на сопствената позиција. Така, според едните, евентуалниот независен статус на Косово ќе претставува опасност за територијалниот интегритет на нашата земја, а според другите токму нестекнувањето на независност ќе ја дестабилизира Македонија, па и поширокиот регион. Ниту едното, ниту другото е точно. Република Македонија не е ниту дел од проблемот, ниту дел од решението за Косовската криза. Ако финалниот статус е клучното прашање за Белград и Приштина, за Македонија највисок интерес е воспоставување на правен поредок и градење на институции кои ќе го обезбедуваат и спроведуваат тој правен поредок на територијата на Косово. Политиката “стандарди пред-статус“ го промовираше токму тој систем, но за жал со досегашните резултати никој неможе да биде задоволен. Токму од тие причини, ценам дека без разлика колку долго преговорите ќе траат и како ќе биде финалното решение, меѓународното и воено и цивилно присуство на Косово ќе биде неопходно во подолг временски период. Во секој случај, ние сме непосредни соседи, ризикот постои и никако не смееме да го потцениме.

Кои се работите кои ние треба првенствено да ги превземеме со цел, ако не сосема да се елиминира, тогаш во најголема можна мера да се намали опасноста. Прво, на внатрешен план што е можно побрзо да го финализираме спроведувањето на Рамковниот договор, да ги затвориме сите прашања што од било кои радикални структури би можеле да бидат користени како генератор на дестабилизација, како и да го продолжиме процесот на јакнење на меѓуетничката доверба. Колку се меѓуетничките односи на повисоко ниво, толку како држава ќе бидеме поотпорни на било какви надворешни влијанија. Второ, во претстојниот период да направиме што е можно побрз и поголем исчекор во процесот на нашето интегрирање во Европската Унија и НАТО. Колку сме поблиску да ЕУ и НАТО, толку сме подалеку од нови балкански дестабилизации. Трето, демаркација на границата во делот кон Косово и нејзино признавање и почитување како неповредлива и непроменлива од страна на косовските власти пред решавањето на финалниот статус на Косово. Ова е прашање кое зависи многу повеќе од меѓународната заедница отколку од нас, и од тие причини треба да биде еден од приоритетите во надворешно-политичкиот ангажман во наредниот период.

            Почитувани пратеници,

            Согласно Уставот на Република Македонија како претседател ја претставувам државата и имам директни ингеренции во надворешната политика. Дозволете ми во кратки црти да го изложам своето видување за позицијата на Република Македонија на надворешно-политички план за она што го направивме и за она што ни` претстои.

Моја генерална оцена е дека во текот на 2004 година дополнително ја зајакнавме меѓународната позиција на нашата земја, го зголемивме нејзиниот углед и авторитет, дадовме силен придонес во унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи и влеговме во нова квалитативно повисока и клучна етапа во процесот на нашето интегрирање кон ЕУ и НАТО алијансата. Во март 2004 ја поднесовме нашата апликација за членство во Европската Унија. На тој чекор му претходеа многу сомневања и скептицизам, но развојот на настаните покажа дека сме донеле правилна одлука. Сите компаративни анализи покажуваат дека Македонија е многу понапред во однос на Србија и Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, и дека ова беше логичен и очекуван чекор по оној што претходно го направи Хрватска. Со самиот тој чин, отпочна еден процес во кој не` чекаат сериозни обврски и реформи буквално во сите сфери на општественото живеење. Нема сомневање дека некои од нив ќе бидат и болни. Но ако цврсто и искрено сме решени да бидеме дел од обединета Европа, а јас друга алтернатива не гледам, тогаш што порано се зафатиме со таа работа, порано и ќе ја завршиме. Прашалникот во Скопје ни` го донесе лично тогашниот претседател на Европската Комисија и веќе сме во завршната фаза од неговото одговарање.

Добро е што референдумот, оставката на Владата и изборот на нова Влада не ја нарушија зацртаната динамика. Нашата цел е во 2006 година да го стекнеме статусот – земја-кандидат за полноправно членство. Во делот на нашето интегрирање во НАТО алијансата, реформите на системот за одбрана се одвиваат според предвидената динамика и акциониот план. Во текот на изминатата година ја отпочнавме реализцијата на проектот за интегрирано гранично обезбедување, при што секако не е единствен, но исклучително значаен сегмент претставува преоѓањето на ингеренциите за непосредна контрола на границата од армијата на полицијата. Процесот се одвива успешно и без посериозни проблеми. Веќе е отпочната, а во наредниот период ќе се динамизира професионализацијата на нашата армија, промената на структурата на старешинскиот кадар, редукцијата на резервниот состав на армијата, прилагодувањето на воената опрема и вооружувањето согласно НАТО стандардите. Наскоро пред Вас, почитувани пратеници, ќе се најде и законот со кој се регулира управувањето со кризни ситуации.

Во оваа прилика посебно сакам да го истакнам ангажманот на припадниците на нашата армија во мировните операции во Авганистан и Ирак. Тие млади луѓе завршија огромна работа во афирмацијата на нашата земја, и сакам јавно да им се заблагодарам. На Македонија денес не само што не и` е потребно странско воено присуство, туку и самата партиципира во меѓународни воени мисии. Зацртаната цел е на следниот самит на НАТО кој се очекува да се одржи во 2006-та година да ја добиеме поканата за членство во алијансата.

            Почитувани пратеници,

            Дозволете процесот на Евро и Евро-атлантски интеграции да го доведам во контекст на она што денес претставува проблем број еден во Македонија – невработеноста и сиромаштијата. Изминатиот период покажа дека дури и во годините кога имаме успешно реализирани аранжмани со ММФ и со Светската банка, значи кога реформите на кои тие инсистирале во целост беа спроведени, стапките на економски раст се недоволни за тоа реално да се почувствува во животот на граѓаните. Нам не ни` се доволни стапки на раст на бруто домашниот производ од 3 или 4 посто на годишно ниво. Нам ни` е неопходен момент кој ќе генерира поголем позначаен исчекор. Тој момент може да биде токму реализацијата на овие зацртани цели во процесот на Евро-атлантските интеграции. Земја-членка на НАТО е земја со трајна стабилност, безбедност и сигурност. Земја-кандидат за членство во ЕУ е земја каде секој потенцијален инвеститор инвестира под многу поповолни услови на територијата на идниот единствен европски пазар. Погледнете го примерот на Бугарија денес. Таа веќе не е истата земја од пред приемот во алијансата и стекнувањето на статусот кандидат за Европска Унија. Огромни финансиски средства се слеваат од пред пристапните погони на Унијата, и уште поголеми средства од странските инвеститори. Сличен е примерот и со Романија, а и Хрватска веќе влегува во таа фаза. Значи, кога говориме за ЕУ или НАТО, ние не говориме за нешто апстрактно, туку токму за она што најмногу не` тишти – за економски развој, за инвестиции, за нови работни места. Следните 12 до 18 месеци се решавачки за овој процес и за нашата иднина. Потребно е да се мобилизира целокупната општествена енергија, целокупното знаење на нашиот народ, сиот интелектуален потенцијал. Успехот ќе биде заеднички.

            Почитувани пратеници,

            На четврти ноември 2004 година се случи настан со историско значење за нашите национални и државни интереси. Соединетите Американски Држави го признаа уставното име на нашата држава – Република Македонија. Со овој чин Вашингтон ги постави пријателските и партнерски односи со нашата земја и цврсто застана зад територ&