ДОКУМЕНТИ

Ноември 2004

ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРОТ Хари КОСТОВ

Претседателот на Владата на Р. Македонија, Хари КОСТОВ, на 15.XI.2004 поднесе оставка на функцијата. Го објавуваме текстот на оставката.

 (Препис)

              В Л А Д А
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
          ПРЕТСЕДАТЕЛ
 

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО
       НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
      Г–динот Љупчо Јордановски,

Скопје, 15.11.2004 година 

Почитуван господине Претседател, 

Врз основа на член 93 од Уставот на Република Македонија и член 223 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесувам ОСТАВКА на функцијата Претседател на Владата на Република Македонија.

Оставката ја поднесувам од следните причини:

Во Програмата за работа на Владата и во Експозето поднесено на седицата на Собранието на Република Македонија одржана на 31.05.2004 година истакнав дека остварувањето на стратешката цел на Република Македонија – идното членство во Европската Унија и во НАТО – во најголема мерка ќе зависи од нас самите. Имено ќе зависи од тоа колку ќе бидеме успешни во остварувањето на преостанатите меѓусебно заеднички поврзани цели и активности и тоа: спроведување на Уставните измени и законските прописи кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор; завршување на процесот на новата територијална организација на општините и децентрализацијата; реформа на правосудниот систем; натамошно интензивирање на борбата против организираниот криминал и корупцијата; динамизирање на стопанските активности, структурните реформи, намалување на невработеноста и сиромаштијата.

Лично сметам дека во изминативе две години, вклучувајќи ги и последниве 5 месеци во кои ја извршував функцијата Претседател на Владата, Република Македонија во основа постигна позитивни движења и резултати. И покрај изразеното незадоволство ако можам условно да речам на “домашен терен“ заради нереализираните очекувања, сепак пред меѓународната заедница Република Македонија е се повеќе пример за успешно надминување на конфликтните состојби и за изградба на мултиетничко општество, состојбите се подобруваат, реформските процеси се одвиваат во правилна насока, но истовремено претстојат уште многу обврски и задачи кои треба да ги завршиме на патот на евроалантските интеграции. Ваквите оценки се засилени по признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на САД и особено по резултатите од референдумот одржан на 7.11.2004 година.

Минатата надела потпишана е Декларација за поддршка на стратегиските интереси на Република Македонија со констатација дека најголем дел од решенијата на Рамковниот договор, преточени во Уставот, се веќе законски заокружени и имплементирани. Донесените закони за територијалната организација на општините и децентализацијата и резултатите од референдумот, кој предизвика зголемени политички тензии во државата, затворија уште едно мошне важно поглавје од Охридскиот договор. Вон од обврските од Охридскиот договор се легализираше Тетовскиот Универзитет, се измени законската регулатива за државјанствата. Тоа реално предизвика значителен пад на рејтингот на владината коалиција.

Со завршувањето на “политичкиот пакет“ од Охридскиот рамковен договор и поволното меѓународно опкружување Република Македонија требаше да се посвети на политичките и пред се на економските реформи кои ќе водат кон натамошно подобрување на состојбите во државата и кон приближување до евроатлантските интеграции.

Меѓутоа, сметам дека во владината коалиција не постои целосна согласност и практично тимско работење за вистинско остварување на стратешката цел на Република Македонија и на преостанатите меѓусебно поврзани цели и активности. Напротив, сметам дека еден од коалиционите партнери во власта, и покрај поинаквите декларативни заложби, својата улога и место во Владата ја разбира единствено како инструмент за делумно спроведување на политичките процеси од Охридскиот рамковен договор, залагајќи се за ургентно спроведување на процесот на соодветна и правична застапеност само на една од заедниците во администрацијата (кој, и покрај значителните постигнати резултати во изминатите две години, сепак е подолгорочен процес), потоа ги промовира националните и теснопартиските интереси вклучувајќи го и непотизмот, со истовремено коруптивно однесување, без никаква практична желба и мерки во борбата против корупцијата.

Во изминатиов период Владата е блокирана дури и за определени економски реформи кои поминале неколку фази од Собраниската процедура и кои се веќе превземени обврски за извршување од аранжманите со меѓународните финансиски институции, кои не навлегуваат во меѓуетничките односи и за кои, според Уставот, не се предвивува одлучување со т.н. “двојно мнозинство“. Станува пракса принципот на условувања и на замена на експертско и стручно знаење, со некакво си “политичко договарање“ и “политичко пазарење“. Со тоа се стеснуваат можностите за ефикасно работење на Владата и за носење на квалитетни законски решенија од системски карактер за кои расправа и одлучува Собранието на Република Македонија. Тоа ги успорува процесите на хармонизација на македонското со европското законодавство, што ќе има сериозни последици во поглед на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Република Македонија може да има на располагање се`, само нема време за губење во наводните “политички договарања“ и неефикасност во спроведувањето на потребните структурни реформи.

Како пример би посочил дека на последните 3-4 седници на Владата се бара и од дневен ред се симнуваат Предлогот на закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и Предлогот за донесување на Законот за буџетите. Потенцирам, со овие закони не се влијае на меѓуетничките односи и за нив не е предвидено усвојување со “двојно мнозинство“. Напротив, тие се дел од економските реформи и веќе превземени обврски за извршување во аранжманите со Светската Банка за отстранување на административните бариери за странските инвестиции и за структурно прилагодување. Еден од нив веќе помина две фази во Собранието, со заклучок Владата да достави до Собранието и Предлог закон за дефинитивно усвојување. Наспроти тоа, еден од коалиционите партнери во Владата го блокираше утврдувањето на овие закони, со наводната потреба за “политичко договарање“, кое на крајот, по исцрпување на аргументите, се сведе на барање од нови 15 вработувања и за промена на режимот на согласност од Министерството за финансии за вработување, режим кој што е обврска по аранжманот со Светската банка. Завршетокот на таквото “политичко договарање“ беше ставот на коалициониот партнер дека не можат да дадат “политичка согласност“ за донесување на погоре наведените закони.

Факт е дека во склад со Уставот и со законската регулатива Владата може да ги утврди овие закони и без согласноста на еден од коалиционите партнери. Но тоа би значело само префрлување на проблемот, на политичките неусогласености на коалиционите партнери и блокади или проблеми во работењето на Собранието на Република Македонија.

На ваков начин на работење јас лично не сум подготвен, особено што чувствувам дека доколку не се прекине, таквата пракса ќе продолжи и во иднина, како востановен начин на однесување и работење. Не сум подготвен на неефикасно работење во Владата, условувања и блокирање на реформските процеси во политичката и пред се во економската сфера, заради некои “дневно политички договарања“.

Уверен сум дека мојата оставка ќе влијае мобилизирачки на коалиционите партнери во Владата да се постигне не само декларативна согласност, туку и суштинско и практично работење во остварувањето на вистинските стратешки цели на Република Македонија.

Затоа оставката не ја разбирам како свој личен пораз, слабост, бегство од одговорност или емотивна реакција.

Напротив, тие што барем малку ме познаваат знаат дека сум упорен борец, кој лесно не се откажува од своите принципи во спроведувањето на политиката. Тоа подразбира практична и ефикасна работа, а не долги, неефикасни и непродуктивни политички надмудрувања и блокади.

Бидете убедени дека на овој чин се одлучив со најискрени намери и со единствена цел да се обезбеди ефикасност во работењето на Владата на Република Македонија и во остварувањето на толку потребните реформски процеси во правец на евроатлантското интегрирање.

Најискрено жалам и се извинувам доколку со овој потег сум разочарал и сум ја изневерил довербата на граѓаните на Република Македонија, партиите и на некои мои лични пријатели. 

Со почит,

Хари Костов

http://www.tema1.net/