ИНТЕРВЈУ

ЈУНИ 2005

Лилјана ПОПОВСКА

Пратеник во Собранието на Р. Македонија

ГИ ЦЕНАМ ЛУЃЕТО КОИ ОСТАВИЛЕ ТРАГА ЗАД СЕБЕ – КАКО ДЕЛО, КАКО МИСЛА!

(Јуни 2005) - “Посебно го почитувам К. П. Мисирков... Има и многу други големи луѓе од нашето минато... Господ им дал ум и талент на кои треба да им се поклониме“ – вели Г-ѓа Лилјана Поповска

 

 

TEMA1.net: - Госпоѓо Поповска, како накратко би го претставиле своето движење во политиката?

ПОПОВСКА: - Во политиката влегов на почетокот на плурализмот во нашава земја, кога се очекуваше промена на политичкиот систем и промена на статусот на земјата. Како и многу луѓе во тоа време, бев учесник на разни собири и иницијативи околу овие прашања. Бев загрижена за нејзината иднина и сметав дека е мој патриотски долг да помогнам. Немав амбиции да и’ се посветам на политиката, но таа пополека ме вовлече. Како што гледате, еден сосем природен влез, со искрени побуди, како што е случај со повеќето нови политичари во земјите во транзиција. Понатаму, во политиката имав природен развоен пат, преку локалната власт до Парламентот, со можност да учам и да се надградувам. Она што не го сменив и што ме држи цело време се моите идеали за самостојна и просперитетна Република Македонија и за правата на Македонците секаде низ светот, во духот на современите европски трендови за почитување на човековите права, толеранција и негување на културните разлики.

TEMA1.net: - Дали денес Република Македонија е онаа самостојна и суверена држава за која народот се определи на референдумот во 1991 година? Каде исчезна македонската национална држава?

ПОПОВСКА: - Република Македонија и понатаму е самостојна и суверена држава, но со видоизменет внатрешен уставен поредок. Во 2001-та, по воениот конфликт, еден несовршен граѓански устав беше заменет со етничко-граѓански устав, со многу комплицирани решенија. Тоа беше сторено со желба за мир и како гаранција дека не постои можност за дискриминација на која и да е етничка заедница. Се очекуваше дека на ваков начин најголемата малцинска заедница ќе се ослободи од фрустрациите и ќе се постигне нејзина целосна интеграција во општеството. Како и да е, ниеден устав не може да го смени историскиот факт дека Република Македонија е плод на многувековните борби на македонскиот народ за своеименска држава, што е случај и кај другите народи на Балканот.

TEMA1.net: - Дали пратениците во Собранието ефикасно ја вршат својата функција? Прашањето не се однесува на бројката на донесени закони и акти, туку на нивниот квалитет, како и капацитетот на пратеничкиот состав?

ПОПОВСКА: - Пратениците се најизложени на погледите на јавноста, па понекогаш го “затскриваат“ работењето на Владата, која е креаторот и моторот на политиките што се водат во државата. Пратениците работат извонредно ефикасно што се однесува до бројот на донесените закони и акти, кои ги има повеќе стотици. Најголемиот дел од колегите се со солидна едукација, добар дел и со завидни реторички вештини. Она што е, според мене, видливо во овој состав, е подигнатото ниво на меѓусебна комуникација. Тоа зборува за повисокото ниво на политичка култура и спремност за надминување на политичките рамки при донесување одредени законски решенија. Тоа се случува главно во два сегмента: за големите прашања од НАТО и евроинтеграцијата, како и за неутрални теми. Но и тоа оди прилично оркестрирано, со стриктни партиски договори. Она што, според мене, недостига во нашево Собрание, е повеќе самосвест и самостојност во некои одлуки кои се од стратешко значење за државата. Но тоа е само дел од поголемиот комплекс прашања во врска со функционирањето на партиите кај нас и со кусокот демократичност и процедури во креирањето политики, поради што имаме наметнување ставови од партиските врвови врз останатите членови. Овој принцип на работа е особено видлив во односот помеѓу пратениците и Владата, која многу тешко прифаќа амандмански измени на текстот на законот. Владата како да заборава на основните принципи на парламентарната демократија и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Пратениците се тука токму за да се донесат подобри закони, според стручни критериуми и по мерка на граѓаните. Затоа Уставот му дава право на пратеникот да гласа според сопствено убедување и совест.

TEMA1.net: - Каков е политичкиот плурализам во државата, кога раководствата на сите политички партии имаат апсолутно унифицирано мислење во однос на секој збор или знак што доаѓа од меѓународната заедница? Дали тука има проблем и во што се состои?

ПОПОВСКА: - Не би се согласила во потполност со вашата констатација. Разлики во ставовите помеѓу политичките партии постојат, но се забележува една широка неподготвеност за аргументирање на нашите ставови пред меѓународните претставници. Проблемот е делумно во наследената инфериорност и послушнички менталитет кај некои субјекти, но и во недоволната политичко-правна поткованост на речиси сите. Тука повторно го допираме прашањето за функционирањето на партиските елити, кои или немаат желба за консултации со експерти по одредени прашања, или се бараат експерти само за покритие. За волја на вистината, од меѓународната заедница доаѓаат и ставови и пораки со кои и не треба да се спори, зашто се во интерес на нашата земја.

TEMA1.net: - Дали одлучувањето во Собранието на Република Македонија е само проста математика сведена на бројката на пратеници од позицијата и опозицијата?

ПОПОВСКА: - Најчесто, да, со ретки исклучоци. Пречесто се заборава улогата на Собранието како народен дом во кој треба да се чуе гласот на народот. Парламентарната демократија е скапа, но и скапоцена процедура, која ги заменила времињата на царските одлуки, кои со барабан ги разгласувале царските телали низ земјата.

TEMA1.net: - Своевремено, еден Англичанец изјавил: “Педесет години седев во Вестминстерската палата и се изнаслушав илјадници говори. Мал број од нив го променија моето мислење, но ниту еден моето гласање!“. Дали тука има паралела со ова Собрание?

ПОПОВСКА: - Да, има паралела во начинот на функционирање, но не и во степенот на конституираност на државата. Ние сме сеуште во процес на изградба на одржлив систем, кога разногласието може само да придонесе за изнаоѓање подобри решенија. Англискиот парламент воопшто не бил досадно ускладен во почетоците од своето постоење.

TEMA1.net: - Факт е дека Република Македонија е во врвот на земјите во кои силно е присутен криминалот, како што се корупцијата, организираниот криминал, злоупотреба на службената положба, грабежот на државниот имот... “Одговорноста“ за тоа е содржана само во апстрактните фрази за справување со криминалот. Зошто?

ПОПОВСКА: - Сеуште немавме изградено ефикасна правна рамка за контрола и санкционирање на тие појави. Особено погубно, пак, делуваше партизацијата на судскиот систем што се негуваше со години и каде чесните и одговорни судии многу тешко функционираа. Добро е што законската рамка е речиси готова и одлично е што судиите веќе нема да бидат избирани од Собранието, туку од својата фела. Очекувам тоа да го подигне дигнитетот на судството, но и на граѓаните. Нема силна држава без почитување и спроведување на правото. Но, еве еден пример каде меѓународната заедница изврши позитивен притисок врз нас да се зафатиме здраво со судските реформи, како предуслов за позитивен одговор за стекнување статус на кандидат за влез во Европската Унија.

TEMA1.net: - Дали во овој период македонските интелектуалци ја извршија својата историска задача, ако се има во предвид фактот дека голем дел се определија да ги спроведуваат налозите на свиоте господари – “господата политичари“? Дали интелектуалецот, кога ќе стапеше на политичка функција, остануваше интелектуалец?

ПОПОВСКА: - Има различни примери и не би можело да се генерализира. Ако треба да извлечам заеднички именител, би рекла дека не сите интелектуалци успеаа да си останат доследни на себеси. Но да не заборавиме дека првата експертска влада на самостојна Македонија беше составена токму од исклучителни интелектуалци кои ги направија пресудните чекори за македонската назависност. Има и други позитивни примери, како на пример професорката Гордана Силјановска. Таа даде исклучителен придонес за конституирањето на локалната самоуправа, како експерт по таа проблематика при Советот на Европа, но и како министерка во владата што го покриваше тој ресор. Подоцна, како деполитизиран интелектуалец, таа е секогаш на браникот на македонските стратешки интереси, не штедејќи се себеси. Но, за жал, има и лоши примери, кои сите ги знаеме и јас не би ги спомнувала.

TEMA1.net: - Да минеме на други теми. Надвор од политичката сцена, во животот – која е Лилјана Поповска?

ПОПОВСКА: - Сопруга и мајка на син од осум години, активист во граѓанското движење, пријателка и другарка на многумина. Живеам динамично, работам паралелно повеќе работи. Имам стабилен брак, разбирање и поддршка од сопругот, но и од пошироката фамилија. По природа сум отворена и непосредна, им верувам на луѓето и сакам да го најдам и да го поттикнам доброто во секој човек. Верувам во Бога.

TEMA1.net: - Кои се твоите други активности, како го минуваш слободното време, кој е твојот круг во кој ја наоѓаш релаксацијата и малите задоволства на секојдневието?

ПОПОВСКА: - Слободно време имаме главно за викенди и тогаш се дружиме со пријатели или роднини. Најблискиот круг ни’ се пријатели со кои сме скоро четврт век. Најмногу сакам прошетки во природа, во зеленило и покрај вода. Одвреме навреме ми треба гужва, многу луѓе. Сакам да се дружам, сакам да танцувам со мажот ми, да заиграм оро каде и да е.

TEMA1.net: - Дали имаш време да ги следиш културните и уметничките настани и достигнувања во Македонија – театар, музика, изложби...?

ПОПОВСКА: - Делумно, но многу помалку од порано. Јас бев вљубеник во театарот и не пропуштав ни една претстава, ни домашна, ни гостување.

TEMA1.net: - Пишуваниот збор – книгите, претпоставувам, се убавите нешта во твоето слободно време. Што сакаш да читаш, што читаш и што би препорачала да се прочита?

ПОПОВСКА: - Имам прочитано многу книги во животот, но последниве години и тука имам пропусти. Морам да признаам дека повеќе читам наменски, како дел од она што ми треба за работа, отколку за релаксација. Би препорачала да се прочита “Македонскиот јазол“ од Ханс Лотар Штефан, поранешен германски амбасадор во Македонија. Тоа е книга што треба да ни’ даде сила да се бориме за својата вистина. Зашто, како што вели тој, “ако Вие не го сторите тоа, нема кој да се бори за Вас. Сега е време да се разврзе македонскиот јазол. Треба да викате, наместо да шепотите. Треба да трескате, наместо да одите на прсти“.

TEMA1.net: - Дали постои историска личност на која и’ се восхитуваш и зошто?

ПОПОВСКА: - По природа не сум идолопоклоник, сметам дека никој не е совршен. Но ги ценам луѓето што оставиле траги зад себе – како дело, како мисла. Од нашата историја посебно го почитувам Крсте Петков Мисирков. Голем стратег, интелектуалец, патриот и борец за Македонија. Саможртвено работел за иднината на својата земја и тогаш кога не бил разбран и поддржан од средината. Но оставил дела кои се темели на македонскиот јазик, култура и самобитност. Има и многу други големи луѓе од нашето минато. Што се однесува до светските личности, би ги спомнала Ајнштајн и Бетовен. Господ им дал ум и талент на кои треба да им се поклониме.

TEMA1.net: - Што те прави особено среќна и кој е моментот на најголемата радост?

ПОПОВСКА: - Најсреќна ме прави моето семејство. Но моментот на најголема среќа за мене беше објавувањето на резултатите од референдумот за самостојност на Македонија, на 8-ми септември вечерта. Ми се оствари сонот за кој дури ни не верував дека ќе го видам остварен. Со мажот ми се радувавме, плачевме и танцувавме до рани зори на плоштадот во Скопје.

TEMA1.net: - Одговори на прашања кои понекогаш себе си ги поставуваш?

ПОПОВСКА: - Ќе ја биде ли Македонија? Ќе ја биде, има работи што треба да се издржат и за кои вреди трудот и влогот.

 

Прашањата ги подготви: Злата АРСЕНИЕВСКА

____________________