ИНТЕРВЈУ

24.7.2005

Лилјана РИСТОВА
главен уредник и основач на весникот МАКЕДОНСКИ ВЕСТИ во Канада

ПРОБЛЕМОТ НА РАЗЕДИНЕТОСТ НА МАКЕДОНИЈА!

● “...ние се соочуваме со проблем на разединетост на територијата, иселениците доаѓаат од четири дела на Македонија, така? Сите ние таму сме Македонци...

TEMA1.net: - Госпоѓо Лилјана РИСТОВА, во овие жешки јулски денови престојувате во Македонија, доаѓајќи од далечната Канада. Кои се поводите за да се мине долгиот пат и да се дојде под ова сонце?

ЛИЛЈАНА: - Првиот повод за доаѓање во Македонија секогаш е носталгијата. И јас, како и сите иселеници, живеам цела година и чекам да дојде летниот перод за да ја посетам Македонија, за да видам што се случува, што е ново, бидејќи случките и настаните во Македонија очигледно се менуваат од ден во ден, а тоа се случки и настани кои се одлучувачки. Тоа е едниот повод. А другиот е да си го видам семејството, да си ги видам пријателите. Во исто време кога доаѓам во Македонија, јас не ја посетувам само Републиката, секогаш се обидувам да најдам време да ги посетам и другите делови на Македонија. Така овој пат ги посетив и моите пријатели од ВИНОЖИТО – политичката партија на Македонците во Егејскиот дел, како и редакцијата на македонскиот весник ЛОЗА кој излегува во Солун на грчки јазик. Тоа е поводот за мојата посета. Имав и некоја друга цел, да правам интервјуа. Ми се причини дека ситуацијата во Македонија е толку конфузна со сите овие актуелности кои се случуваат, со сите овие превирања, кои можат да имаат катастрофални последици. Јас, да бидам искрена, се обидов да се јавам на неколку наши политичари, скоро на сите телефоните им беа исклучени. Можеби тоа беше случајно или не, не знам, така што тој контакт не ми успеа. Направив и ќе направам неколку репортажи од кои едната ќе биде за градот Скопје. Воопшто немам намера тоа да биде пишувана репортажа – тоа ќе биде репортажа само во слики, бидејќи сликите доволно зборуваат сами за себе. Од минатата година забележав, дека Скопје се претвора во нов Бејрут, Скопје е поделен град во суштина, што за мене како Македонка е едно страшно сознание, бидејќи поделбата на Скопје за мене значи дека во иднина постои голема можност и самата држава да биде поделена.

TEMA1.net: - Со неколку збора да се претставите – која е Г-ѓа Лилјана Ристова?

ЛИЛЈАНА: - Јас потекнувам од Гевгелија. Во Канада заминав во 1989 година и веднаш се вклучив во повеќе македонски активности и во најголемата македонска заедница во Канада. Тоа е, значи, македонска заедница која живее во Онтарио. Значи, зборуваме за Македонците кои живеат во Онтарио, во провинцијата Онтарио. Уште од самиот почеток се вклучив во активностите на организацијата ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ, чиј член сум и самата. На почетокот не бев член, тогаш бев скоро дојдена. Меѓутоа, паметам кога тогашниот претседател на организацијата, Стив ПЉАКАС, во една случајна средба дојде до заклучок дека јас сум најпогодната особа која би ја читала Декларацијата на мирниот протест за поддршка на ОМО ИЛИНДЕН од Пиринскиот дел на Македонија, која тогаш штотуку беше формирана како организација на Македонците надвор од Република Македонија. Јас ја прифатив таа понуда, ја читав Декларацијата на тој мирен протест, односно дадов поддршка на таа новоформирана организација чиј претседател и основач беше Јордан КОСТАДИНОВ, со кој сум пријател и ден-денеска. Декларација, нормално, беше читана и на англиски јазик, а ја читаше Георги РОБЕВ од село Баница, леринско, еден од децата-бегалци од граѓанската војна. Набрзо се заинтересирав и за етничкото новинарство, бидејќи Канада, како мултиетничка и мултикултурна земја, според својот Устав пружа големи можности и навистина ги обезбедува сите демократски права, било да сте родени таму, било да сте дојдени, било да сте припадник на друга етничка група. Постои и здружение на канадските етнички новинари и јас станав член на тоа здружение. Станав репортер, па и водител на една македонска ТВ-програма. Набргу почнав да пишувам за тогашното гласило на организацијата ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ, кое за жал денес излегува само двапати годишно. Во меѓувреме станав и дописник на некои македонски неделници тука, во Македонија. Пред три години донесов одлука да започнам со издавање на сопствен весник.

TEMA1.net: - Вие сте главен и одговорен уредник на весникот МАКЕДОНСКИ ВЕСТИ. Да ни кажете нешто повеќе за тоа?

ЛИЛЈАНА: - Да. Јас сум не само главен и одговорен уредник на весникот МАКЕДОНСКИ ВЕСТИ, односно CANADIAN-MACEDONIAN NEWS на англиски јазик, бидејќи повеќето текстови излегуваат, односно да речеме пола-пола текстовите се на македонски и на англиски, јас сум и издавач на тој весник. Јас сум основач и издавач на тој весник. Имам неколку соработници, за среќа, бидејќи весникот се финансира само од реклами. Ова е еден мал проект, кој е и ден-денес тешко да се изведува од причина што не постои, а и немам никаква финансиска поддршка ниту од нашите црковни општини, ниту од организации, така да се изразам. Значи, финансиите исклучиво доаѓаат од мали бизниси. Имам неколку пријатели кои пишуваат на англиски јазик. Англискиот јазик мора да биде застапен во весникот од причина што ние имаме втора и трета генерација Македонци кои живеат таму и кои не владеат со македонската азбука. Ќе забележите дека не велам кирилица туку македонска азбука, бидејќи сметам дека тоа е правиот назив за нашата азбука. Значи мора да има текстови на англиски, и, реков, заради помладата генерација, односно втората и третата, како и заради најголемиот број на иселеници кои доаѓаат од егејскиот дел на Македонија, и кои живеејќи во услови на една геноцидна политика од страна на грчката влада, немале никакви услови да ја научат македонската азбука. Тоа е причината што весникот објавува и текстови и на англиски јазик.

TEMA1.net: - Кои се темите и содржините што се обработуваат во весникот?

ЛИЛЈАНА: - Клучни теми во весникот, што е и крајна цел, во суштина се македонските човекови права, како и античкиот период од македонската историја, зашто сметам дека таму е основата, од таму треба да се тргне кога се зборува за Македонија како држава, како народ, како нација, како посебна култура, па и цивилизација. И самата сметам дека Македонија била во суштина цивилизација, можеби и прва европска цивилизација. Тоа се прашања за нашите историчари и за нашите академици. За жал, нив тоа очигледно не ги интересира. Тоа е една опширна тема и јас самата во колумната што ја пишувам во весникот, неколку пати ги имам критикувано македонските академици, кои не мрднуваат, за жал, во македонската историја поназад од седмиот век, што е катастрофално, што е апсолутно непростиво. Мислам дека, ако тоа не го исправат во најскоро време, македонскиот народ нема никогаш да им прости, зошто на тој начин тие во суштина прават услуга на оние кои сакаат да не избришат од лицето на земјата. Значи тоа се главните теми. Во исто време, нормално, застапувам култура, ги покривам настаните во македонската заедница во Онтарио, и во Канада пошироко, зашто имаме и една мала заедница во Монтреал, на пример. Значи настаните во заедницата, потоа за религијата имам една-две страници, што е клучна компонента за потврдување на идентитетот. Значи сите тие важни теми, кои би помогнале нашиот народ да не се асимилира, достоинствено да живее во една друга земја, да се афирмира без комплекси на пониска вредност, бидејќи од тој синдром никако не можеме да се оттарасиме. Тоа се главните теми.

TEMA1.net: - На американскиот континент, во Канада и САД, постојат повеќе македонски организации и црковни општини. Какви се нивните активности, во кој правец се насочени?

ЛИЛЈАНА: - Јас самата, како најактивна и најпозитивна во овој момент би го нагласила Македонското движење за човекови права во Канада, чиј претседател е Бил НИКОЛОВ, по потекло од село Желево, леринско. Потоа би го нагласила постоењето на организацијата Обединети Македонци, која постои повеќе од четири децении, и која одиграла исклучително позитивна улога во зачувување на културните и националните особености на македонските иселеници на Северно-американскиот континент. Потоа, постојат помали здруженија, од кои би го издвоила како најсилно Леринското околиско друштво, кое ги обединува сите лерински села, чиј претседател е Ристо СТЕФОВ од село Ошчима, леринско. Потоа, секое село си има свое друштво, секој град си има свое друштво. Обично тие помали друштва се собираат и на тој начин ја издржуваат носталгијата спрема родниот крај. Имаме црковни општини. Во Торонто централна црковна општина е црквата Свети Климент Охридски, потоа постои црквата Свети Димитрија Солунски во Маркам, тоа е градче во околината на Торонто каде што живее голема група Македонци и таму постои доста голема македонска заедница. Потоа, во малото градче Ејџакс, во околината на Торонто, каде што постои црквата Света Недела и во неа се собираат Македонците од тој дел, тоа е регионот Дурам. Имаме црква и во Мисисага, тоа е приградска населба во Торонто. Би сакала да ја нагласам црквата во Мисисага, тоа е црквата Свети Илија, која пред неколку години изгоре во многу мистериозни околности и никогаш не беше даден одговор како изгоре црквата. Меѓутоа, и верниците и свештенството и управниот одбор, фолклорната група, се за секоја пофалба, од причина што тие продолжија со активностите во една службена бизнис-зграда во Мисисага. За среќа, новата градба на црквата Свети Илија ќе биде осветена токму на патрониот ден на самата црква, значи на Илинден оваа година, значи за кратко време.  Би сакала да кажам дека, токму за оваа црква, и покрај тоа што егзистира во најлоши услови, токму од таа црква јас, и весникот Македонски Вести, добиваме најголема поддршка, и финансиска и морална поддршка, за разлика од другите црковни општини. А јас, и понатаму продолжувам весникот бесплатно да го разнесувам по сите наши црковни општини. Во исто време весникот го испраќам до сите бизниси кои ме спонзорираат, значи и преку реклама. Го испраќам и до сите македонски здруженија и поединци, активисти за човекови права во трите други делови во Македонија – Егејскиот, Пиринскиот и делот на Македонија во Албанија. Сакам да кажам дека има цркви и во Хамилтон и во Виндзор. Уште да додадам, постои црква Свети Наум во Хамилтон, тоа е еден поголем град во кој е сместена канадската тешка-метална индустрија, каде постои една поголема македонска заедница. Значи, тоа е уште една црковна општина. Имаме црковна општина и во градот Виндзор, кој е оддалечен од Торонто околу пет часа возење со автомобил, односно кој од Детроит во САД е поделен само со река, со граница и со мост.

TEMA1.net: - Какви се релациите и соработката на македонските организации и нашите иселеници во странство, со Република Македонија?

ЛИЛЈАНА: - Ова е најделикатното прашање и секогаш предизвикува лутина кај мене и незадоволство кај секој иселеник, бидејќи поддршка од државата Република Македонија немаме никаква. Мостовите воопшто не постојат. И, ако постоеле порано, мостовите се срушени комплетно. Сеуште знам дека постои формално Агенција за иселеници, која воопшто не е присутна во иселеништвото. Исто така, ние само слушаме гласови, а никој не не`информира официјално тоа дека грижата за иселениците наскоро ќе ја преземе Министерството за надворешни работи на Македонија. Меѓутоа и ова е само информација, која вака се шири, како гласина меѓу иселениците. Јас само пред неколку дена, значи за време на мојот престој тука во Македонија, слушнав на ТВ, а потоа видов и во пишаните медиуми, дека македонски иселеници имале средба во Министерството за надворешни работи и на таа средба се дискутирало за врските со иселеништвото, за обновување на врските и за проблематиката општо, која е врзана и постои меѓу Македонија и иселеништвото. Навистина бев многу изненадена, бидејќи јас како издавач на весник воопшто не бев информирана. Знам дека конзуларните претставништва се во надлежност на Министерството за надворешни работи, меѓутоа мене никој не ме информира дека такво нешто постои, иако јас весникот го испраќам и во Македонија. Значи во МНР треба да постои сознание дека постои еден таков македонски весник во Торонто и јас сметам дека и јас би требало да бидам повикана на еден таков собир. Јас воопшто не знам кои биле тие луѓе, кои се тие претставници, и тоа предизвикува непријатно чувство, не само кај мене, а и кај другите иселеници. Значи се чувствуваме изолирани и отфрлени.

TEMA1.net: - Дали постои и каква е соработката меѓу македонските организации во Америка, Европа, Австралија и во соседните земји на Република Македонија?

ЛИЛЈАНА: - За жал, одговорот пак ќе биде незадоволителен, негативен. Соработките се минимални, многу мали. Еве, јас пак ќе започнам со мојот весник. Во Њу Џерси, неодамна, пред неполна година дена би рекла, почна да излегува Македонски Весник, чија редакција јас веднаш ја контактирав и предложив соработка, така да ние вршиме размена на информации од тој момент. Тие веднаш ја прифатија соработката, односно прелогот за соработка, и вршиме размена на информации, што е многу позитивен гест и од моја и од нивна страна. Постои Движење за човекови права во Њу Џерси, меѓутоа јас како член на Македонското движење за човекови права во Торонто, навистина не знам каква е соработката на тоа ниво, од причина што гостин на тоа Движење беше Ефтим МИТРЕСКИ, претседателот на Здружението на Македонците Албанија, кој не не посети нас во Торонто. Е, сега, не сакам погрешно да ме разберат, не знам дали се работи за грешка, за пропуст или за недостаток на соработка. Можеше да дојде и во Торонто и штета е што не го посети и Движењето за македонски човекови права и во Торонто. Да кажам искрено, сметам дека сум една од подобро информираните иселеници кои живеат во македонската заедница во Канада, во Онтарио, и ако ме прашате какви македонски здруженија постојат во САД, јас воопшто не би знаела ништо да ви кажам за нив. Без оглед колку пати сум се трудела да пратам e-mail, никогаш не ми било одговорено. Сум праќала весници и до македонските црковни општини во САД, а ми се чини дека немам пропуштено ниедна црковна општина, никаков одговор не добив. А што да зборуваме тогаш за соработката на македонските организации од тој континент, со македонските организации од другите континенти, кога ние немаме меѓусебна соработка, а живееме на ист континент.

TEMA1.net: - За што се работи?

ЛИЛЈАНА: - За што се работи! Сметам дека проблемот е во неорганизираноста, нестабилноста на Македонската држава.

TEMA1.net: - Што очекувате, каква помош очекувате од Македонската држава?

ЛИЛЈАНА: - Од Македонската држава очекуваме помош во смисла да не сметаат и да не третираат како интегрален дел на народот кој живее во Република Македонија. Ние сме интегрален дел на оваа нација, на овој народ, без оглед што сме иселени надвор од територијата на Македонија. Секоја човечка судбина е различна и специфична сама по себе. А ќе ви кажам слободно дека повеќето иселеници ја напуштиле Македонија не по своја волја. Дури и јас самата кога заминав во 1989 година, тоа беше пред почетокот на распадот на Југославија, сум доживувала своја лична драма, нели? Знаеме дека поголемиот дел од иселениците се од Егејскиот дел на Македонија, протерани од тој дел, од нивните домови, посебно во бранот на бегање и протерување од граѓанската војна во Грција. Значи ние се соочуваме со проблем на разединетост на територијата, иселениците доаѓаат од четири дела на Македонија, така? Сите ние таму сме Македонци. Она што тука во Македонија нема да го слушнете, ќе го слушнете таму – таму Македонија нема граници. Македонија има граници само тука, Македонија има граници за Македонците кои живеат во Република Македонија. Меѓутоа, за иселениците Македонија нема граници. На некој начин јас сега ја спомнувам и целта на мојот весник – во овој весник што јас го издавам, административните граници на Македонија не постојат. Значи, затоа јас и покривам теми кои се однесуваат на сите Македонци, во сите делови на Македонија. Од Република Македонија сите ние очекуваме, па и оние кои се од другите делови на Македонија, како што реков, да не третираат како еден интегрален дел, очекуваме да имаме право кога се гласа да ни се овозможи гласање, како што тоа го прават другите држави за своите иселеници, очекуваме интензивни контакти, очекуваме поддршка, очекуваме информирање за она што се случува во државата. Едноставно, ние се чувствуваме дел од оваа земја и дел од овој народ. Значи, се што се случува во Македонија, не засега исто колку што ве засега и вас кои живеете во Република Македонија. И, тоа е тоа. За жал, државата досега нема покажано никаков интерес. Исклучиво се бара и се потенцира евентуално финансиско инвестирање од страна на иселениците. Меѓутоа, бидејќи незадоволството е големо, се наидува на отпор кај иселениците во тој поглед, иако дел од нив би сакале да инвестираат во Републиката. Меѓутоа, барањето за инвестирање звучи, изгледа како некоја перфидна игра да се земат парите од нас, а во исто време ние сме отуѓени, не третираат како туѓинци.

TEMA1.net: - Да преминеме на полесни теми – приватниот живот, слободното време...?

ЛИЛЈАНА: - Да се живее во една западна капиталистичка земја, посебно на Северно-американскиот континент, можам да ви кажам дека слободно време имам многу малку. Понекогаш го немам воопшто. Јас работам на весникот, бидејќи јас сум авторот на текстовите кои излегуваат на македонски јазик. Во суштина, така јас го поминувам своето слободно време, пишувајќи ги текстовите, организирајќи други работи, посетувајќи настани во врска со тие текстови, разговарајќи со луѓе, правејќи интервјуа, разнесувајќи го весникот... Ете тоа е моето слободно време. Да бидам искрена, многу малку слободно време наоѓам да се сретнам со пријатели. И, ако се сретнам со пријатели, ако најдеме време, тогаш одиме во единствениот македонски ресторан кој постои во Торонто, тоа е ресторанот МАДЕРА, кое е едно прекрасно место, со прекрасна македонска музика, староградска македонска музика. Интересно е тоа што голем дел од гостите се не само Македонци, туку и луѓе кои живеат во Торонто, меѓутоа потекнуваат од другите балкански земји, од Србија, Бугарија, Хрватска и т.н. Па, дури во последно време имам забележано дека и една група млади албанци доаѓаат во тој ресторан. Тука има навистина една прекрасна атмосфера и секогаш кога одам таму, кога ги гледам тие луѓе, тоа е еден мал Балкан да речам, собрани на едно место, доаѓам до еден заклучок дека сите неслоги тука на Балканот се наметнати за остварување на туѓи интереси. Тоа знаеме, нели, и тоа е една историја која се повторува подолг временски период. Зашто, кога истите тие луѓе ќе се најдат некаде во туѓина, тие се бараат меѓу себе и се дружат меѓу себе. Јас ќе ви кажам искрено, една од моите најблиски пријателки е Русинка. Таа само што ме слушна како зборувам, го почувствува мојот акцент и ми се обрати. Од тој момент таа стана неразделна  со мене од причина што таа ја почувствува блискоста. Ние се препознаваме и по акцентите наши. Сите ние кои потекнуваме од Балканот, или од Русија, Украина, Полска, Чешка, Словачка, ние си се препознаваме меѓусебно и ние си се обраќаме меѓусебно како да сме браќа и сестри.

TEMA1.net: - Кои се вашите идни планови?

ЛИЛЈАНА: - Плановите за весникот, уште од самиот почеток, желба ми беше весникот да излегува секоја недела или два пати месечно, зошто сега е месечник. Ќе бидам искрена, весникот излегува веќе три години, а јас сеуште се борам со финансиите да излегува како месечник, на 16 страници. Два-три пати бев принудена да го печатам само на 12 страници. А плановите, ова е повеќе желба во суштина, е да најдам спонзори и весникот да излегува почесто, макар двапати на месец, бидејќи во тој случај континуитетот на информирање би бил подобар. Други поголеми планови немам. Имам син, Јордан, кој има 19 години и кој сега започнува со студирање на факултет за политички науки, игра рагби и т.н. Значи, порасна во една северно-американска атмосфер