ИНТЕРВЈУ

● 23.9.2005
 


Павле ТРАЈАНОВ

екс-министер за внатрешни работи и лидер на Демократски сојуз

КОЈ И ЗОШТО ЈА САБОТИРАШЕ ОДБРАНАТА НА ДРЖАВАТА?

► Ако останев во Владата на Љубчо Георгиевски, конфликт немаше да има, ниту пак Рамковен договор... Огромна одговорност имаат и Бранко Црвенковски и Владо Бучковски...

ТЕМА1.net: - Г-н Трајанов! Деновиве побара предвремени избори. Кои се основните причини?

ТРАЈАНОВ: - Поради исклучително тешката економска состојба, се’ поголемата сиромаштија, кршењето на Уставот, нарушување на уставното начело – еднаквост на граѓаните пред законите, криминалот и корупцијата во кои се вклучени највисоките носители на власта, загрозување на националните и државни интереси, се’ поголемата изолација на Македонија во меѓународните релации, одложувањето на приемот во НАТО, пројавените симптоми на авторитарно владеење... и многу слабиот персонален состав на Владата која е без визии и идеја за промени, за реформи, за доближување до стандардите на ЕУ...

Има многу причини, но едноставно кажано поради тоа што оваа Влада, Македонија ја вовлече во тешка состојба и ја загрозува иднината на Македонија, пред налетот на деструктивните процеси и конкретните активности за федерализација и поделба на Македонија.

ТЕМА1.net: - Ти си не само сведок, туку ја имаш и привилегијата да бидеш и учесник во збиднувањата во Македонија. Во 1991-та, со Референдумот, Македонскиот народ беше на врвот на историскиот подем – се определи за независна и самостојна држава. Кои беа тогашните надежи, верба, очекувања од новото време што доаѓаше?

ТРАЈАНОВ: - Пред и по смртта на Тито, сите странски анализи, меѓу нив и анализите на ЦИА, беа дека Југославија ќе се распадне, дека нема уставни механизми да се надмине кризата после Тито. Тоа сите го знаеја и се подготвуваа за “делба“, освен македонските политичари кои не веруваа дека Македонија може да биде независна, самостојна држава. Сега многумина од тие кои со потсмев гледаа на идејата за самостојна Македонија, кажуваат како се жртвувале за оваа идеја.

Главната битка за Македонија и како идеја но и со конкретни чекори потекнуваше и се реализира од “осумтемина“ суспендирани од МВР. Во појавата на плурализмот, само Љубчо Георгиевски имаше смелост јавно да ја промовира идејата за Македонија, сите други беа за Југославија, за Србија...

Во тоа време имавме бројни средби со Љубчо Георгиевски, Борис Змејковски, Драган Богдановски и др. на кои им дававме цврсти гаранции дека припадниците на републичкиот секретаријат за внатрешни работи се за прогласување на самостојност на Македонија. Тоа на челниците на ВМРО-ДПМНЕ им даваше уште поголема енергија за остварување на идејата која со години тлееше во срцето на секој македонец. Во тоа време РСВР изведе и неколку успешни потфати кои овие процеси дополнително ги зајакна, да нагласам само неколку од нив: прво подготвивме оперативни планови за блокада на касарните на ЈНА, ја одзедовме и дислоциравме воената евиденција од министерството за одбрана, го одзедовме оружјето од магацините на ЈНА во Визбегово и други локации... ја обезбедувавме границата со соседните држави со полициските сили...

Идејата за референдум му ја презентиравме на Љубчо Георгиевски на една средба во домот на Слободан Богоески, но тогаш ВМРО-ДПМНЕ избрза со соопштение за “Трет Илинден“, кое наиде на силен отпор кај СКМ-ПДП и Киро Глигоров... Неизвесноста беше голема, владееше страв кај државниот врв од можна нивна ликвидација, сите до еден шепотеа, гласот им се фаќаше. Но во МВР знаевме сигурно дека Македонија нема да биде спречена да прогласи независност... и тоа се случи, на 8-ми септември 1991 година вековните стремежи на македонците се претворија во реалност, никој не можеше и не може да не спречи да се бориме за македонскиот народ и држава...

ТЕМА1.net: - Во периодот што доаѓаше, се уриваа столбовите на државата! Дали се согласуваш со ова тврдење, и кои беа причините и актерите, како тоа се правеше?

ТРАЈАНОВ: - Македонија беше со силни капацитети пред се’ кадровски, за да опстои и да јакне, но криминалот и корупцијата разорно дејствуваа, партизацијата на државните институции, контролата на капиталот (парите) од страна на десетина “бизнисмени“ исто така имаше негативно влијание, но Македонија најмногу страдаше и страда од несредените меѓуетнички односи, од налетот на албанскиот радикализам и сепаратизам. Конфликтот во 2001 година Македонија ја врати 20 години назад. Најголема вина за таквиот развој имаше државниот врв, кој никогаш не излезе со јасни визии за иднината на Македонија. Постојано имаше конфузија, нерешителност и додворување на албанските радикали, за да се одржат на власт.

Но, и покрај се’ Македонија ќе преживее, има огромен потенцијал, се надевам дека креативните, способните, младите, ќе се вклучат во партиите за да можат да влијаат на процесите што се случуваат и од кои зависи нашето опстојување. За македонските работи треба ние да одлучуваме, ако ја изгубиме државата, ќе изгубиме се’.

ТЕМА1.net: - Твојата личност носи товар на големо професионално искуство и лидер си на Демократскиот сојуз. Кој е, всушност, Павле Трајанов?

ТРАЈАНОВ: - Во МВР се вработив како приправник, а кариерата ја завршив како министер за внатрешни работи. На некои им пречеше мојата решителност за почитување на Уставот и законите и мојата определба никому да не гледам низ прсти ако ја злоупотребува позицијата за лично богатење, а уште помалку ако работи против интересите на државата. Некои луѓе беа оптоварени со мене и се плашеа да се вклучат во криминал, да крадат, слободно да работат за други држави, да го уриваат системот за одбрана и безбедност. Но и покрај се’, никогаш не се откажав од борбата за демократија, за развој и јакнење на Македонија, тоа е и основната причина зошто сум политички активен.

ТЕМА1.net: - Во средината на 90-тите години, се обиде да преземеш акција за спречување на тогаш растечкиот криминал во Македонија. Што се случуваше, на кои и какви отпори и пречки наидовте, од кого и зошто? Кој имаше интерес државните институции да отстапат пред организираниот криминал?

ТРАЈАНОВ: - За весникот “Нова Македонија“ на новинарот Зоран Петров му дадов интервју во кое посочив дека во Македонија има почетни облици на организиран криминал и дека во криминалот се вклучени и министрите од Владата со која раководеше Бранко Црвенковски. Тогаш барав во корен да го сосечеме криминалот, но наместо поддршка, Владата ме разреши од позицијата помошник министер за оперативни работи, по што широко се отворија вратите за корупција во државниот врв, за подоцна да признаат дека организираниот криминал навлегол во сите пори на државата.

За мојата смена, десеттемина бизнисмени притискаа кај Киро Глигоров и кај Бранко Црвенковски, образложувајќи дека полицијата го кочи процесот на приватизација, сакаа и успејаа во тоа, да го разграбат сето она што генерации наназад го создадоа.

ТЕМА1.net: - Во 1998-та ти беше избран за министер за внатрешни работи. Кои битки тогаш се водеа?

Отпочнавме со енергична и ефикасна борба против криминалот, работевме на откривање на атентатот над Киро Глигоров, но нападот над Југославија од страна на НАТО и бегалската криза, ја сменија агендата. Главна преокупација беше да спречиме косовската криза да се прелее во Македонија, да ја одржиме стабилноста на државата и да спречиме хуманитарна катастрофа од напливот на над 500.000 бегалци од Косово.

ТЕМА1.net: - Во 2001-та во Македонија се одигра “конфликтна воена(?) претстава“ против една албанска терористичка групација, по што беше потпишан т.н. Рамковен договор. Која е твојата оцена за тие настани и дали ти би ставил потпис на еден таков договор?

ТРАЈАНОВ: - Ако останев во Владата на Љубчо Георгиевски, конфликт немаше да има, ниту пак Рамковен договор. По мене дојдоа министри за одбрана и за внатрешни работи, кои работеле за други интереси и цели, работеа да ја урнат Македонија. За лошото управување со кризата има вина и кај премиерот и кај претседателот на државата, кои не беа единствени, поради што, Македонија доживеа пораз и капитулација. Огромна одговорност имаат и Бранко Црвенковски и Владо Бучковски, кои ја саботираа одбраната на државата, за Љубчо Георгиевски да не излезе победник и да остане на власт. Тогаш бев осамен во тврдењето дека се води војна за територии, а не за човекови права. Што ми вреди сега тоа што сите го потврдуваат.

ТЕМА1.net: - Се тврди дека Република Македонија е во врвот на земјите според организираниот криминал, корумпираната власт, убиствата... Всушност, кој управува со државата – институциите, криминалците или странските служби?

ТРАЈАНОВ: - Генератор на криминализацијата на државата е Владата. Таа е доминантна и над законодавната и над судската власт. Власта ги расипува сите, посебно алчните. Досега партиите коишто беа на власт не покажаа волја да се справат со организираниот криминал, пред се’ во сопствените редови. Со државата раководат криминалните – бизнис лоби групи, кои ги финансираат партиите што досега доаѓаа на власт. Актуелната Влада води политика на компромиси и попуштање. Ако и натаму се прават отстапки, нема да го видиме ниту НАТО, ниту ЕУ. На Македонија и треба нова политичка сила која ќе управува и ќе ја води државата. Дали ќе дочекаме тоа да се случи времето ќе покаже.

ТЕМА1.net: - Од НАТО пристигна писмо дека за членство во таа организација можеби ќе се почне со разговор во 2008-та. За членство во Европската унија се раскажуваат приказни. Македонскиот народ е на дното. Која е реалната приказна?

ТРАЈАНОВ: - Ниту ЕУ, ниту НАТО, немаат јасна политичка одлука за Македонија. Таа одлука ќе се носи во текот на наредните месеци. Македонија е пред силен предизвик, пред балканска разврска, ако сега преживееме, без некои тешки последици, ќе започнат да дуваат нови ветрови. Отворени се многу прашања, од статусот на Косово, Република Српска, Србија,... сето тоа ќе има одраз и на она што ќе се случува во и со Македонија.

ТЕМА1.net: - Како успејаа на “патот за Европа“ стотина лица да приграбат имот од дваесетина милијарди долари државен и општествен капитал, а милион Македонци да го изгубат и личниот багаж?

ТРАЈАНОВ: - Народот и државата станаа колатерална штета на неколкумина транзициони богаташи и алчноста на политичарите кои докрај ја злоупотребија довербата на граѓаните. Со приватизацијата е направен најголемиот грабеж, но не се запира, сега се подготвува нов – огромен грабеж, продажба на “Електростопанство“, освен без телефони, ќе останеме во темнина.

ТЕМА1.net: - Дали може да се зборува дека во овие 15 години добивме стотина криминални богаташи - спасители и повеќе од милион сиромашни Македонци - жртви?

ТРАЈАНОВ: - Немам ништо против тие што се способни и со работа, знаење и умешност успеале во бизнисот, тие ја имаат мојата поддршка. Но, кај нас профитираа тие што беа блиски со корумпираната власт, на штета на државата и обичните граѓани. Сиромаштијата е огромна, излезот е во воспоставување на столбовите на државата, владеење на правото, економски развој и инвестирање во младите... Само школувани кадри можат да отворат нови процеси. Се вртиме во круг и досега не видовме излез, следните парламентарни избори има шанса да ги раздвижат работите.

ТЕМА1.net: - Дали Македонија има одговорно државно водство, дали тоа водство треба да ја понесе и одговорноста, почнувајќи од кривичната одговорност?

ТРАЈАНОВ: - Три години ги слушавме и Бранко Црвенковски и Владо Бучковски, како за лошите состојби ја обвинуваат претходната власт. Актуелните властодршци грабаат и крадат, правдајќи се дека тоа го правеле министрите од ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето на одговорноста за поразот во 2001 година и високата корумпираност може да биде поставено само ако на власт дојде трета политичка сила, во спротивно, меѓусебното амнестирање ќе продолжи. Дали Македонија може да го издржи ова, е големо прашање?

ТЕМА1.net: - Како гледате на иднината на Македонскиот народ и државата? Има ли надеж за Македонија со ваква власт?

ТРАЈАНОВ: - Македонија ќе опстане, критични се следните 12 месеци, после се’ ќе биде полесно. Со нов парламент, реформирано судство и со влез во ЕУ и НАТО, ќе се разрешат сите дилеми. Иднината е во рацете на народот, не треба повторно да добијат шанса тие што ја распродаваат и растураат Македонија.

ТЕМА1.net: - Твој одговор на прашање што не го поставив?

ТРАЈАНОВ: - Демократскиот сојуз, ги повикува интелектуалците, сите опозиционери, партиите од опозицијата, бизнисмените (се разбира чесните) да се здружиме како “Трет пат“, како политички центар отворен за креативните, да одиме заедно на избори и да победиме. Оваа шанса ако не се искористи, тогаш Господ нека ни е на помош. 

Tema1.net
(Прашањата ги подготви:
Злата АРСЕНИЕВСКА)

________________________

http://www.tema1.net