ИНТЕРВЈУ

 ЈУНИ 2005

Слободан БОГОЕСКИ
Екс-шеф на Државната безбедност на РМ

МАКЕДОНИЈА НЕМА БЕЗБЕДНОСЕН КОНЦЕПТ

Г-н Слободан БОГОЕСКИ говори за клучни настани во минатите години, за безбедносниот систем, за удари врз народот, државата и МПЦ, за актерите... 

 

 

TEMA1.net: Во изминатиот период, по осамостојувањето на РМ во 1991-та, бевте на државни функции од кои можеше да се осознаат сите случувања во државата! Дали македонскиот народ живееше со вистината или со државната измама?

БОГОЕСКИ: - Почетокот на распадот на поранешната СФРЈ, со војните во Словенија и Хрватска, го затекнав како шеф на Службата за државна безбедност на Македонија, на која должност бев од март 1991 до јануари 1997 година. Претходно, целиот работен век го минав во областа на безбедноста. Како непосреден актер и сведок на тие важни настани и самиот денес си го поставувам прашањето – каде исчезна огромната енергија на македонскиот народ и неговиот стремеж, толку силно изразени во почетокот на 90-тите години кога Македонија целосно се осамостои од СФРЈ, за свој државно-правен, национален и културен идентитет. И, како што Вие прашувате, дали нашиот народ живее со вистината или е жртва на измама. Одговорот на овие темелни дилеми, сигурно не е ниту едноставен, ниту еднозначен. Мое мислење е дека македонскиот народ и денеска е оневозможен да ја осознае темелната вистина ниту за тие настани, ниту за подалечното минато и нашите корени, а со тоа не е во можност јасно да погледне кон иднината. Едноставно, од 1990 година до денес, се одвиваа процеси и настани во регионот и во Македонија видени во поблиското и во подалечното минато од нашата историја. За жал, со епилог – секогаш на штета на македонскиот народ.

TEMA1.net: Како се одвиваа тие штетни процеси, низ кои клучни настани?

БОГОЕСКИ: - Во оваа прилика, само фотографски сакам да изложам неколку поважни настани, кои го одбележаа овој период. Прво, во 1990 година беа организирани првите т.н. парламентарни избори во Македонија, тогаш сеуште како република во состав на СФРЈ, кои требаше да го означат патот на промените на системот и да создадат политички, државно-правни можности за осамостојувањето на Македонија. Надежта на народот беше огромна. Таа не беше поврзана со промената на политичкиот систем во рамките на СФРЈ, туку со можноста македонскиот народ да создаде своја, самостојна држава. Поради тоа, најголем дел од народот гласаше за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не го стори заради угледот или авторитетот на новосоздадената партија, туку заради идентификацијата со името “ВМРО“, кое се покажа дека силно живее кај народот, како симбол на вековниот стремеж за слобода, национално и духовно обединување на Македонците на сите територии каде живеат и дека тоа е основниот печат во колективното свесно и потсвесно на Македонците. Но, на првото разочарување не требаше да се чека долго.

TEMA1.net: Во што се состоеше разочарувањето на народот? Кој беше изворот за тоа?

БОГОЕСКИ: - Тогашната политичка номенклатура произлезена од Сојузот на комунистите, извршија т.н. свилен уставен преврат, не дозволувајќи да се создаде политичка влада со македонски предзнак, туку измислија чудесна формула – експертска влада, како природен “проект“. Тоа беше првичниот удар, тргање на еден камен темелник.

TEMA1.net: Што следеше по “свилениот уставен преврат“?

БОГОЕСКИ: - Потоа, со голема брзина течеа другите настани, кои само ги консолидираа антимакедонските сили. По изборот на претседател на Р. Македонија, уследија подготовките за референдум на Македонците, на кој требаше да се изјаснат дали се за самостојна Македонија, како најсилен израз на суверената волја на секој народ, општо признат и прифатен во светот. Но, дел од тогашните лидери, државни и други парадржавни структури, презедоа обемни и интензивни активности референдумот да не успее. Круна стави одлуката на Собранието на Р. Македонија со дефинирањето на референдумското прашање – “Дали сте за самостојна Македонија, со право да се здружи со другите републики и покраини на СФРЈ“. Целта беше да се одвратат граѓаните да излезат да гласаат, укажувајќи во самото прашање дека во суштина и немаат избор. Сепак, во многу драматични околности, овојпат народот победи, на изненадување на тие кои направија се, тој да не успее. Затоа, и прославата на 8 септември 1991 година беше импровизирана, со мал број на учесници, иако над 74 проценти од народот излегоа и гласаа “за“.

TEMA1.net: Македонскиот народ успеа на референдумот! Дали тоа го прекина ланецот на ударите или, пак, се одеше во трагична крајност?

БОГОЕСКИ: - Потоа следеше следниот важен настан – донесувањето на првиот Устав на самостојна Македонија, на 17.XI.1991 година. Наместо, оваа конституција да ги втемели вредностите на македонската државност и зајакне сувереното право на македонскиот народ на свој државен и културен идентитет, тој Устав стана извориште и симбол на нашата несреќа. Перманентно оспоруван, користен од малцинствата како аргумент за нивните бесконечни листи на барања, клучен доказ за легитимирањето на ОНА во 2001 година, како и симбол на деградирањето на државното уредување кое и денес тече. Во суштина, тој беше пресликан југословенски Устав, само со збогатена листа на човекови права. Како таков, ни ги преслика и несреќите од цела бивша СФРЈ. Етаблира концепт на тивко федерализирање на Македонија, Собраниски систем кој е иманација на еднопартиските системи, а не на парламентарна демократија - не е вистина дека имаме Парламент и парламентарни избори - па оттука извира уставната супремација на извршната над судската и законодавна власт, како и промовирањето на малцинствата во етнички заедници и симнување на суверениот македонски народ на ниво на “мнозинска заедница“. Освен тоа, со амандманите од 1995 година, во очи на привремената спогодба од Њујорк со Грција за спорот околу или за името во септември 1995 година, нашето “Собрание“ се откажа од своето знаме, симболи, како и од природното и општоприфатено право во меѓународните односи да се грижи за Македонците во соседните земји и во светот. Ова, нашиот Устав го прави уникатен во светски рамки. Со законите донесувани врз основа на Уставот, се продолжи со кохерентен систем на територијална поделба и децентрализација на власта на локално ниво, кој пак ќе доведе до регионализација на Македонија, иселување на Македонците од општините каде се малцинство, иако генерално процесот на иселување од Македонија интензивно тече со децении.

TEMA1.net: Дали денес може да се констатира дека се разнебитени трите столба на државата – политичкиот, економскиот и безбедносниот?

БОГОЕСКИ: - Кога говориме за Уставот и неговиот концепт, од тоа рамниште говориме и за непостоење на вистински столбови на државата – политички, економски и безбедносен, од аспект на политичкото и економското уредување. На македонскиот народ во суштина му беше оневозможено да ги изгради, бидејќи тие го поткрепуваат и силно изразуваат неговото суверено право на свој државен идентитет. Со оглед дека ова е посебна тема, за која можат да се напишат цели томови, мислам дека е илустративно за дијагностицирање она што се случуваше во безбедносниот систем.

TEMA1.net: Да, што се случуваше во безбедносниот систем во Македонија?

БОГОЕСКИ: - Ние и денес немаме безбедносен концепт, па затоа немаме ни автентична безбедносна стратегија ниту оперативен капацитет за одбрана од внатрешни судири или агресија. Тоа, најболно го почувствувавме 2001 година. Мали групи на недоволно обучени припадници на ОНА, ја поразија македонската одбрана и полициските сили. Тоа е факт од кој не можеме да побегнеме. Не треба македонскиот народ дополнително да го трауматизираат поединци, самонаречени бранители, туку со отворени очи да се присетиме и запрашаме – зошто тоа се случи!? Како прво, сите одговорни државни раководители и денес се мачат да неубедат дека сеуште не знаеле што се случило 2001 година и се лицитира со карактерот на војната. Најнапред Собранието на РМ во 2001 година одби да ја дефинира војната со вистинското име, а со тоа да ги донесе соодветните одлуки за воени околности и состојба. Војната ја нарече “активност на албански политички екстремисти“ иако тие јавно ги промовираа своите воени и политички цели. Не треба напор да се сетиме кој беше мнозинство во Собранието и кои беа нашите челници во тие моменти. Жалосно беше да се гледа немоќта, незнаењето и глумењето на божемна борба од тогашните најодговорни државни функционери и покрај тоа што најголем дел од единиците беа составени од припадници-доброволци кои вистински ја сакаа својата татковина. Но, недоволно обучени, опремени, без водство, тие беа обични подвижни мети за терористите. Клучното прашање е: зошто беше така.

TEMA1.net: Зошто беше така?

БОГОЕСКИ: - Зошто перманентно беше растуран безбедносниот систем и отстранувани високопрофесионалните кадри, кои беа со нагласено изграден македонски патриотизам, високо респектирани не само во регионот туку и низ Европа. Таканаречената левица тоа го чинеше со образложение дека тие се “ВМРО“ (а беа само патриоти), а ВМРО-ДПМНЕ изведе монструозен погром на македонските кадри во безбедносниот систем со истото образложение – дека расчистува со стари, србо-комунистички структури. Не мал беше бројот на луѓе од улица или од затворите, што беа поставувани на нивни места. Сигурно е дека не се работеше ниту за идеолошки или политички судири на “левица“ или “десница“, ниту пак за незнаење на луѓето кои го предводеа ова. Се работи за антимакедонска концепција за која нема разлика меѓу нив. Разградувањето беше целосно, а поразот неминовен. Денес, 14 години после осамостојувањето на Р.Македонија, никој и не го поставува прашањето – зошто во безбедносните служби и одбраната на РМ нема ниеден од тие кои го изнесоа најтешкиот товар при осамостојувањето и кои изградија високопрофесионални институции, обезбедија мир и стабилност и зошто тие кои во тој период работеа против безбедноста и одбраната на Македонија, со години наназад се на врвни должности во овие ресори, како кадри на “левицата“ или “десницата“.

TEMA1.net: Дали македонскиот народ има водач?

БОГОЕСКИ: - Македонија, за жал нема водач. Ниту можела во минатите децении да го има. Колку радикално да звучи оваа констатација, од неа не можете да побегнете. Тоа е една од трагичните симболики на нашата судбина. Водачот пред сесимболизира мудрост, знаење и идентификација со големото цивилизациско наследство на Македонија и Mакедонците. Тој го изразува и спојува единството на народот со неговите стремежи и перспективи. Тоа не значи дека нема такви Mакедонци, туку само дека немало услови таков да се создаде. Сите се прашуваме зошто е така!? Пред се, сите наши соседи и некои други сили прават седа не дојде до единство меѓу Mакедонците и до промовирање на водач во вистинска смисла. Функцијата претседател на држава или премиер очигледно не значат и водач. Македонците не можат да ги промовираат своите вредности во сопствената држава, а да не говориме за македонските граѓани во светот на кои им е оневозможено да гласаат на избори, освен на резидентните жители кои во последната година имаат престојувалиште во Македонија. Сето тоа е дел од еден долгорочен концепт чија цел е контрола на ситуацијата во Македонија, а за кои потреби постојано ни се октроираат лажни Mакедонци, како водачи. Мислам дека е дојден денот, Mакедонците во Македонија и секаде во светот да покренат иницијативи за семакедонска акција која прво ќе ја има за цел да ја промени состојбата во Македонија, па дури потоа може да се надева на позитивен исход во борбата за реафирмација на македонскиот државно-правен и културен идентитет во меѓународните односи. Нашата изворна болка и мака е внатре во Македонија, а дури потоа е надворешно влијание.

TEMA1.net: Дали интелектуалците во Република Македонија ја извршија историската задача или се само слуги на т.н. политичари?

БОГОЕСКИ: - Дел од темата за отсуство на водач, е и немањето, барем на прв поглед, македонска интелигенција. Веднаш да кажам, со гордост дека, ако под интелектуалци и интелигенција подразбираме мислечки луѓе, Македонија и Mакедонците се темелниот камен на европската цивилизација. Прапочетоците на космогонијата, класичната теологија, првото организирано писмо и јазик, поимањето на филозофијата, астрономијата, државата, правото и.т.н. потекнуваат од Македонија и Mакедонците, тогаш трагично е штом денес си го поставуваме ова прашање. И денес, на сите континенти во светот постојат недоброени врвни светски имиња на Македонци, од областа на науката, филозофијата и уметноста. Но, кога говориме за т.н. институционална интелигенција изразена како универзитет и научно-образовни институции, сликата е жална. Со исклучок на поединци, овие институции наместо да бидат предводник на колективниот дух на народот и симболи на нашиот идентитет, тие се заробени во концептот на лагите во XIX и XX век за потребите за владеење со Балканот. Тие сеуште се чувари на бизарните лаги дека ние сме дојденци на својата територија како Словени во 6 и 7 век, а другите жители се староседелци. Оваа никогаш неоспорена, провидна, но голема лага, сеуште нашите деца ја учат во училиште или на универзитетот. Тоа им даде за право на туѓинците кои се доселувани во Македонија пред светот да се легитимираат и да добијат поддршка во борбата за “ослободување“ од Славомакедонското ропство.

TEMA1.net: Лагата никогаш не оди сама...?

БОГОЕСКИ: - Втората голема лага е учењето за јазикот, писмото, културата и религијата на Македонците. “Нашата“ официјална наука и натаму упорно публикува лаги дека македонскиот јазик и писмо постојат од 1945 година наваму, дека археолошките артефакти најдени во Македонија се хелинистички или подоцна римски, па турски и.т.н., но ништо немало македонско. Вистината, секако не е тоа. Нема планина или рид во Македонија на кој нема населби од неолитот до денес, како никаде на друго место во светот, со милиони артефакти за писмото, културата, државноста на Македонците на овие простори, чија старост допира до 10.000 год. пред новата ера. Но за нашата наука тоа што го гледа пред своите очи не е веродостојно, туку постојано ги публикува странските антимакедонски пропаганди за измислените хелинистички, римски и други култури на овој простор. Затоа, кај нас денес непријателите на Македонија се на врвен пиедестал на вредностите и се слават како големи дејци и херои од старата и поновата историја, а нашите вистински херои се прикажани или како предавници или се молчи за нив. Секако дека ова не може да го чинат вистински Македонци. Затоа, нам ни е нужно отворање на автентичната историја, историјата на гигантската Македонска цивилизација на чии темели почива и современиот свет.

TEMA1.net: Деновиве се зајакнуваат ударите врз Македонската Православна Црква. СПЦ инсталира своја мрежа во Р. Македонија со давање “томос“ на некаква “Охридска архиепископија“. Каде води тоа?

БОГОЕСКИ: - Кампањата на соседните православни цркви за негирање на правото на автокефалност на МПЦ особено се интензивира по 1991 година, односно по осамостојувањето на Македонија. Во суштината на кампањата е борбата против македонскиот духовен, културен и државно-правен идентитет, а не канонскиот статус на МПЦ. Ако се знае дека православните цркви се организирани на принципот нација-црква и дека православните цркви на балканските земји, освен македонската, се создадени во деветнаесетиот век, периодот кога се создадени и државите-протекторати на тогашната Австро-Унгарија, јасно е дека сешто се чини од овие цркви против нашата МПЦ е дел од севкупната кампања против Македонија и Македонците, на чие наследство тие постојат. Но за да добиеме појасна слика за корените и целите на оваа кампања против МПЦ, нужно е да погледнеме назад, во историјата и пред XIX век и да видиме има ли било каков основ во каноните на православието ова што се презема против МПЦ.

TEMA1.net: Што говори историјата, колку далеку треба да се оди во времето?

БОГОЕСКИ: - Темелниот столб на крестјанството - преименувано во христијанство - е вербата во Бога и љубовта на човекот, онаков како што го створил Господ. Господ е еден и постојано неизбавува од нашите грешки, а Богочовекот Кресте Исаиов - Јосифов е негов Син, неговата светлост кој ни го покажува патот на овој свет. Со него почнува Новиот Завет и затоа е важно да се знае кој е вистинскиот Исус Христос (грчко-католичка верзија на неговото реално име). Тоа е реална личност, со татко Исаија (Јосиф) и мајка Марија, сопруг на Марија (Магдалена), по потекло од Назарет, потомок на македонска благородничка лоза, во тој дел на Антиохиска Јудеја. Името му е Кресте, според автентичните записи од тој период, и означува “светлина“, или во современиот јазик Крсте – Кресте. Тој не е ниту Евреин, ниту “хелен“. Воспитан и образуван во духот на Светото Писмо, Стариот Завет, пишувано во првата половина од III век пред нашата ера на македонски јазик од тогаш најголемиот мудрец, Mакедонецот од Александрија, Димитрија Фелерус. Налогот да ја кодифицира првата Библија го добил од македонскиот цар на Египет Птоломеј Филаделфие, кој владеел од 284-246 година пред н.е., за потребите на царската библиотека во Александрија каде Димитрие бил главен библиотекар, што било највисока титула и чест во тоа време. Важно е да се истакне дека во неговата книга на Создавањето, Стар Завет, Димитрија наведува дека се обидел со оваа книга, во 24 евангелија, да ја унифицира верата на Македонците, за која пред него 2000 години биле напишани илјадници книги, со разни верзии, како што се равивале јазикот и писмото. Значи, крестјанството не произлегло преку ноќ, туку во него се изразени етички вредности, знаења од областа на науката, филозофија и уметноста, најмалку 5000 години пред нашата ера. Темелот на религијата е македонската космогонија и теологија, за што говорат и имињата на првите богови - сите се по потекло Македонци или Тракијци, и етимолошки се објаснуваат само со македонскиот јазик. Овој краток поглед во минатото, корисен е подобро да ја разбереме суштината на современите активности на СПЦ и другите соседни православни цркви. Сите тие се произлезени на неканонски начин од македонската црква - позната во минатото како Јустинијана или Охридска Архиепископија - со иреде на турскиот султан, платено со парите од новите европски владари на Балканот во XIX век, заради обезбедување на духовни корени на нивните протекторати. Оттука ме чуди зошто нашата црква се впуштила во преговори со СПЦ, давајќи му легитимитет на нивното антимакедонство. Исто така, добро е по нешто да се знае и за клучните актери. Епископот на СПЦ кој ја води оваа кампања, Иринеј со световно име Буловиќ е по потекло од едно село од Струга, од каде потекнува и поранешниот владика на МПЦ, сега егзарх на фиктивната српска црква во Македонија, Зоран Вранишковски... 

(Прашањата ги подготви: Злата АРСЕНИЕВСКА)

------------------------------------------------ 

http://www.tema1.net/