И З Б О Р

 25.06.2005

КОЈ Е НЕПРИЈАТЕЛ НА РУСИЈА

● Владимир СИМОНОВ, политички коментатор на РИА “Новости“ ● извор: RIA Novosti“, Москва, 21.06.2005

 

Речи ми кој ти е непријател, па ќе ти кажам кој си. Оваа изрека би можеле да ја дадеме како вовед во резултатот од анкетата на 1600 Руси, што ја спроведе влијателниот Аналитички центар на Јуриј Левада. Социолозите се заинтересираа кои држави Русите денес ги доживуваат како непријатели, а кои како пријатели. Резултатите од анкетата одамна не се некоја новина – тие се објавени во скоро сите средства за информирање во Русија, и во електронските и во оние другите. Но, Русите, се чини дека ќе ги анализираат уште долго. Оти, се утврди дека списокот на главните непријатели на Русија е сосема неочекуван.

Според мислењето на анкетираните, тоа се четири земји кои се далеку пред останатите: Летонија (49%), Литванија (42%), Грузија (38%) и Естонија (32%).

Меѓу пријателите води Белорусија (46%), потоа Германија (23%) Казахстан (20%), Индија (16%) и Франција (13%).

Прво што изненадува во тие резултати е што макар и на некое од првите места на списокот ги нема, би се рекло, вечниот од аспект на Советска Русија, душманин – Соединетите Држави. Во споредба со неодамнешното минато рејтингот на недобронамерноста во однос на Америка, неспоредливо паднал. Дури, уште повеќе, руските аналитичари кои ги разгледувале резултатите од анкетата, повеќето од нив дури и не приметиле дека и нив Америка не ги интересира нешто посебно.

А на почетокот на третиот милениум повеќето руски и американски политиколози со сигурност предвидуваа натамошен раст на антиамериканизмот. Тоа не се случило најмалку од две причини. Прво – драстична промена на меѓународната ситуација, што влијаело и на промена на општественото расположение. Во деведесетите години односите меѓу Русија и САД во многу нешта се одредувани со крупните геополитички конфликти, на пример, во врска со бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО-авијацијата, или валканите, како што и се чинеше на Москва, маневри на американската дипломатија околу проблемот на Косово.

Денес, директни руско – американски противречности со такви димензии нема. Напротив, по Њујоршката трагедија на 11 септември, Москва незадржливо и цврсто го зазела местото на истомислениците од Вашингтон во глобалното спротивставување на меѓународниот тероризам. Втора причина е влијанието во јавното мислење во Русија на личниот став на претседателот Путин. Населението му верува на претседателот, особено кога е збор за надворешнополитичките оценки. Блиските пријателски односи меѓу Путин и претседателот на САД, Џорџ Буш, добро се познати на секој Русин кој макар и понекогаш ќе го вклучи телевизорот.

Во последните официјални документи посветени на надворешната политика на Русија, на Америка непроменливо и се дава место на “стратегиски партнер“.

Да се потсетиме како се менуваше “сетот“ на непријатели на СССР во текот на поновата историја. На пример, во 20-тите години советските луѓе за главни непријатели ги сметале Полска и Велика Британија. Потоа, во годините на војната местото на непријател број еден го заземала, секако, фашистичка Германија. По војната во советската општествена свест, неа ја истисна Америка, земја на бездуховен империјализам, која ги навредува прогресивните социјалистички режими на Куба, Виетнам и Северна Кореја, фабрика на шпиони како што беше соборениот над СССР во 1960 година Френсис Пауерс, пилот на шпионската летилица “U2“.

Некое време меѓу недобронамерните се наоѓаше и Кина поради нејзината архаична, како што му се чинело на Никита Хрушчов, а подоцна и на Леонид Брежњев, “неосталинистичка“ идеологија и територијални претензии кон островот Дамански.

Денеска резултатите од анкетата на Центарот на Јуриј Левада отсликуваат изразита метаморфоза. Во претставите на руските граѓани непријателот на Русија очигледно ја изгубил тежината, лишен е од претходните димензии и постанал безначаен, ситен. Во извесна мерка ова се објаснува со тоа што е променета содржината на самиот поим “непријател“. Во минатото непријателот на Советскиот Сојуз или Советската Русија биле олицетворение, пред се, на воена опасност. Сега непријателите се извлечени од своите подземни нуклеарни бункери на ниво на секојдневната улица. Кога луѓето одговараат на прашањето: “Кој е, по ваше мислење, непријател на Русија?“ тие имаат во вид не земја која претставува реална опасност по Русија, туку земја која некако и некаде ја навредила Русија. И по таа логика, во новата хиерархија на непријатели – Летонија, Литванија и Грузија – нема ништо што зачудува. Ликот на непријател од земјите на Балтикот го создале самите државни функционери на тие земји.

Руското јавно мислење реагира на тој начин на бесправниот статус на 700 илјади рускојазични “неграѓани“ во Летонија и Естонија, што е во изразит контраст со државните почести и олеснувања што таму ги уживаат бившите нацистички полицајци, војниците на дивизијата “Vafen SS“ и останатата мрачњачка братија. Покрај тоа, Вајра Вике-Фрајберг, претседател на Летонија, наумува таа болна тема да ја досоли со нетактички изјави на сметка на “обичаите“ на руските ветерани да го празнуваат Денот на победата “со вобла и вотка“ и на сметка на нацистичкиот логор на смртта Саласпилс, кој во Летонија го нарекуваа “воспитно-работен“.

Што се однесува до Грузија, овде се одразила надменоста на грузијските лидери во однос на Русија. Кај рускиот човек таквата надменот се подгрева со тоа, како што мисли руската “улица“, претседателот Михаил Сакашвили добива плата од фондот што го пополнува Џорџ Сорос, а грузијскиот министер за надворешни работи Саломе Зурабишвили – непосредно од буџетот на Владата на Франција.

Секако, има нешто комично во тоа што граѓаните на таков гигант како што е Русија, сериозно да ги ставаат на пиедестал како  свој непријател број 1, 2 и 3 земји од калибарот на Летонија, Литванија и Грузија. По своја прилика, тоа во многу нешто го одразува преовладувачката душевна состојба на Русите, како и нивното трагање за самоидентификација. Во годините на т.н. “перестројка“, попрецизно речено, во драстичните промени на општетсвено-економските прилики, значаен дел од населението на Русија многу изгуби: непрегледните пространства на СССР, кои тие ја сметаа за своја татковина, идеолошките ориентири што се распаднаа заедно со комунизмот, вообичаеното чувство на гордост за државата, која сега го препушта своето првенство во вселената, во меѓународниот спорт, па дури и балетот.

Делумно Русија постана земја на навредени луѓе. Таа негативна енергија бара излез за себе. На луѓето им се сервира конкретен одговор на вечното прашање на руското живеење: “Кој е виновен?“ И во резултатот, горчливите чувства се свртуваат, општо земено, кон безначајни земји во кои властите нетактично и грубо се обидуваат да ја боцнат Русија во секоја згодна прилика.

Така доаѓа до препород на ликот на непријателот, но во нова, така да се рече, варијанта-играчка. Непријателот денес е мала земја која навредува, а воопшто не е извор на опасност. На тоа мислење стои, покрај другото, министерот за одбрана на Русија, Сергеј Иванов, кој неодамна изјави: “Русија денеска не смета ни една држава за свој противник на воен план. Од територијата на ЗНД на Русија не и се заканува директна воена опасност“. Со други зборови, списокот на непријатели на Русија во суштина за сега е празен. Би сакале таквата состојба да се задржи и во иднина... – 21.06.2005. –

http://www.tema1.net/