Кај
рускиот лидер Владимир ПУТИН постои една специфичност која многу го
издвојува на фонот на многуте други политичари кои стоеле на чело на
Русија и Советскиот Сојуз во последните децении.
Путин е
популарен. И со години (Путин на чело на Русија дојде во 2000 година,
кога имаше 47 години) таа популарност не опаѓа. На претседателските
избори во 2004 година за него гласаа 65 проценти од бирачите кои излегоа
на изборите, т.е. скоро 50 милиони луѓе, а денес во земјата повремено се
јавуваат апели да се промени Уставот и да му се дозволи на актуелниот
шеф на државата да се кандидира и во трет мандат. Затоа што
мнозинството, исто така големо, и во тој случај би му било гарантирано.
Додуша, Путин лично е против тоа. Тој смета дека политичката стабилност
во земјата, постигната за време на неговото претседателствување, не
треба да биде подведувано на толку силни искушенија како што е промената
на уставните норми, а освен тоа, и осумте “претседателски“ години, по
мислење на Путин, се сосема доволни за секој политичар.
Што е тоа
што Владимир Путин успеа да го направи во годините на своето
претседателствување и зошто неговата политика ужива толку силна поддршка
од граѓаните на Русија?
Пред се’
потребно е да се апострофира приврзаноста на претседателот на
политичкиот центризам. Идеологијата на центризмот привлекува значаен
број на приврзаници поради својот избалансиран приод и комбинирање на
пазарните и социјалните вредности, а освен тоа, центризмот има низа
технички предности во однос на различните верзии на типично “десните“ и
“левите“ идеологии – а во современа Русија тие предности се изразиле во
целосна мерка.
Пред Путин
на руската политичка сцена делуваа неколку десетини партии од лидерски
тип. “Да се бавиш со политика“ често значеше да создадеш своја сопствена
партија, да вложиш пари во политичка реклама, потоа да стапиш во блок со
врхушката на неколку други такви лидерски партии и заеднички да се
помине во парламентот, по што првобитната коалиција можела и да се
распадне и да се разотиде кај други, исто така привремени политички
сојузи. Поддршката од таквите видови партии не беше стабилна и затоа,
кога околу Путиновата центристичка политика започна да се формира прва
во земјата масовна центристичка партија “Единствена Русија“, таа беше
предодредена за успех.
Денес
“единорусите“ имаат уставно мнозинство (над 300 гласови) во долниот дом
на рускиот парламент, Државната дума, и контролираат поголем дел од
регионалните законодавни собранија.
Појавата на влијателниот и
стабилен центар ја принуди руската опозиција да се стеснува. Левото
крило им остана на комунистите и тоа е единствената масовна политичка
парија која е способна да направи конкуренција на “Единствена Русија“.
Меѓутоа, денес и таа преживува тешки времиња. На претседателските избори
во 2004 година нејзиниот кандидат Николај Харитонов, иако беше втор,
собра се’-на-се’,
10 милиони гласови, пет пати помалку од Владимир Путин.
Десното
крило на руската политика засега не е до крај консолидирано, иако се
обидува понекогаш да настапи како единствена целина, како, на пример, на
неодамнешните избори во Московскиот градски дом, кадешто на обединетите
демократи им појде од рака да освојат три места.
Во
деведесетите години деснолибералната идеологија значајно се прошири меѓу
руската политичка класа, па токму поради тоа, во десниот сектор настанаа
повеќе партии од лидерски тип, чии претставници сега се мачат над
прашањето: да се замине од политиката воопшто, или да се здружува,
согласувајќи се понекогаш на тешка политичка работа. Можно е дека на
многу руски политички “ѕвезди“ од 90-тите години, токму таквата тешка
политичка работа, ќе им се пристори примамлива подалеку од
престолнината, во регионите.
Како
резултат на Путиновата реформа на партиското законодавство, токму
секојдневната работа во провинциите постанува главна задача на партиите
и ги одредува критериумите за нивниот успех.
Според
предлогот на Путин, партиите – победнички на регионалните парламентарни
избори стекнуваат право на претседателот да му предложат свој кандидат
за положбата губернатор, кој потоа треба да биде утврден во регионалниот
парламент. Оваа новина практично во целина ја пренесува кадровската
политика во регионите во рацете на политичките партии. А, бидејќи
најголемо влијание во руската провинција има “Единствена Русија“, оттаму
и неизбежно следи и стабилната политичка поддршка на Владимир Путин.
Претходно
реченото спаѓа во техничката сфера и затоа на странските посматрачи не
им е секогаш разбирлива причината за масовната поддршка на рускиот
претседател. Треба да се каже дека зад таа поддршка стојат и ништо
помалку сериозни, силни и јасни причини од содржинска природа.
Идејата за
национална благосостојба, која ја истакна и ја развиваше Владимир Путин
во текот на неговите претседателски години, падна на добро подготвено
тло. Удвојувањето на бруто општествениот производ во текот на 10 години,
совладувањето на сиромаштијата (приходи пониски од животниот минимум
имаат 25 милиони Руси), модернизацијата на армијата – тоа се национални
задачи кои Путин ги постави во една од неговите Пораки во Федералното
Собрание, и тие задачи се прифатени од страна на населението како одамна
созреани и неопходни.
Центризмот
на Путин се изразува и во промисленото комбинирање на пазарните реформи
со социјалните програми. Минатата година претседателот истакна четири
национални проекти: во станбената сфера, здравството, образованието и
земјоделството. За нивна реализација се издвоени преку 180 милијарди
рубљи (над шест милијарди долари), што е многу впечатлива сума за
рускиот буџет.
Дури и
најкусиот преглед на причините за популарноста на Путин во Русија не би
бил потполн без наведување на рускиот успех во надворешната политика во
текот на последните шест години. Токму во времето на Путиновото
претседателствување, Русија дефинитивно раскрсти со погубното по себе
наследство – “студената војна“, ја надвладеа изолацијата од Запад и
воспостави партнерски односи со сите водечки држави во светот. Нејзиното
претседавање во G-8
оваа година претставува очевидно признание на рускиот авторитет и
влијание од страна на меѓународната заедница. Во таа состојба Русија ја
доведе лично Владимир Путин – најпопуларниот руски лидер во последните
децении.
Мислењето
на авторот не мора да се совпаѓа со ставот на редакцијата.
Москва,
17.01.2006. РИА “Новости“.
-------------------