TEMA1.net: - Валентина е во животот, е во културата,
е во политиката! По една ваква констатација, прашањето е – кои се клучните
биографски моменти на Валентина БОЖИНОВСКА?
ВАЛЕНТИНА:
- Ете, лелеавите води на културата ме разнесоа буквално... Бев со еден
одличен успех и желба да станам актер во Македонскиот народен театар.
... Бунт во себеси постојано, чувствувам од сопственото раѓање некоја
невидена револуција која ме тера за напред. Но во принцип револуцијата
носи и промени, носи секогаш и прашања - затоа и зошто, и повремено се
обидував и да одговорам на тоа, и затоа 1993 година стапнав на сцена
како актер во МНТ, но само заради една единствена причина – Валентина
Божиновска да ја смени веродостојноста на тоа време, а тоа време беше
време на жестоки притиснати моменти на уметниците, на луѓето од
културата, на интелектуалците, на писателите итн. Бев сведок на жесток
печат од тогашната власт, бев сведок на тремор од страна на уметниците,
на затскриеност, на заткулисни работења во државата, имав чувство дека
живеам во темен вилает и во темна држава за која се подзаплашував дека
никогаш нема да светне македонското сонце. Бидејќи, исто како што ја
сакам мојата ќерка ја сакам и Македонија, имам, имам... Кога ме
прашуваат - колку имате љубов за да имам две жестоки причини да живеам,
едната заради сопственото дете, а истовремено заради мојата мајка
Македонија. Во 1993 станав актер, одиграв силни и добри рољи, но потоа
политиката на театарот ме отфрли, не ми се допаѓаше и заминав во
политичките води. Од 1991-та година бев член на опозиционата партија,
тогаш ВМРО-ДПМНЕ, бев восхитена од тогашниот лидер Љубчо
Георгиевски, и станав нивен неприкосновен член, така што некаде
1997 година се обидов да влезам и во политиката. Се втурнав жестоко во
парламентарните избори 1998 година и станав пратеник во тогашниот
парламент. После тоа, сфатив дека не можам да се вратам во театарот
бидејќи возраста ми го впери прстот и веќе најверојатно требаше да играм
посилни рољи, требаше да играм повозрасни жени, а повторно имав чувство
дека можам да дадам многу од себеси, многу едукација, и многу различни
примери од она што го знам, а тоа е проблемот на реториката,
омилитиката, средновековните читања, поезијата, особено културата на
говорењето. Значи, Валентина Божиновска има една професија, а тоа е
начинот на говорење. Како да се говори на македонски јазик, а тоа да
изгледа совршено, односно да докажеме на светот дека нашиот јазик е удар
во симетријата на светот. И така Валентина Божиновска стана асистент на
факултетот за драмски уметности, веќе шест години работам на правоговор
на македонскиот литературен јазик.
TEMA1.net: - Како, накратко, би се претставила
себеси и својата личност?
ВАЛЕНТИНА:
- Вашето прашање ме наведува да размислам како би се опишала себеси,
каква личност сум јас... Бунтовна, но не со зариено копје, туку со многу
лирика во себе, кога е потребно со поетска етика, а кога е потребно
лирика. Но повторно ќе речам, мојот хороскопски знак овен со подзнак лав
веројатно ме тера на движење, на црвена боја, на пранги, на окови, да се
качувам некаде на врвот на планината... Имам чувство дека, тоа им го
кажувам и на моите студенти, да се качите на врвот не е едноставно, вие
не можете пеш да се качите на врвот, не се кинисува на врвот како крал,
но како крал се стасува. На врвот не може да стигне ни орелот, на врвот
се стигнува полека, но кога ќе стигнете тогаш навистина чувството е
кралски. Но, за да бидете на врвот треба да поминете сито и решето, и
вашето сито треба да не ги помине крупните парчиња, значи треба да го
заситни добро брашното, да биде многу ситна, значи треба да акумулирате
содржина на високи ексклузивитети. Во принцип сум човек кој ги впива
ексклузивните нешта, го сакам убавото, од сите сфери, и ексклузивните
работи во однос на реториката и во однос на литературата. Значи, целиот
живот го посветив на тоа да ги примам добрите и убавите поуки и пораки.
Нешто слично како пораките на Кофучие, се обидов да ја сфатам
главната суштина, а тоа е – да се биде добар човек, пред се`, и да се
прават добрини. Основното мото на мојот живот е – не се занимавам со
другите луѓе, ниту ме интересираат, особено не нивниот живот, опкружена
сум со блиските и со љубовта која треба да им ја
дадам.
TEMA1.net: - Кои се твоите омилени приказна и лик од
детството и зошто?
ВАЛЕНТИНА: - Размислувам за Вашето прашање, кои се моите
омилени приказна и лик од детството и зошто. Има многу приказни што
многу ги сакав и мојата баба која потекнува од Мраморец знаеше да
раскажува, особено приказни од војната. За жал тоа беа приказни со
балистите или со партизаните, но секогаш имаше добар и лош. За разлика
од мојата мајка која ми ги читаше приказните и таа беше одличен
раскажувач, и од неа ми се чини дека го научив раскажувањето, таа
брилијантно го раскажуваше Цепенков. Но, лик кој ме восхитил ми
се чини дека е, за жал не е од македонските приказни, значи не се
добрите самовили од македонските обредни песни и балади, туку е ликот
на Хајди. Ја читав шест пати како дете, незнам зошто но, буквално
секое лето се навраќав по 2 или 3 пати, додека не сфатам дека јас
книгата ја знам наизуст, заради добрите дела. И веројатно, во Хајди се
гледав себеси, да се направи добро дело, да се помогне. И до ден-денес
кога ќе слушнам дека некој човек боледува, јас велам - не, тука мора да
најдам начин како да помогнам. Ете ја Хајди во мене, но на оваа возраст,
јас сум сега жена на 37 години и тука сум за да им помагам на луѓето, на
моите Македонци.
TEMA1.net: - Од сегашен аспект, дали нешто би
промениле од своето минато? Што и зошто?
ВАЛЕНТИНА:
- Дали би променила нешто од своето минато? Да, би променила, јас ќе
бидам искрена пред мојата читателска публика, би променила, би била
мајка на 4-5 деца, а сега сум мајка само на едно дете, од разно-разни
причини. Ми се чини дека сите нешта на светот се бесценети, кои ќе ви ги
подарат луѓето што ги сакате. Велам понекогаш, иглата која ја имам од
баба ми која ги чува старите предмети и нејзиниот вез, и нејзините
кошули, со која јас се венчав, јас се венчав со кошулата на баба ми и со
накитот од деребан, значи се` беше Македонија на мене, и се` беше во
печат за Македонија, во име на Македонија. Што можам јас да и` дарам на
Македонија? Можам да и` дарам чеда, единствено за што сум присутна на
овој свет е да обдарам свое поколение. Значи, ако би променила во своето
минато – не, не се
каам за ништо, би променила само да и` дадам повеќе деца на Македонската
земја.
TEMA1.net: - Кој е твојот најголем успех во животот,
во кутурата, во политиката?
ВАЛЕНТИНА:
- Мојот успех во животот, во културата и во политиката. Мислам дека
немам некој врвен дострел во културата, освен наградата на
Друштвото на писателите која заедно ја добивме со професорот
Илија Милчин за најдобри говорници во Македонија, за најдобар
говор во Македонија. “Воскревање на зборот“ се вика наградата,
доделена е од писателите на Македонија, и ми се чини дека мојот успех е
тоа што имам некаде накај 700 промоции направени во сиве овие 15 години.
Тоа се многу книги кои ги имам промовирано, на кои буквално душата ја
имам предадено со стихот, со зборот и со она што е моја лична рецензија
кон тие книги. Мојот најголем успех ми се чини дека е она што го
предавам на моите студенти. Тоа е следното, дека, ако научат исто како и
Ентони Хопкинс, како што го говори англискиот јазик, да сфатат
колку е раскошен македонскиот јазик, и каков мозаик и лепеза од
дијалекти, и каков чудесен благодет има во него, и каков мир и
спокојство и галеж, тогаш го научиле
највозвишеното.
TEMA1.net: - Дали има и што сметаш дека е твој
неуспех?
ВАЛЕНТИНА:
- Имам неуспеси... неуспеси... Па незнам дали тие биле професионални
неуспеси... Не можам да се сетам вака... на силен неуспех, на некој кој
да речеме ми го пореметил животот или нешто слично. Мојот неуспех...
Ајде малку да бидеме полуцидни и да бидеме пошеговити кон мојата
публика, мојот неуспех е тоа што не сум стигнала до сега да ги посетам
моите иселеници во Канада и во Австралија, кои ме канат
веќе со години да поминам таму и да им помогнам околу нивната поезија.
Неуспех е тоа што не сум одржала поетски вечери во Канада и во
Австралија кај моите Македонци. Значи еве, малку да се
пошегуваме.
TEMA1.net: - Со што го исполнуваш слободното
време?
ВАЛЕНТИНА:
- Моето слободно време... Сега многу поретко имам, но моето слободно
време е пливањето, моето слободно време е поезијата, моето слободно
време е постојано навраќање на “Сердарот“ од Прличев...
Инаку, моето слободно време го користам за проучување на Прличев како
еден голем македонски син, го сакам бескрајно, и мислам дека ако го
имавме Климент, Прличев е секако втората личност важна за
Македонија, тој “Сердар“, тоа е... тоа е една возвишеност од бои на
личност, возвишеност од реторика, од знаење на 7 јазика... Човек кој во
периодот на кој живеел, значи на тој 19-ти век, буквално ја паднал на
колена цела Европа. Значи, се грабале по него и французите и
италијанците и германците, сакале да бидат негов дел... А замислете,
Прличев бил само во Охрид за да го описмени мојот народ... Во
слободно време се обидувам да прочитам се` што е блиску до
Прличев. Инаку во слободно време ја шетам мојата ќерка покрај
Вардар многу често па имам малку помалку време, и и` раскажувам навечер
приказни, се обидувам тоа да бидат приказни од Приказните за деца
од Цепенков.
TEMA1.net: - Во последно време твоите политички
ангажмани се во политичката партија ВМРО – Народна партија! Како би го
дефинирала својот ангажман и како би ја дефинирала појавата на ВМРО –
Народна партија?
ВАЛЕНТИНА: - Прашањето – во последно време... Јас, моето
време и невреме е во ВМРО–Народна партија, значи од ВМРО-ДПМНЕ која сега
е во ВМРО-Народна. Мислам дека есклузивитет беше на
македонската политичка сцена да се појави ВМРО-Народна со лидерот
Љубчо Георгиевски, бидејќи замислете само 1991 година да не беше
неговото име и неговата личност, јас тогаш верував, кога се појави, дека
тој млад човек, тој млад човек ќе биде важен и одговорен за појавата на
независна Македонија. Така бидна. И во овие денови додека ја правиме
ВМРО-Народна, додека ние се движиме по градовите и ја афирмираме,
замислете, морници ми доаѓаат кога ќе помислам да не беше неговата
личност. Тој, којшто беше буквално столб на политичката сцена во
Македонија, кажа се` што кажува и сега, а што е визионерство, што е
постулат на македонската политичка сцена. Човек кој навистина, можам
слободно да кажам дека во четирите години на владеење ја направи
македонската духовна ренесанса за Македонија, во областа на културата и
во областа на Македонија, и во областа на економијата, и во областа на
социјалата, значи буквално секаде ние имавме период на ренесанса.
ВМРО-Народна е се` она што беше ВМРО-ДПМНЕ 1991 година. Ние се враќаме
на корените, на изворните принципи на ВМРО, онаму каде што застанаа
илинденците и гемиџиите. Потребна е десница, и тоа како, силна десница
да се спротивстави на ова невреме во кое се наоѓаме. Во 1990 година беше
време во кое тој извика – да, независна Македонија, со свои пари, со
своја фудбалска репрезентација, независна Македонија со вистински
вредности кон македонската нација. Замислете, сега сме во еден
неверојатен расчекор од она што тој го кажа, но тој повторно го кажа, го
кажа и 1994 год., кога излезе од Парламентот, го кажа и 1996 год. дека
не може да биде постојано приоритет за албанските етнички заедници во
Македонија. Дека сега, во мигот, неговиот апел е дека постојат, за жал,
Македонци кои се и тоа така во ќош ставени, македонската нација е во
немилост, македонските граѓани се во тешка состојба, во тешка социјала,
во тешка економска состојба. Македонците се за жал влезени во оној
момент во кој не биле ни во 1990 година. Ми се чини дека е редок момент
во кој се чувствува дека нешто мора да крикне и мора да произлезе од
оваа политичка состојба, од овој политички неблагодарен момент, и ми се
чини дека ВМРО-Народна ќе биде се` она што значи филтер, што ние
не успеавме да го направиме сиве овие години, афирмативен филтер, на
добрите луѓе кои ги носеа принципите на старата ВМРО, луѓе кои... Ќе
застанат чесните луѓе, да се исчисти се` она што не беше во ред, што не
е добро, а и ние да се преиспитаме внатре, кои сме, зошто сме и како
сме. Време е за нови идеали, бидејќи времето го бара тоа, време е за
враќање кон старата идеологија, бидејќи ние почнавме со идеологија и
мора да ја завршиме Македонија со идеологија. На Македонија и` е
потребно како никогаш досега силно национално чувство, за жал тоа
левицата ниту сака, ниту имала потреба да го даде. Во мигов единствена
партија која ќе ги присобере македонските национални синови е
ВМРО-Народна. Ми се чини дека во ова чудно есенско-октомвриско
попладне во кое разговараме наговестувам нешто што ќе биде моја
визионерска оценка. Дозволете ми да си кажам една моја лична перцепција,
не визионерска, значи личната перцепција е дека локалните, кои веројатно
ќе бидат паралелно со парламентарните избори, дека ќе биде жестока
победа на десницата, односно на ВМРО-Народна со другите коалициони
партии. Тоа е неминовност од која не можеме да
побегнеме.
TEMA1.net: - Како ја оценуваш позицијата и
ангажирањето на македонските интелектуалци во овие 13-14 години по
референдумот од 1991-та година за независна и самостојна Македонија? Дали
тие беа независни интелектуалци во вистинска смисла на зборот, или беа
сервилни инструменти на политичарите?
ВАЛЕНТИНА:
- За жал, мислам дека во Македонија вредносниот систем на тоа кои се
интелектуалци, кои не се интелектуалци, е многу тешко да се направи
разлика. Некако интелектуалците се отсутни. Ние имаме отсуство на
интелектуалците, но отсуство – внимавајте, на интелектуалците со
тенденција. Значи, или се политички мотивирани да молчат, и ќе мора тоа
да прават, односно да климаат со главата и да потврдат дека ова лудило и
овој хаос во кој се наоѓаме, во оваа чудна репресија небаре сме
1948-информбирото, тие велат – да, тоа не е така лошо. Значи во овој
поштук на името Македонија, во овој поштук во образованието, на овој
поштук на немање на систем на вредности, на немање на реална плата со
која луѓето ќе можат да издржат од 1-ви до 1-ви, тие климаат со главата
и велат – да, ова е добро. За жал во Македонија го немаме ехото на
интелектуалецот, повторно велам – од политички причини, тие се сервилна
служба на СДСМ, затоа што, внимавајте, во период од четиринаесет години
тие секогаш имале благодети од таа власт, и по имот, и по идеологија тие
биле нивни синови. За нив е многу тешко да се осмелат да поминат во
друга партија, затоа се во служба и мораат да пишуваат “за“ таа патија,
значи “за“ левицата или да климаат со главата. Имаме и една друга страна
на интелектуалците - оние кои молчат, но добро е пак што не се
појавуваат. Сведени сме значи на интелектуалците кои работат во
невладините организации, и тие интелектуалци, повторно велам, работат во
невладините само од една причина, да ја поткрепат власта на СДСМ. Но ја
немаме таа потребна интелектуална моќ и сила која ќе го реформира
мислењето, значи ние немаме реформа на мислење. Незнам дали ме
разбирате, да ви се реформира мислењето потребен е став на мнозина
писатели, на мнозина интелектуалци. За жал, обидот го нема, но тоа се
создава, тоа мора да кликне да се создаде, мора да се одлепат од подот
на кој се наоѓаат.
TEMA1.net: - Која би била твојата порака до
интелектуалците?
ВАЛЕНТИНА:
- Пораката моја до интелектуалците е - да излезат од своите скривалишта
и да не се плашат, бидејќи не одговараат пред самите себеси, не
одговараат пред нас и пред својот народ. Одговараат пред идните
поколенија за кои имаме отчет и обврска. Ова што денес се случува во
Македонија, референдумот, тоа значи реферат, тоа значи отчет на народот,
тоа е плебисцит, тоа значи дека ние ќе реферираме овојпат што сакаме и
како ќе сакаме да биде Македонија, а не како ќе ни` ја стават, значи
како ќе ни` ја поделат. Не, ние овојпат ќе речеме “не“. Затоа
интелектуалците, пораката моја е да не се плашат, доста се стравови
бидејќи и затворите покажаа во овој момент дека се претесни, но нека не
ги плашат луѓето.
TEMA1.net: - Кое би било твоето обраќање до
јавноста?
ВАЛЕНТИНА:
- Моето обраќање до јавноста... Бидејќи сметам дека Македонија е
раселена низ многу континенти, и` се обраќам со она што Ковачев
на времето го кажа – “македонското вјерју“. Што е Македонија? Мислам
дека имаме само една единствена причина за нашето постоење на ова
македонско тло, а тоа е љубовта кон Македонија. Но како да ја
канализираме? Нашата нација, нашите деца мора да се воспитуваат на
македонски начин. На силен, патриотски, македонски национален дух.
Кога вашето дете ќе го воспитате со песната на Сирма Војвода, на
Кузман Капидан... Јас на мојата ќерка на три години и` го
раскажувам “Сердарот“ во вид на приказна. Таа ќе знае утре дека ќе биде
интелектуалец и дека ќе излезе со порака. Значи мора, обврска е да не се
срамиме од сопствениот дух и од сопствената нација, оти ние сме
возвишен народ. Ние сме се` она што другите не можат да бидат. Од
едноставна причина - Мисирков, пораката на Мисирков, да... “За
македонските работи“... Нашите работи се македонски работи. Ние
други работи немаме. Ние не можеме да размислуваме сега за Европската
унија и за прашалникот, кога имаме свои прашалници. Ние имаме прашалници
на нашите деца на кои ќе мораме да одговориме. Значи, да не се срамиме
од сопствената нација, ние сме земја во која секој човек што се раѓа
знае да пее и да игра. Покажете ми друга држава во која има толку
обдарен и талентиран народ. Од тие причини нема срам, туку има само
возгордеаност на тоа што имаме големо М на нашето
чело.
TEMA1.net: - Каде се гледаш себеси по десет
години?
ВАЛЕНТИНА:
- Јас себеси... незнам каде се гледам за десет години, не размислувам...
Веројатно да ја завршам магистратурата сега во март, да ги завршам тие
некои формални работи, па се надевам дека ќе можам да го земам
сопствениот докторат кон Прличев, да пристапам кон подготовка на
докторатот, тоа е една моја голема обврска, а за десет години да се
шетам низ Македонија, низ Скопје и да видам и свои следбеници, свои
студенти кои го говорат јазикот како што јас ги учев, како што јас го
читав Мисирков, како што јас го читав Цепенков, како јас
што го читав Прличев, итн. Свои следбеници во љубовта кон
Македонија.
TEMA1.net: - Која е твојата неостварена
желба?
ВАЛЕНТИНА:
- Дали имам неостварена желба? Да, имам неостварена желба, а тоа е
мојата партија во која припаѓам ВМРО-Народна да има уште 8-9 години
владеење за да ја направи Македонија земја на цвеќињата и на добриот
збор и на благодетта. Тоа е моја неостварена желба. Уште еднаш да можеме
да се обидеме да понудиме на овој народ благодет. Би сакала да дадам дел
од мозаикот, да успееме...
TEMA1.net: - Прашање на кое сметаш дека треба да
дадеш свој одговор?
ВАЛЕНТИНА:
- Има многу прашања на кои сакам да дадам одговор. Едно од најголемите
прашања е, а нека биде и одговор, е – да ги замолам генерациите што
доаѓаат, модата – не е мода од запад, модата не е во формата, во
облеката, што би рекол Емил Сјоран – не е во одеждата која ви го
прикрива и ви дава маска на лицето. Ја молам новата генерација и и` се
обраќам со еден апел – да се враќаат кон традицијата, да се враќаат кон
корените, да ги набљудуваат своите баби и своите дедовци, да го
набљудуваат подот каде што спиеле бабата и дедото, да го набљудуваат
амбарот кој го полнеле и ги хранеле децата, везените кошули, да ги
набљудуваат македонските ниви од кои се хранело македонското семејство,
традицијата на зурлите и на тапаните, на песната македонска, на
гробовите отворени македонски, на забрадените шамии кои секогаш
постоеле, на традицијата на гемиџиите и на илинденците кои тука
постоеле. Се` е запишано во нашата историја. Таа има свои знакови. Има
свои кодови и свои матрици. Да знаат да ги отвораат матриците и страните
на македонската историја. Кога ќе успеат тоа да го примаат, таа мода
кога ќе успеат да ја имаат во себе, ќk |