ИНТЕРВЈУ

16 Ноември 2004

 


Г-ѓа Весна ЈАНЕВСКА

в.д. Претседател на ВМРО – Народна партија

ОПСТАНОКОТ НА МАКЕДОНИЈА Е ЗАГРОЗЕН...

Г-ѓа Весна ЈАНЕВСКА е доктор, специјалист-патолог на Институтот за патологија и доцент на Медицински факултет во Скопје, сопруга, мајка... Г-ѓа ЈАНЕВСКА говори за ВМРО-Народна, за политичките противници, за криминалот, за суспендирањето на демократијата, за големо-албанскиот екстремизам...

 

 

ТЕМА1.net: - Во средината на 2004 година беше донесена одлука и се формира политичката партија ВМРО-Народна партија. Кои беа мотивите за формирање на партијата, кој ја донесе одлуката и како беше формирана ВМРО-Народна партија?

ЈАНЕВСКА : - Мотивите за формирање на ВМРО-Народна партија, која беше формирана во летото 2004 година, веќе и` се познати на јавноста, а тоа се настаните кои се случуваа во ВМРО-ДПМНЕ. Значи, всушност настана едно раздвојување меѓу членството, а и меѓу лидерите во ВМРО-ДПМНЕ, поточно актуелниот претседател и актуелниот почесен претседател. Кулминацијата се постигна за време на претседателските избори, кога вмровското гласачко тело придонесе за претседател на државата да биде избран Бранко Црвенковски, и тогаш во јавноста беше јасно објавено дека постои конфликт во партијата ВМРО-ДПМНЕ. Конфликтот се разбира дека не беше личен, конфликтот имаше политички мотив, односно веќе две години во партијата се случуваше актуелното раководство да создава и спроведува една поинаква политика од онаа која членовите на ВМРО-ДПМНЕ ја очекуваа. Уште на самиот почеток, по избирањето на конгресот во Охрид на г-дин Груевски за лидер на партијата, веднаш после тоа тој изјави дека ќе ја реформира ВМРО-ДПМНЕ во една модерна европска партија, но дека во таа реформа максимално ќе се потруди партијата да ја направи граѓанска и централистичка. Ваквиот негов став се потврди во следните две години, тој успешно го правеше тоа, со мој личен коментар дека освен централистичка, политиката на партијата ја водеше уште малку по лево, да речеме во правец на социјалдемократија. Се разбира дека долгогодишните членови кои во партијата се од деведесетите години, од нејзиното формирање, сосема јасно ја увидоа таа политика и негодуваа на таквото водење на партијата, но за жал, актуелното раководство остана глуво, па се случи и членовите кои беа на позиција да се држи десно, демохристијанска ориентација на партијата, значи се случи да нема каде и кому да се обратат и да побараат исправање на таа политика. Значи во тој период, по претседателските избори, по изборот на Бранко Црвенковски за претседател, веќе сосема јасно членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои не се согласуваа со актуелната политика на актуелното раководство, почнаа да се организираат околу своите постари функционери, околу своите искусни партијци и, се разбира, околу лидерот, поранешниот лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Љубчо Георгиевски. Нивното незадоволство беше силно артикулирано во партиските структури и стана неминовна потребата од формирање на нова партија. Се разбира дека тоа многу тешко одеше, затоа што луѓето беа врзани за брендот, или едноставно кажано за името ВМРО-ДПМНЕ, за партијата која тие ја формирале и во која вложиле и труд и време и сопствени средства, и затоа постоеше еден речиси осуммесечен период на преговори и договори внатрепартиски, со цел изнаоѓање соодветно решение. Откако се искористија сите правни процедури, се виде дека не е можна ниту промена на политиката, ниту промена на актуелното раководство. Значи, формирањето на партијата стана неминовно и таа е внесена во судскиот регистар на 28 јули 2004 година.

ТЕМА1. net: - Вие, Г-ѓа Весна Јаневска, сте в.д. претседател на ВМРО-Народна! Која е Г-ѓа Весна Јаневска во животот, која е во професијата, која е во политиката?

ЈАНЕВСКА: - В.д. претседателот на ВМРО-Народна партија, мојата личност Весна Јаневска по професија е доктор, специјалист-патолог, кој работи на Институтот за патологија кој е составен дел на Медицински факултет во Скопје. Покрај тоа што сум специјалист-патолог, јас сум и доцент на Медицинскиот факултет на катедрата по патолошка анатомија. Инаку сум возрасна, мажена, мојот сопруг е доктор и имам две ќерки кои се исто така возрасни и студираат на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во политиката сум релативно нова личност, релативно – затоа што сум сосема добро позната на моите сопартијци и сум работела во партијата ВМРО-ДПМНЕ воглавно во областа на здравството каде што и сметам дека припаѓам поради својата професија, меѓутоа, се разбира дека сум работела и други партиски работи, и како што веќе еднаш кажав, позната на своите сопартијци. Со големо задоволство и чувство на чест и гордост ја прифатив понудата, значи пак на своите сопартијци, да помогнам во формирањето на новата партија, и тоа со задоволство го сторив. Политички сум едуцирана во смисол на постојано следење на политиката, не само од осамостојувањето на Република Македонија и формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, туку и во помладите години во поранешната држава во чиј состав спаѓаше и Македонија, значи во СФРЈ, со тоа што сега поактивно се бавам и јас се надевам дека тоа бавење со политика ќе биде успешно и ќе даде барем мал придонес за претставување на партијата во политичкиот живот на Македонија.

ТЕМА1. net: - Во Република Македонија ретко која нова партија предизвика така силни реакции на поддршка и на противење, како што е појавата на ВМРО-Народна. Од каде е поддршката и одобрувањето, а од каде е противењето и зошто?

ЈАНЕВСКА: - Реакциите кои оваа партија ги побуди, и во однос на поддршка и во однос на противење, според мене беа очекувани. Во однос на поддршката која ја добива меѓу граѓаните новоформираната ВМРО-Народна партија, сметам дека тоа е резултат на појава на вистинска опозициона партија. Значи, во Република Македонија последните две години е суспендирана демократијата, поради непостоење на вистинска опозициона партија која требаше да биде ВМРО-ДПМНЕ, се случи власта неконтролирано да владее, а таа неконтрола од страна на опозиционите партии овозможи централистички или тоталитарно да владее. Се разбира дека граѓаните на Република Македонија сосема јасно го увидоа тоа, затоа што сметам дека се политички едуцирани, и неопходно почувствуваа и увидоа дека на политичката сцена во Македонија треба да се појави една сериозна и силна опозициона партија, која всушност ќе овозможи нормален политички живот во државата. Значи ВМРО-Народна партија иако е една од најмладите партии, веројатно најмлада на политичката сцена во Македонија, има искусен кадар кој е политички докажан во изминативе 14 години од осамостојувањето на Република Македонија и тој навистина и знае и умее и како да владее и како да биде опозиција. Значи поддршката ја гледам во тој правец на сериозни граѓани на Република Македонија, кои сериозно ја сфаќаат опозиционата улога на политичките партии. Противењето на постоењето на оваа партија го гледам само на едно место, во оној дел на членството и раководството кој остана во ВМРО-ДПМНЕ. Немам сериозни информации дека било која друга политичка партија има против постоењето на оваа партија, освен се разбира од нашите природни опоненти, политички опоненти како што се СДСМ, ДУИ и ЛДП. Природно е тие да не сакаат силна опзиција и да владеат така како што тие сметаат дека е добро. Значи најголемото противење, како што реков, го гледам во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, од многу едноставна причина - оваа партија (ВМРО-Народна) станува од ден на ден се` поцврста, се` посеризна, ги промовира своите ставови во јавноста и е добро прифатена во јавноста. Тоа едноставно значи дека се` помалку членство останува во ВМРО-ДПМНЕ и се` помалку граѓани, непартијци се приврзаници на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

ТЕМА1. net: - Со ВМРО-Народна, неразделно е поврзано името на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо ГЕОРГИЕВСКИ?

ЈАНЕВСКА: - Името на г-дин Љубчо Георгиевски е неразделно поврзано со името на ВМРО-Народна партија, бидејќи г-дин Љубчо Георгиевски е еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата од која ВМРО-Народна партија потекнува. Г-дин Љубчо Георгиевски во овие 14 години остана на политиката на десно ориентирана национална демохристијанска партија, а токму тоа беше причината што огромен дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ всушност се одвои од својата матична партија и премина во ВМРО-Народна партија. Се разбира дека членовите на ВМРО-Народна партија во искуството и знаењето на г-дин Љубчо Георгиевски гледаат огромен потенцијал за остварување на партиските определби, партиската програма, а се разбира и огромен потенцијал за остварување на вековниот сон на Македонците за создавање на самостојна држава, и не само самостојна туку и една силна, просперитетна држава, во која граѓаните на таа држава ќе имаат доверба, ќе имаат почит кон институциите на државата, и се разбира во истата таа личност гледаат и можност и потенцијал  државата Република Македонија да ја реномираат надвор од нејзините граници, односно да ја направи Република Македонија респектабилна држава во очите на меѓународната јавност. Апсолутно сметам дека во Република Македонија има потенцијали кои ќе овозможат таа да стане почитувана земја во однос на Европската Унија или во однос на другите држави во светот, и тие потенцијали треба да се искористат. Со помош на искуството на г-дин Георгиевски и со помош на тимот кој се создаде околу него, сметаме дека такво нешто е можно, за разлика и за жал би рекла дека во однос на останатите партии ние од ВМРО-Народна партија во моментот не гледаме човек кој би можел да биде таков лидер, да добробит на оваа земја.

ТЕМА1. net: - Каква е платформата и кои се основните правци за дејствување на ВМРО-Народна? Каде е сега, и каде оди ВМРО–Народна?

ЈАНЕВСКА: - ВМРО-Народна партија е десно ориентирана, демохристијанска партија. Би сакала да им објаснам на граѓаните што значи тоа. Тоа значи дека тоа е партија која ќе се грижи за, еве да почнеме од семејството во Република Македонија, основната структура или како што тоа вообичаено се вели – клетка на граѓанското или било кое општество, ќе обезбеди поддршка на формирање на државните институции и почит кон тие државни институции. ВМРО-Народна партија би требало да обезбеди правен систем кој правно ќе функционира, значи соодветно ќе функционира во државата; се залага за економски просперитет на државата со фаворизирање на малите и средни претпријатија. ВМРО-Народна партија ќе се залага во својата идна работа за просперитет на земјоделието во Република Македонија, и она што можеби е едно од најважните нешта во нашето понатамошно делување е - ќе создадеме,  како што во периодот на владеење ВМРО-ДПМНЕ создаде, а сега тоа сосема се изгуби, поволна клима за инвестиции, странски инвестиции, па и домашни инвестиции во Република Македонија кои апсолутно би го подобриле животниот стандард на граѓаните на Република Македонија. Ова е само дел од програмата која е презентирана, има уште многу делови, меѓутоа во моментот како опозициона партија ние не сме во состојба комплетно да ја спроведуваме програмата. Ќе се однесуваме како конструктивна опозиција и дел од нашите решенија што ги нудат нашите тимови во иднина ќе ги понудиме на владејачките партии, иако се сомневаме дека искрено ќе бидат прифатени. Како и да е, ние ќе бидеме упорни, сметајќи дека таквото нешто ќе биде добро за целата држава и за сите граѓани во Република Македонија, затоа што ВМРО-Народна партија всушност ќе работи за добробит на сите граѓани во оваа држава. Нашиот пат е патот кој Република Македонија ќе ја одведе во Европската Унија, со сериозни долгорочни планови кои би ги опфатиле следните 10 години, и во таквите долгорочни планови се разбира најмногу ќе се осврнеме или ќе се фокусираме на економските ресурси на оваа земја, за подобрување на економската состојба на државата, со што сметаме дека ќе настане и силна релаксација на меѓунационалните или етничките односи во државата.

ТЕМА1. net: - Како ја оценувате политичко - безбедносната состојба во Република Македонија? Каква е оценката за тврдењата дека е загрозен опстанокот на Државата и од каде доаѓа таквото загрозување – од надвор или од внатре?

ЈАНЕВСКА: - ВМРО-Народна партија според анализите кои ги направи на теренот, консултациите со своите членови од целата територија на Република Македонија, донесува заклучок дека безбедносната состојба во Република Македонија не е таква каква што очекуваваме да биде после потпишување на Рамковниот договор и не е таква каква што граѓаните денес очекуваат таа да биде. Ја потсетувам јавноста на една изјава на г-динот Хари Костов во времето кога беше министер за полиција и кога рече дека тој не може и не сака на секој чекор од територијата на земјата да обезбеди безбедност за сите граѓани. Сметам дека таквото нешто е сосема неодговорно, таквата изјава не само што е неодговорна, туку е и фрустрирачка и деморализирачка за граѓаните на Република Македонија. Сведоци сме дека секојдневно се случуваат немили настани кои ги извршуваат таканаречени “постконфликтни банди“, иако јас искрено се сомневам дека станува збор само за банди. Мислам дека на јавноста веќе и` е познат фактот дека овие денови полицијата на РМ не може да влезе во Кондово, дека и` е забранет влез од страна на некаков командант на “УЧК“, оттаму пристигнуваат информации дека униформирани лица во црни униформи се шетаат и владеат врз населението во Кондово, и со голема жал можам да кажам дека албанското население кое се наоѓа во Кондово е тероризирано од таквите лица. Значи, тврдам дека опстанокот на оваа земја е загрозен и одвнатре затоа што, за жал, постоечката власт на РМ не е способна да ги обезбеди правата на граѓаните во оваа држава, зборувам во моментов за правата за слободно движење на територијата на РМ. Ние веќе повеќе пати кажавме и сметаме дека новиот Закон за територијална организација, кој сега е веќе прифатен, по неуспешниот референдум, е лошо решение за РМ, од едноставна причина што, всушност, претставува проект на Големоалбанскиот екстремизам за создавање на една Големоалбанска држава на Балканскиот Полуостров. Иако формално тоа не изгледа така, иако формално албанските политички партии во Македонија потпишаа некаква декларација за стратешки напредок на оваа земја, нашето искуство вели дека не секогаш треба и можеме да имаме доверба во нашите сограѓани албанци. Нашето искуство кажува дека тие понекогаш знаат многу поинаку и не мултиетнички да се однесуваат. Таков пример е Арачиново каде што иселените Македонци сеуште не можат да се вратат и нормално да живеат во населеното место каде што го поминале речиси целиот живот. Ваквата албанска политика на еден Големоалбански екстремизам се разбира дека е поддржувана и од надвор, на јавноста веќе сосема и` се познати апологетите на таа идеја и поддржувачите на таа идеја. Она што можам да го ветам на нашите граѓани, од нашата држава, е дека ние како ВМРО-Народна партија ќе сториме се` што е во наша можност, реално, во овие услови да овозможиме еден навистина искрен, толерантен и полн со доверба мултиетнички живот во државата, се разбира со една огромна заложба за зачувување на сегашните граници на РМ.

ТЕМА1. net: - Република Македонија и Македонскиот народ денес се фрлени на економското и социјалното дно, какво што не е забележано во последните 60 години. Кому му припаѓаат заслугите и одговорноста за сето тоа?

ЈАНЕВСКА: - Република Македонија денес е фрлена во економско и социјално дно, како што не е забележано во последните шеесетина години - тоа е сосема точна констатација и за жал јас многу конкретно и одговорно ќе кажам дека за тоа е одговорна оваа власт, и не само оваа власт, и власта која ја формираше СДСМ во изминатите 14 години. Значи, одговорноста ја лоцирам во тие структури, во нивниот несериозен однос кон државата и во нивното фокусирање многу повеќе да се бават со политика отколку да се бават со реалните проблеми на граѓаните. Се покажа дека владите кои ги формираше СДСМ не се покажаа многу успешни ни во претходните влади, ниту во оваа, и би сакала да ги потсетам граѓаните на времето кога се чекаше ред за шеќер, на времето кога се чекаше ред за масло, кога се купуваше бензин со бонови... Значи тоа е еден период од минатото владеење на СДСМ. Денес би сакала да ги потсетам на масовното губење на работни места, да не набројувам од каде, од ЕСМ, од Телеком, од болниците и од сите други државни претпријатија, за разлика од она што го ветуваше власта во времето на изборите, односно во времето на парлементарните избори – вработување, подобрување на економската состојба, подобрување на земјоделието. Се покажа дека тие немаат капацитет да ги остварат ветувањата, иако овој период на владеење, за разлика од периодот на владеење од 1998-2002 год. е многу различен. Различен е на пример по тоа што нема бегалска криза и што нема воен конфликт. Како што кажав, безбедноста не е сосема добра, меѓутоа секако е подобра од оној период кога во земјава имаше воени дејствија. Зошто тоа се случува? Мое мислење е дека е веројатно од неспособноста, а и од немање волја да се стори нешто повеќе за сопствениот народ или сопствените граѓани, како што милувате, сите тие се исти пред законот и пред власта, без разлика на националност или вероисповед, сосема сеедно, од нивниот несериозен однос кон државата.

ТЕМА1. net: - Дали во Република Македонија има одговорност, и каква е одговорноста на “авторите и актерите“ кои ги доведоа Државата и Народот на ова место каде што се сега?

ЈАНЕВСКА: - Се чини дека во последните 14 години многу малку се зборува за одговорност на луѓето кои раководат со политичката сцена во Македонија и не само што многу малку се говори, туку и тие многу малку покажуваат одговорност кон делата кои ги направија. Се чини дека имаше еден мал период од четири години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога навистина граѓаните на Македонија можеа да почувствуваат одговорно владеење од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери. Во времето на владеење на другите влади во самостојна Република Македонија, јавноста сосема јасно знае дека се случија грешки во владеењето би ги нарекла, некои свесни, некои несвесни, дека се случија – еве отворено ќе кажам – големи финансиски проневери, дека актерите на тие големи финансиски проневери се јавно познати, на пример една таква е и ТАТ, за ТАТ никој не одговараше, за пропаста на други штедилници никој не одговараше, за лошиот модел на приватизација во земјава никој не одговараше, денес никој не одговара за лошата клима која се создава за странски инвестиции... Мислам дека таквиот тип на владеење и однесување не само на актерите во таквите дејствија, туку и на правниот систем создава лоша клима за граѓаните кои ја губат довербата во сопствената држава и сопствените институции. Не би сакала да го осудам правниот систем однапред, затоа што и таму работат граѓани на Македонија кои трпат силни притисоци, кои се постојано под силен притисок дека би требало да се однесуваат или да пресудуваат во склоп со општата политика која дневно владее во Република Македонија. Всушност, повеќе би сакала да кажам дека тие се оневозможени во својата работа, отколку дека не можат или не сакаат да ја сработат својата работа. Одговорноста која ние, тогаш во ВМРО-ДПМНЕ, а сега во ВМРО-Народна партија ја носевме за време на нашето владеење, ден-денес ја признаваме и ден-денес стоиме зад се` она што сме направиле или зад се` она што не сме направиле. Впрочем, за незадоволството на граѓаните говорат изборите од 2002 година, иако најодговорно, сега кога веќе зборуваме за одговорноста, тврдам дека таквиот резултат 2002 година на парламентарните избори повеќе се должи на лошата клима, на лошата пропаганда која се создаде против владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и од внатре и од надвор со единствена цел да се спроведе тоа што се спроведе завчера, на 7. Ноември (Референдум-м.з.), и претходно со донесување на оној лош закон за терторијална прераспределба. Значи за крај би кажала дека падот на власта на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на остварување на тогаш скриени, а денес јасно видени цели за одземање на дел од територијата на Република Македонија, значи Струга, Кичево и половина Скопје, за која видни функционери на ДУИ велат дека е природна граница во која Република Македонија би требало да се граничи со Големо Косово или со Голема Албанија.

Т