Велигден
2008
во Македонија
26.04.2008
Велигденска порака на Архиепископот
Охридски и Македонски г.г. Стефан
Возљубени празникољубци,
Денот на Христовото воскресение од
нашиот благочестив народ е наречен Велигден. И, навистина, нема друг
ден – сотаков настан, ден со таква победа и ден од кој се роди толкава
радост!
Христос воскресна – и се исполнија
пророштвата, се остварија очекувањата и надежите станаа реалност.
Тој ден е најзначајниот во сета историја
на светот и човекот, зашто на тој ден блеснаа светлината и вистината и
во тој ден изгреа од Христа Сонцето на правдата.
Голем е тој ден оти победена е
неправдата со правда, зошто со Воскресението и Евангелието извршена е
преобразба во животот на луѓето.
Голем и најголем е овој ден зашто е
празник во кој торжествува животот и од кој што извираат љубовта и
надежта.
Тој е денот кој ја роди и ја раѓа
постојаната радост. А за да ја доживееме и ние радоста од празниот
гроб, потребно ни е да се утврдуваме во вистината и правдата, да
растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието – да
живееме во верата со добри дела. Само доколку нашиот живот го крастат
такви добродетели – тогаш сме ја разбрале смислата на Настанот од овој
ден пред 2000 години.
Ние сме народ кој знае да се радува на
Велигден и на сите празници, како што знае и да трпи страданија, да
поднесува голготи и распетија. На овој спасоносен ден посакувам
Воскреснатиот Господ да ни дарува сили да истраеме во искушенијата и
неправдите, да го зачуваме духовниот мир и националното достоинство,
зошто така ни доликува како на древен, охристовен и богољубив,
библиски и човекољубив народ, и да покажеме единство во верата и
почитување во меѓусебните однесувања.
Господ Сепобедителот, нека не’ чува во
радоста на празникот и во љубовта евангелска, за да можеме де ги
почувствуваме и да живееме постојано велигденски. Амин! Христос
воскресе!
Архиепископот Охридски и Македонски
г.г. Стефан
____________________________
tema1.net