17-11-2008
 


Андријана ЈАНЕВСКА
- извонредна пеачка и Прва виолина на МОБ 

Дама со детско срце

“Се разочарувам само од оние кои успеале да ми го освојат срцето, а ја изневериле мојата доверба... Во денешното “време на откровение“ тешко е да бидеш нормален човек... Круна на мојата кариера би бил голем солистички концерт. Доколку се’ оди според планот, би требело да се одржи во МОБ кон крајот на јануари...“

 

Тема1: Како ги помина последните денови? Најпозитивно и најнегативно нешто што ти се случи?

Андријана: - По природа сум оптимист, па така, секогаш ја гледам светлината на крајот од тунелот. И на негативните случувања се трудам да гледам со розеви очила, затоа што секое зло – за добро е.

Тема1: Која е Андријана во приватниот живот?

Андријана: - Жена со детско срце.

Тема1: А која е Андријана во јавниот и професионалниот живот?

Андријана: - Вљубеник бо уметноста.

Тема1: Кој е моментот на твојата најголема гордост со она што си го сторила или добила?

Андријана: - Се гордеам со моето семејство. Конечно сфатив дека заслужува да биде на пиедесталот. Се’ минува, но тоа останува и кога те нема.

Тема1: Кој е моментот на твојата најголема тага или разочарување и зошто?

Андријана: - Се разочарувам само од оние кои успеале да ми го освојат срцето, а ја изневериле мојата доверба. Ништо друго не ме растажува, затоа што безвредно е да фрлаш бисери пред свињи.

Тема1: Што те прави особено среќна, а што несреќна?

Андријана: - Среќна сум што го работам она што го сакам, а се унесреќувам кога сум болна, затоа што не можам да уживам во убавината на денот.

Tema1: Која професија никогаш не би ја работела?

Андријана: - Не би можела да работам ниту една работа што е поврзана со учење на памет. Со други зборови, не ми е важно дали професијата е угледна или не, туку колку мене ме исполнува.

Tema1: Колку си задоволна со себе? Дали имаш неостварена амбиција? Кон што се стремиш?

Андријана: - Се разбира дека сум задоволна, затоа што во денешното “време на откровение“ тешко е да бидеш нормален човек. Одамна сфатив дека амбициите да станеш “некој и нешто“ се безвредни од причина што подоцна ќе бидеме сите исти. Куќата и автомобилот не можеш да ги земеш со себе на небото.

Tema1: До која мера ти се допаѓа твојот сопствен начин на изразување? Што наоѓаш дека е најубаво во твоето дело?

Андријана: - Зависи за какво изразување станува збор. Доколку се мисли на уметничката вредност, тогаш нема сомневање дека само тоа знам да го правам. Јас не сум човек кој се задоволува со летен хит. Но, затоа секој има место под Сонцето: како инаку би имале критериум?!

Tema1: Андријана на сцената... Има промени во твојот лик настапите: се’ позабележителна е твојата  еротско-провокативна експозиција?

Андријана: - Тоа нејвероајтно се должи на еволуцијата на секој човек во текот на животот. Се разбира, мислам на духовната еволуција, созревањето во секој домен.

Tema1: На кого му припаѓа славата за твоите успеси (песни, текстови, аранжмани...)? Дали си задоволна со постигнатото?

Андријана: - Мотив за песните никогаш не ми била славата, затоа веројатно се такви какви што се. Многумина ми помогнале, но и ми одмогнале. Имињата не се важни, битно е што јас научив од тоа и што ке и’ пренесам на публиката.

Tema1: Што треба да направиш за крунисување на успехот во твојата професија?

Андријана: - Мојата професија е свирењето на виолина, па од таму, јас веќе одамна ја чувствувам круната, бидејќи работам во еден прекрасен оркестар во Македонската Опера и Балет. Доколку мислиш на пеењето, тогаш секако дека круна на мојата кариера би бил голем солистички концерт. Доколку се’ оди според планот, би требело да се одржи во МОБ кон крајот на јануари (2009 г.).

Tema1: Во што си подобра од другите пеачки кај нас?

Андријана: - На естрадата не постои добар и лош. Или те сакаат или не. Секој пејач си има одреден круг на обожаватели и тоа е целата филозофија. Мадона е поп кралица, но има и луѓе кои не ја сакаат. Легитимно е секој да мисли како што сака и чувствува.

Tema1: Кои се твоите квалитети и предности со кои сметаш дека ја освојуваш публиката?

Андријана: - Како што реков, немам претходно утврден план со кој би ја освоила публиката. Откако знам за себе се занимавам со музика, па мојот пристап кон неа е искрен. Оној кој умее тоа да го сфати, знае за што зборувам.

Tema1: Кој е патот за успех на сцената – дали она што се случува зад завесите на јавната сцена е поважно за успех?

Андријана: - Зависи што подразбирате под успех. Има бендови кои полнат сала со 8.000 луѓе без ниту еден спонзор и без ниту еден гостин, за разлика од некои други кои мора секој ден да се присутни во медиумите за да останат во сеќавање кај публиката. Разликата е, како што кажав претходно, во пристапот кон музиката. Во првиот пример, пристапот е искрен и чесен, затоа што уметникот твори заради уметноста, а не заради славата и парите.

Tema1: Дали зад сцената има игри со “непристојни предлози, услуги, пари”, игри со кои се одлучува за успехот на сцената?

Андријана: - Се разбира дека има, но за да допре до тебе треба да размислуваш како нив.

Tema1: Која е твојата сегашна професионална преокупација?

Андријана: - Работам како Прва виолина во Македонската Опера и Балет. Свириме прекрасни дела и понекогаш не чувствувам дека поминале четири часа во свирење. Тоа е она за кое претходно зборував – не го работи она што го сакаш, туку сакај го она што го работиш.

Tema1: …А која е приватната желба?

Андријана: - Да завршам со магистериумот до Март и да запишам докторат, затоа што има сеуште недопрени терени во областа на психологијата на музиката.

Tema1: Каде и како се гледаш себе си по пет и десет години?

Андријана: - Фамилијарно, со неколку деца покрај себе.

Tema1: Кој е твој омилен слоган и зошто?

Андријана: - Ако погледот ти е свртен кон светлината, сенката ќе ти биде зад грбот. Кој не знае зошто, нека се обиде, па ќе разбере.

___________________________________

Прашањата ги подготви: Злата Арсениевска

 

tema1.net