21.05.2006.
Нов медал
на американската униформа
Петар
РОМАНОВ, политички коментатор на РИА “Новости“
(Москва,
РИА “Новости“)
Неодамна
американскиот Конгрес во полн состав гласаше за утврдување на нов
медал “За победа во Студената војна“ (Cold
War Victory Medal).
Чесно
говорејќи, кога слушнав за таа вест, помислив дека некој се шегува,
затоа што тоа ми се пристори грдо. Впрочем, и подоцна, кога се уверив
дека информацијата е точна, долго бев во дилема од каде одеднаш таква
идеја на американската униформа да се прикачи уште еден медал за
некаква дамнешна, а покрај тоа не “жешка“, туку “студена војна“? И
зошто токму сега, а не веднаш по распадот на СССР? Мина многу време.
Ако би
се следел американскиот пример, Италијаните би можеле денес спокојно
да утврдат медал за победа во Галската војна. Тоа би било и пологично,
зашто во Галија било барем жешко.
Значи,
зошто токму денес?
Има
многу верзии. Една од нив
е, на пример, ваква: тоа е обид, онака, патем, да се потсети Москва,
која од аспект на Вашингтон во последно време постана
самостојна, кој победил, а кој изгубил во резултатот на
конфронтацијата со САД. Верзија втора – да се осоколи духот на
американската нација. Во текот на последните години САД, како победник
на воен план, а потоа морално и политички губејќи ја војната со Ирак,
остави на черечење на режимот на Садам Хусеин маса од неговите
политички противници, кои од наивност сериозно сметаа на американска
помош. Потоа следеше неславната ирачка војна во која, дури и по
окупирањето на земјата (и тоа со фалсификувани документи) Американците
се покажаа како неспособни таа земја да ја контролираат. На крајот, не
е исклучено да следи и нова војна, овој пат со Иран, уште повалкана и
со уште поголем број на невини жртви меѓу мирното население. А како би
било и поинаку, кога во Вашингтон сериозно ја разгледуваат темата за
примена на нуклеарно оружје во текот на новите операции? Верзија
трета, имајќи ја предвид човечката психологија, таа е најточна.
Едноставно, сите членови на Конгресот посакаа со медал на градите
да се појават пред сопругите, секретарките и љубовниците.
Во
зависност од тоа која од овие верзии е точна, можеме и различно да се
однесуваме спрема одлуката на американскиот Конгрес. Или со хумор, или
сериозно. Првите две верзии не предизвикуваат насмевка. Доколку САД
сериозно мислат да извршат притисок на денешна Русија, тогаш
тоа е, најблаго речено, политичка грешка. Како што веќе пишувавме,
возот замина од перонот, Русија веќе не е онаа од вчера. Што и да
говорат денеска во Вашингтон, во Кремелј ќе ги бранат
своите интереси и погледи, како на светските проблеми, така и на тоа
како ќе ја градат демократијата во сопствената куќа.
Доколку
САД се обидуваат да го осоколат моралниот дух на американскиот народ,
тоа е, секако, нивна работа, но едноставно тешко тоа и ќе успее,
особено во случај ако администрацијата на Буш сепак се осмели
да влезе во иранската војна.
И, на
крајот, главното прашање, кое веќе одамна бара објаснување. Треба, на
крајот, да се сфати дека САД не ја добија студената војна од
Советскиот Сојуз. Советскиот Сојуз таа војна ја изгуби. А тоа се
различни работи. Генот на распадот и неефикасноста беше имплантиран во
комунистичкиот систем, па затоа распадот започна практично од самиот
почеток. Патем речено, Советите беа само своевиден облик на народна
демократија, но уште Ленин го упропасти советскиот систем така
што сите органи на власта ги потчини на партијата на болшевиците. И
дефинитивно Советите умреа по задушувањето на познатото востание во
Кронштат уште во 1921 година.
Значи,
ако чесно сакаме, прв кој заслужува да биде награден со новиот
американски медал, макар и посмртно, тоа е Ленин. А награда исто
така заслужува и Хрушчов, кој го разобличи култот на
Сталиновата личност, односно под земјата ги изби идеолошките
потпирачи.
На
крајот, американски медал безусловно заслужува и Горбачов. Но
ни тој воопшто не се раководеше од западните радио-гласови – на
борците на студената војна. Горбачов мислеше за социјализам со
човечки лик и затоа не
се интересираше за западната демократија, туку за
еврокомунизам. Едноставно, помрднувајќи ја земјата од место, тој потоа
не успеа да се снајде, па Русија тргна самостојно. И по својот пат.
Има
херои на студената војна, секако, и во Соединетите Држави. Тоа е, на
пример, Збигњев Бжежински, кој во една прилика им раскажа на
француските медиуми како го вовлекувал СССР во, за кремелјските
старци, самоубиствената авганистанска авантура. И сето тоа се заврши
тажно, не само за Советскиот Сојуз, туку и за Америка. Токму
воспитаникот на ЦИА (CIA),
специјално обучен за борба против Русите во Авганистан, Осама бин
Ладен, е одговорен за трагедијата на 11 Септември во Њујорк.
Значи, прашањето е дали треба Бжежински да се одликува, или пак
треба да се казни.
Впрочем,
ако Конгресот на САД одлучил да утврди медал, секако дека ќе се најдат
и херои. – 0 –
Мислењето на авторот не мора да се совпаѓа со ставот на редакцијата.
Москва,
19.05.2006. РИА “Новости“.
______________________________
(Напомена: подвлеченото,
болд,
во текстот, е од
tema1.net)