Taka e! 2006

 

Јануари 2006

До последниот чин на комедијата!
19.01.2006. ТАКА Е!
– И ова е Македонија! Во старите записи се вели дека човековиот живот е војна против човековите зла. Во новите записи се вели дека човековиот живот е војна против државничкото зло! Тоа е Македонија! Некогаш во минатото можеби не било вака! Некогаш во иднината можеби нема да биде вака! Денес е така! Македонецот-жртва има свој мачител, државниците-мачители имаат своја жртва! А херојот-спасител е некаде во приказните, романите, филмовите, во илузиите, во лагите, во измамите...! И, колку и да е убава, оваа комедија не е завршена!... Од кривото дрво на човештвото - како што вели извесниот Кант -  никогаш не било избичено нешто право! Од кривиот државен врв, не може да се очекува нeшто право!... А комедијата продолжува, додека го читам записот на Блез Паскал: “Последниот чин е крвав, колку и да е убава комедијата...!“ И тоа е Македонија!... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

Последниот збор на “државниците“!
26.01.2006. ТАКА Е!
Дали нешто добро ќе се случи и во Македонија? Одговорот на ова прашање се наоѓа во одговорот на главното прашање, а тоа е: “Кој го има последниот збор?“ Експертите велат дека последниот збор во семејствата, по правило, им припаѓа на бабите: “Кога бабата ќе се појави, нејзинот збор е последен!“ Но, семејствата имаат – баби!... А, Македонија? Македонија има т.н. државници! Нивната волја е – нивниот збор да биде последен! И треба да биде последен! Но, нивниот последен збор сеуште не е запишан! Тогаш кога тоа ќе се случи – нешто добро ќе се случи и во Македонија! Така не учи и минатото! На пример: “Римските историчари секогаш ја опишуваат агонијата на нивните императори, токму за да можат да цитираат некоја мудра изрека или  некој извик што тие го изговориле!“... Македонските историчари сеуште не ја запишале агонијата на “државниците“! Претседателите, премиерите, министрите и нивните ортаци, кои Македонија ја доведоа во агонија, сеуште не го кажале последниот збор!... Нешто добро треба да се случи и во Македонија... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

Што било во 1619-та, што ќе биде во 2019-та?
30.01.2006. ТАКА Е!
– Се враќаме на преминот од XVI и XVII век во христијанската Европа. Тогаш се родил, живеел и бил убиен еден човек со многу имиња, кои во случајов и не се битни. Искачувајќи се до високите кругови на општеството, успеал да направи голема кариера во Италија, Франција и Англија. Станал и професор во Сорбона. Клучот на неговиот успех биле неговите дела. Во нив себе се претставил како голем БРАНИТЕЛ(!) на Господ Бог и на христијанството... Дали било така? Не било така! Кога неговите дела биле внимателно прочитани, ИЗМАМАТА излегла на видело: - Во делата БРАНИТЕЛОТ НЕ ГО БРАНЕЛ ОНА ЗА ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВАЛ ДЕКА ГО БРАНИ, ТУКУ ДОКАЖУВАЛ ДЕКА ТОА ШТО НАВОДНО ГО БРАНИ, НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОДБРАНИ! Потоа, во 1619 година, историјата запишала дека на БРАНИТЕЛОТ прво му бил отсечен јазикот, а потоа и главата... И, доаѓаме во времето на преминот од XX и XXI век во христијанска Македонија. Тука се родиле и живеат повеќе луѓе кои стасаа до високите државнички места – претседатели, премиери, министри, пратеници, бизнисмени... Кога ќе се побара друг збор за нивните функции и имиња, секогаш се доаѓа само до зборот: криминалци! Тие себе се претставуваат како големи БРАНИТЕЛИ на Народот и Државата! Дали е така! Не е така! Во делата(!) ТИЕ НЕ ГО БРАНАТ ОНА ЗА ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВААТ ДЕКА ГО БРАНАТ, ТУКУ ДОКАЖУВААТ ДЕКА ТОА ШТО НАВОДНО ГО БРАНАТ, НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОДБРАНИ! Потоа... Познато е што било во 1619-та! Не е познато што ќе биде до 2019-та!... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

Февруари 2006

ОГРОМЕН ЗЛОСТОР Е ДОБРО НА ЗЛИ ДА ЧИНИШ!
15.02.2006. ТАКА Е! – Во една од старите држави воспитувањето на младите не се вршело со зборови, туку со дела. Ги запрашале: - Зошто постапувате така? Одговориле: - Ги учиме на факти, а не на зборови!... Денес, читајќи ги зборовите, ги осознаваме фактите. А, еве ги фактите: “Сметам – запишал ЕНИЈ – огромен злостор е добро на зли да им чиниш“!... И, се враќаме во Македонија, во ова сегашно, расипано време! Расипано време – кога за претседател на државата се претставува Бранко ЦРВЕНКОВСКИ! Расипано време – кога за претседател на Владата се претставува Владо БУЧКОВСКИ! Расипано време – кога стореното зло те води кон удобноста и спокојот на врвот!... И, еве ги фактите за историјата, запишани во ова расипано време: - “Сметам огромен злостор е добро на „државниците“ да им чиниш! На „државниците“ добро им чиниш и тогаш кога – ништо не им чиниш! Злите се на врвот, а и расипаното време го достигна својот врв!“... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски 

КОЈ ГИ НАКЛЕВЕТИ ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА?
21.02.2006.
ТАКА Е! – Кој тоа таму, во Македонија, ги наклевети високите државници, политичари, бизнисмени од Македонија? Кој тоа таму фрла клевети врз велики претседатели, премиери, министри и милионери? Кој тоа таму јавно изнесува лаги и невистини, што им штетат на угледот, на достоинството, на физичкиот и на интелектуалниот интегритет на тие бистри лица? Кој тоа таму, во Македонија, се осмелил безобѕирно да ги валка ликот, името и делото на тие умови и на нивните семејства? Кој тоа таму си зел за право да ги нарушува здравјето и удобноста на тие “слуги на народот“?... КОЈ ТОА ТАМУ, ВО МАКЕДОНИЈА, ОВИЕ ВЕЛИКАНИ НА ДРЖАВАТА, БЕЗКРУПУЛОЗНО ГИ НАКЛЕВЕТИ ДЕКА СЕ – ЧЕСНИ, ПРАВЕДНИ, ИСКРЕНИ, МУДРИ, РАЗУМНИ, ХУМАНИ И ДОСТОИНСТВЕНИ ЛИЧНОСТИ? Кој тоа таму може такво нешто да тврди? Кој тоа таму може такво нешто да одбрани?... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

КОЈ ГО ТУРКА ОВОЈ НАРОД ВО ПРОПАСТ?
2
3.02.2006. ТАКА Е! – Кој го води и кој го турка овој народ во пропаст?... Во Македонија за големите злосторства – сеуште! – немало и нема ни закон, ни правда, ни судија, ни обвинител, ни полиција, кои би ја вршеле својата должност! Така било во изминатите 15 години! Така е и сега! Прв знак на расипаните закони и морал е – прогонувањето на вистината! Затоа, ова е време кога измамата, насилството и теророт од државниот крим-тим, веќе не е злосторство, туку стил на живеење, начин на изразување! “Човек за тоа се подготвува – се вели во стариот запис – како за чесна професија“! Тие така и се подготвувани, и “дресирани“ – како за чесна професија!!! Ете, им паднало на ум по професија да бидат она по што ги препознаваш - измамници, насилници, терористи, убијци, пропаднати и самонаречени интелектуалци, професори и експерти... Тоа е нивната “чесна професија“!... И - такви професионалци го водат и го туркаат овој народ во пропаст? Подолу, подлабоко, потемно... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Март 2006

Трубуналот во Хаг и “големата игра“!
15.03.2006.
ТАКА Е! Утрото, на 11 март 2006 година, во Хаг, во затворската ќелија на Меѓународниот трибунал за бивша Југославија беше најден(!) мртов поранешниот претседател на Југославија, Слободан МИЛОШЕВИЌ! Станува збор за трибуналот!... За интелектуалците, споменатиот суд – не беше и не е енигма! Имено, на 15-16 април 1999 година објавив анализа со наслов “Поттикнување на агресивна војна“, во два дела: “Позиција на сила и моќ“ и “Судот во функција на „големата игра„“. Текстот е објавен во весникот “Македонија Денес“ – Скопје, во две продолженија, а потоа и во мојата книга “Терор и одговор“(1999). Тоа беше времето кога Западот ја “спасуваше Југославија“ со поетска акција наречена “Милосрден ангел“... Судот во Хаг – не е енигма! И, тогаш објавив вака: “Еден меѓународен трибунал не може да функционира како независен суд... Заклучокот е едноставен: дали е добро да има само еден меѓународен кривичен суд или треба да се формира уште еден и како да се регулира нивната меѓусебна контрола на работата, а лицето против кое се води постапката да не остане „со сите слободи и права„ што не ќе може да ги користи следните дваесет години, затоа што неговиот „противник има аргумент што судот не може да го одбие„“. И, понатака: “ – Посебно треба да се истакне следното: фактот за постоењето на само еден меѓународен суд за кривични дела против човечноста и меѓународното право, самиот по себе зборува дека таквата институција не може да функционира како независен суд, ниту како суд. Едноставно, тој е само во функција на „големата игра„“... Трибуналот во Хаг не е енигма! А – смртта во Трибуналот?... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Мај 2006

Кога доброто мислење нанесува штета!
03.05.2006. ТАКА Е! – Ова е една варијанта за тоа кога не е добро – за некого да се пишува добро? ... И, пак, пишувам за претседателот, за премиерот, за министрите, за пратениците... Пишувам за државно-политичкиот-бизнис “крим-тим“... И – сакав да запишам нешто добро за она што го сториле! Дали е добро за нив – да се запише нешто добро! Одговорот е: не е добро! Од три причини! ПРВО: побарав мислење од еден мудрец од старо време, и тој вели: “Во доба на расипници и незналици, какво што е ова, доброто мислење на публиката нанесува штета!“ ВТОРО: истражував – што добро тие сториле? И – ништо  не пронајдов, не открив, не видов! ТРЕТО: сепак, сакав да напишам нешто добро за нив, со тоа што ќе ги цитирам нивните јавни изјави за доброто што тие го сториле. Но, за да ги цитирам, требaше да се согласам и да го потврдам нивното мислење, односно – нивните измами да ги прикажам како вистини! Тоа не го правам!... Така, сега, не запишав ништо добро за нив – за доброто мислење да не им нанесе штета!... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Ниту еден ден без зло...!
09.05.2006. ТАКА Е! – Учиме историја. Учиме, за да можеме да ги отстраниме глупостите, апсурдите, идиотизмите, односно за да ги отстраниме глупаците, апсурдните, идиотите... Или, барем, да ги замениме со помали... Но, наместо тоа, се случува спротивното! ...Во историските приказни познат е случајот со извесниот Понтијски крал МИТРИДАТ, кој живеел во годините од 120-63 од старата ера. Кралот МИТРИДАТ бил познат по тоа што своите ум и организам ги навикнал на отров. Поради тоа, не можел да живее ако секојдневно не се напиел некој од разните видови отрови... Во сегашната историска приказна го забележуваме случајот со државно-политичкиот-бизнис крим-тим во државата која се распаѓа - во Република Македонија. Тоа е случајот со тимот составен од претседатели + премиери + министри + пратеници + амбасадори + “бизнисмени“ и слични на нив, кои своите умови и организми толку ги навикнале на злосторства, така што не можат да живеат ако секојдневно не направат зло, грабеж, лага и измама... Епилогот за Митридат вели дека, на крајот, извршил самоубиство! Познато е дека историските приказни се повторуваат. Се очекува само – епилогот!... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Грабеж, зло и измама во Македонија: сто проценти!
25.05.2006. ТАКА Е! – За некој човек, кој правел тоа што го правел, само затоа што тоа постојано го правел, бистриот Лукан (39-65 г.) запишал дека тој тоа го правел: “Сметајќи дека ништо не сторил, се додека останало уште нешто да се стори“!... Како е денес во Македонија? Еве како стојат работите! Во почетокот на јули 2006 година во Македонија ќе се одржи финалето на уште една лакрдија наречена “Парламентарни избори 2006“! На сцената, пак, се искачуваат истите лакрдијаши, комедијанти, криминалци и фолиранти, кои сметаат дека ништо не сториле, се додека останало уште нешто да сторат – за себе! И вака говорат: “Во изборната кампања ќе бидат претставени 50-те најголеми достигнувања на СДСМ во периодот од ноември 2002 до мај оваа година, а овој проект ќе биде заокружен на почетокот на јуни со промоција на 50-те планирани проекти и сето тоа под мотото 50 + 50, 100 проценти за Македонија“! Така говори лицето Владо Бучковски од СДСМ, кој во оваа претстава ја игра и улогата на Премиер на РМ. Ете, така. Тие ништо не сториле, ако останало уште нешто да сторат – за себе!... Концептот е вака: “Ограбувачот смета дека ништо не ограбил, се додека останало уште нешто да ограби! Злосторникот смета дека не сторил некакво зло, се додека останало уште зло да стори! Измамникот смета дека никого не измамил, се додека има кого да измами! Бегалецот смета дека воопшто не избегал, се додека има уште пат за бегање...“! Еве, така! Така стојат работите! Грабеж, зло, измама, бегство – сто проценти за државно-политичкиот крим-тим во Македонија!... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски ● 

Јуни 2006 

Невозможно правило – разумна власт во Македонија!
03.06.2006. ТАКА Е! – Таканаречените политичари во Македонија излегоа од своите дувла! Повод за тоа се претстојните јулски Парламентарни избори – 2006! На безбедно растојание од народот, претставувајќи се како политичари, разбојниците пак јаваат низ државата! Целта им е да останат она што се! Неказнети разбојници! Нивните имиња се познати... Кога би ги видел мудриот Монтењ (XVI век) од старото  време, би ги советувал со корисното и едноставно правило: “Задоволувајте се со она што е ваше, односно со својот разум!“ Но, со тоа, мудрецот во Македонија би постанал “глупакот Монтењ“, оти не знае дека за членовите на т.н. државна власт тоа е – невозможно правило! ТИЕ се задоволуваат со удобноста од неказнетото зло што го прават, и спокојот со кој ги гледаат маките на народот! Тоа е нивното задоволство! ТИЕ не можат да бидат задоволни од својот разум! Причината е едноставна: задоволството од власта можат да го изгубат, а разумот не можат да го изгубат! “Многумина – се вели во еден запис од XVII век – не го губат разумот, затоа што и го немаат!“... ТИЕ не можат да го изгубат својот разум!!!... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Сиромаштијо Македонска...!
16.06.2006. ТАКА Е! Измамници крстосуваат низ Македонија. Сцената е покриена со партиски знамиња, со државни симболи на Македонија и на туѓи држави(!?), со музика, со песни, со игри, со забави, со здружени разбојници и промашени интелектуалци... Македонија ја крстосуваат измами од сите бои: сина измама, црвена измама, црно-бела измама, портокалова измама, жолта измама, зелена измама, Европска измама, USA измама... А, што прави ограбениот, понижениот и прегазениот Македонецот? Македонецот ја наполни торбата со партиски програми и – отиде “на пазарот за цвеќе“... Отиде на пазарот за цвеќе, на пазарот за леб, за сол, за пиперки, за домати... И, зеде цвеќе, зеде леб, зеде сол, зеде пиперка, зеде домат! И, отиде на касата да плати! “Триста денари“ – вели продавачката. Македонецот од торбата вади “триста партиски програми, пее триста партиски песни и цитира триста т.н. државници! “Сиромаштијо Македонска – жално вели продавачката и додава – сето тоа нема никаква вредност“! И, Македонецот го враќа лебот, ја враќа солта... “Знам дека нема никаква вредност! – вели сиромаштијата и додава – Само проверувам дали е така!“... ТАКА Е! ● Концепт, М. Арсениевски

Бандитска историска фаза во Македонија!
26.06.2006. ТАКА Е! – Во оваа бандитска историска фаза низ која минува Македонскиот народ и државата Македонија, една толпа од разбојнички банди, кои се претставуваат како политички партии, “со отмени гримаси“ ги објавија своите т.н. изборни програми. За содржината на овие т.н. програми побарав мислење од повеќе историски умови, како што се: АВГУСТИН, ГРАСИЈАН, ПАСКАЛ, КЈЕРКРЕГОР, СЈОРАН, КОЛИНГВУД... И, еве ги нивните одговори! Аврелиј АВГУСТИН (354-430) вели: “Не може да го избегне гладот оној кој лиже нацртан леб“! Балтазар ГРАСИЈАН (1604-1658) вели: “Зборовите не можат да се јадат, тие се ветер... измама“! Блез ПАСКАЛ (1623-1662) вели: “Луѓето не стануваат богати од тоа што го гледаат богатството на некој туѓинец“! Серен КЈЕРКРЕГОР одговори во 1843-та, па вели: “Не би можел да го јадам објаснувањето, кое луѓето ми го нудат“! Емил СЈОРАН (1911 – 1995) вели: “Не можеш да го заобиколиш животот со објаснувања“! Робин Џ. КОЛИНГВУД одговори во 1946-та па вели: “Ако го земеме предвид телесниот живот на човекот; тој не се заситува ако другиот му ја изел храната, не се одмора ако другите спијат“!... Така велат! На народот му се нуди нацртан леб, ветер и измама, гледање на туѓо богатство, објаснување наместо храна... А, народот имаше: и леб, и храна, и дом, и семејство, и работа, и гордост, и богатство, и сон, и спокој... Тоа беше во времето пред оваа разбојничка историска фаза во Македонија! Денес, државно-политичките банди, со отмени гримаси, јаваат низ Македонија!... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

Јули 2006 

Правилото на победникот!
10.07.2006. ТАКА Е! – Сведоци сме на завршувањето на уште една претстава што се одигра под циркускиот шатор поставен над Македонија. Тоа беше претставата “Парламентарни избори 2006“! За некого тоа е трагедија, за некого комедија, за некого лакрдија! Главни протагонисти во улогите на “спасители и мачители“ беа т.н. политичари. Факт е дека ваквите претстави се играат од почетокот во 1990 година, и за Македонскиот народ не се ништо повеќе од – лакрдии... Но, овде станува збор е за “спасителите и мачителите“! Оние коишто ги загубија изборите се унесреќени и започнаа да објаснуваат и да набројуваат некакви причини заради кои изгубиле на изборите. Така, поразените се правдаат во себе, за себе, меѓу себе, пред себе и пред народот! Такво е истрошеното правило на поразениот! А кое е правилото на победникот? Едноставно – наједноставно! Старото правилото на победникот вели вака: “На тој којшто ќе победи, не му треба никакво оправдување!“ Така е во секоја завршена игра! Победникот нема за што да се правда!... Започнува нова игра... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски 

Август 2006

Историјата не памети ваква епоха!
08.08.2006. ТАКА Е! – Сликата на Германија од XIX век ја гледаме низ призмата на еден запис од 1840 година. Сведок на таа епоха е Артур ШОПЕНХАУЕР, кој запишал вака: “Која епоха доживеала толку планско и насилно промовирање на лошото, како што се случи во последните дваесет години во Германија? Која друга епоха би можела да прикаже слична апотеоза на бесмисленото и на безумието?“... Одговорот е: ова е таа епоха – епохата од 1990-2006 година, во Македонија! И вистинските прашања се: 1) Која епоха доживеала толку планско и насилно промовирање на злото и злосторството, на теророт и ужасот, на грабежот и велепредавството, како што се случи во последните шеснаесет години во Македонија; 2) Која епоха би можела да прикаже слично величење и славење на таква бесмисленост и на такво безумие; и 3) Која епоха може да прикаже ваква т.н. државно-политичка власт, која се гордее со она што го стори, како што се случи во последните шеснаесет години во Македонија?... Историјата не памети ваква епоха!... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

На престолот, пак – исти лица, исти маски!
10.08.2006. ТАКА Е! – Кон престолот сите тие сакаат, кон фотељите на кои се седи – над законот!... Во Македонија се избраа, така велат, нови(!) пратеници во Собранието, се бираат нови министри во Владата... Исти лица, исти маски... “Кон престолот сите тие сакаат – запишал Фридрих Ниче (1844-1900), и појаснува – тоа е нивното лудило – како среќата да седи на престолот. Често кал седи на престолот, а често и престолот е на кал.“ За престолот, го запрашав и Мишел де Монтењ (1533-1592), па тој пишува: “Попусто ни е да се качуваме на патерици, оти и на патериците треба да одиме со сопствените нозе. И на највисокото место, сепак седиме на својата задница.“ Истовремено, се јави и “универзалниот гение“ Гете (1749-1832), со стиховите: “Ти си на крајот – тоа што си, / и да си ставиш перика со милион локни, / и да ги обуеш нозете во високи чизми: / ти сепак ќе останеш тоа што си.“ Стаса и записот од Шпанецот Франциско де Кеведо (1580-1645), кој тврди дека: “Никогаш не ја менува својата состојба оној кој само го менува местото, а не ги промени животот и обичаите.“... ТИЕ се тоа што се, и – кон престолот сите тие сакаат... Во Македонија, таму седи нивниот спас, нивниот неказнет раскош!... ТАКА Е! Концепт, М. Арсениевски

За лицето кое го знае исправниот пат!
22.08.2006. ТАКА Е! – Во август 2006-та година, привремениот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, и неговото друштво, свечено прославија некаков нивни јубилеј – пет години од потпишување на т.н. Рамковен договор, склучен меѓу државно-политичкиот врв на РМ и албанските терористи. Инспириран од своето дело, Црвенковски ја кажа својата приказна, па рече: “...Со чиста совест го ставив својот потпис на Охридскиот рамковен договор. ... И тогаш бевме свесни дека го избравме подолгиот и потешкиот, но единствено исправниот пат.“ Така е, така треба – секогаш свесни и на единствено исправниот пат! Ета, така прави и тој, кој повеќето од последните 15 години ги мина на премиерската и претседателската функција!... А, во тоа време Македо