|
|
Taka e! 2007 |
Валкана игра!
23.02.2007.
ТАКА Е! – Во Македонија се игра ужасно ВАЛКАНА ИГРА. Подмолна, заслепувачка, сурова. Ваквата валкана игра е запишана во средината на XIX век, а нејзиното потекло е од најстарите времиња на почетоците на државата... Проектот на валканата игра е во функција на остварувањето на ГОЛЕМАТА ИЗМАМА. Парламентарните избори се само една сцена од големата измама, по која – ВАЛАКАНАТА ИГРА ПРОДОЛЖУВА!... И денес, во една трагична македонска епоха, сведоци сме на валканата игра. Членовите на една крим-групација, поделена во две-три т.н. политчки партии, ги спротиставуваат своите валкани мисли, идеи, планови, намери, цели и дела – тие се противници, непријатели, судрени и спротивствени страни. Лакрдија во ракавици, нежно, без загрозување, без последици. Состојбата не смее да ја се промени... “Никогаш не ја менува својата состојба оној кој само го менува местото, а не ги менува животот и обичаите“ – така е запишано. Тие ги менуваат местата, но не ги менуваат своите животи и обичаи... Криминалот, пленот и неказнетиот раскош – пред се’ и над се’ – тоа е и животот, тоа е и обичај!... За да се провери нивната меѓусебна спротивставеност и непријателство – доволно е малку посериозно да се протресе крим-досието на некој од нив и да се загрози нивниот мир и спокој на престолот. Тогаш – се гледа ефектот на внатрешното единство во одбрана на престолот. “Тоа е нивното лудило – запишал еден мудрец – како среќата да седи на престолот!“... Во Македонија, лудилото седи на престолот – тоа е нивната среќа!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Големата трагедија на животот...!
14.03.2007.
ТАКА Е! – Една голема мисла го учи човека и го осветлува неговиот ум и разум за да може и да ја разбере, и да ја научи, и да ја запише, и да ја изговори суштината на “големата трагедија на животот“. Притоа, мислителот открива само две димензии на трагедијата: 1/ димензијата на страдањата, и 2/ димензијата на она што се губи!
И, вели вака: “Големата трагедија на животот не е во димензијата на нашите страдања, туку во димензијата на она што го губиме“!
Сега е 2007 година. Приказната за македонската трагедија трае повеќе од 15 години, од 1990/91 година. Големата трагедија на животот, во Македонија ја открива и третата димензија. И, не треба да се биде ниту голем мудрец, ниту голем мислител, за да се осветли таа трета димензија на трагедијата. За тоа, доволно е само да се биде Македонец!
Затоа, сега, во 2007 година, запишано е вака: “Големата трагедија на животот не е во димензијата на нашите страдања, ниту во димензијата на она што го губиме, туку во димензијата на она што го загубивме... Ја загубивме... Ја загубивме државата Македонија... (во потпис: Македонец)“... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Приказните за Црвенкапа и државниците!
10-04-2007
ТАКА Е! – Приказната за малата Црвенкапа и други бајки сме ги слушале во детството. Секој ги доживувал на свој начин, а вообичаено чувство за верба, надеж, правда, морал, достоинство, почитување, љубов...
Приказните за Македонија, како, верувале или не, некаква “успешна приказна на државниот крим-тим“, во различни верзии се слуша повеќе од петнаесет години. И тоа би било бајка, ако не е веќе трагедија, но кај измачениот Македонец од тортурата од државно-политичката власт, предизвикува чувство на верба, надеж, правда, морал, достоинство, почитување, љубов...
Но, тука е и парадоксот на “премногу добро“.
Што недостасува во овие две приказни? Недостасува другиот дел од приказните!
Во приказната за Црвенкапа недостасува делот за нејзините родители... Можна верзија: - Таткото, како македонски државник, за тоа време ограбувал банки, фирми, имот, ја предавал државата, го бркал народот од работа... А мајката, откако ја испратила Црвенкапа кај баба и’, веднаш го повикала швалерот. Била сама, па што ќе прави!
Во приказната за “Македонија во Европа – Сега!“, недостасува делот за државно-политчкиот крим тим... Вториот дел е тука. Сигурна верзија: - Грабежи, разбојништва, тортура, терор, лаги и измами, предавства... И, пак: Грабежи, разбојништва, тортура, терор, лаги и измами, предавства...
Такви се – и бајките, и злосторствата!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Мудрите имаат повеќе да научат од лудите!
04-05-2007
ТАКА Е! – Запишано е за извесен мудрец по име Катон дека живеел во времето на III/II век од старата ера. Запишано е за мудрецот Катон дека ги изговорил и следните зборови: “Мудрите имаат повеќе да научат од лудите, отколку лудите од мудрите!“ Друг мудрец, кој живеел во XVI век, ја повторил и ја подтврдил ваквата мудрост...
И, еве, стасавме во Македонија, во ова време на “демократија обоена во сино“. И, ако мудрите имаат повеќе да научат од лудите, отколку лудите од мудрите, тогаш што и од кого може да научи обичниот Македонец, ако воедно не е мудрец или не е луд? Може многу да научи. Има да научи “седумпати повеќе“ отколку што мудрите би научиле од лудите!
За таа цел, да се научи повеќе, за Македонецот потребен е мал напор и да се угледа на државно-политичката власт во Република Македонија! Има што да научи: како да граба, мами и лаже, како да врши предавства, терор и убиства, како да биде богат, сит и пијан, како да ја продаде, предаде и уништи држава, како да го доведе народот на питачки стап... Весело започнаа и сеуште весело седат на престолот!
И тоа не е крај на учењето од лудите во Македонија. Секогаш треба да се види и крајот на приказната. За тоа, на сцената на историјата се појавува трет мудрец, кој тврди дека за да се види нечија среќа, комедија, или трагедија, секогаш треба да се причека неговиот последниот ден... “Има луѓе, кои не е можно да ги спасиш од самите себе!“... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Десет екстремни опасности за Македонецот!
28.05.2007.
ТАКА Е! – Сега сме во времето на 2007-ма година, а петнаесет годишната практика ги потврди десетте екстремни опасности за Македонецот во Република Македонија и во светот!
Да бидеш – Македонец!!!
Да мислиш со сопствена глава!
Да не мислиш со главите на Европската Унија, САД и НАТО!
Да ги браниш, афирмираш и заштитуваш македонската држава и македонските национални интереси и дело!
Да не се согласуваш со врвниот државен криминал и да ги откриваш злосторствата на држвано-политичкиот крим-тим!
Да не се согласуваш и да се противиш на политичката проституцаија на корумпираните емисари и државници од Еворпската Унија и САД, кои го подржуваат државно-политичкиот крим-тим во оштетувањето, уривањето и уништувањето на македонската национална држава!
Да не се согласуваш и да се противиш на идиотската политика на понижување на македонскиот народ од страна на Европската Унија и САД и од власта во РМ!
Да не се согласуваш и да се противиш на влегувањето на Македонија во воената алијанса НАТО, која, како инструмент на ЕУ и САД, во “финалниот“ чин во 2001-та година активно учествуваше во агресијата од албанскиот тероризам врз Македонија! (Сето тоа сторено во “соработка“ со државно-политичкиот џган на РМ)!
Да изразиш позитивно мислење и став, на пример, кон Русија!
Да обзнаниш дека овој капиталистички систем е најмалку “седумпати“ поужасен од фашизмот + приказните за најекстремниот комунизам!
...ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Државниците се вратија!... Зошто?
11-06-2007
ТАКА Е! – Претседателот на државата беше во повеќедневна посета на улиците на Тирана! Претседателот на Владата го разгледуваше Берлин! Претседателот на Парламентот го виде Рим!
Еден министер со својата тајфа се шеташе низ Западот! Друг министер беше залутал некаде на Северот! Трет министер патуваше со црна туристичка чанта низ Блискиот Исток! Четврти министер ја носеше “плавушата“ низ Средоземјето! Петти министер, многу загрижен за настаните во Ирак, замина за – САД! Шести министер, многу загрижен за настаните во САД, замина за – Ирак! Седми министер, кој имаше и австриско државјанство, остана дома – во Австрија! Осми министер отиде во работна посета на своето семејство – во Швајцарија! Девети министер проверуваше некои сметки низ некои острови-држави! Десети министер замина во погрешен правец – го промаши континентот...
Неколку групи на парламентарни делегации беа на “дресура по демократија“ во ноќните клубови, барови, бутици низ земјите на Европската Унија – западен дел! Друга група парламентарци беше на “тренинг по демократија“ за развитокот на Европската Унија – централен дел! Трета парламентарна делегација беше на “обука за демократија“ за влез во ЕУ, во земјите од Европската Унија – источен дел!
...А – кај народот, кој единствено “вежбаше сиромаштија и гладување“, се родија вербата и надежта во чуда и бајки – дека ќе започне подобар живот!
Но, се случи она што се случи, односно – ништо не се случи!
И претседателите, и министрите, и пратениците – “сите државници“ – се вратија назад!!! Така, за народот и државата исчезнаа и вербата, и надежта!
А, зошто се вратија? ...ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Римски цар загуби битка од македонски “државник“!
26-06-2007
ТАКА Е! – По скоро 2000 изминати години, еден Римски цар ја загуби битката од самонаречените македонски државници во однос на прашањето за полагање сметки за работата и за одговорноста пред народот!
Некогаш, во старото доба, во Рим, си живеел некој си човек по име Галба. Се родил на меѓата меѓу стариот и новиот милениум, а бил убиен во почетокот на 69-тата година. Во времето од 67-68 година Галба бил Римски цар.
Приказната вели дека на Римскиот цар му замерувале тоа што живеел во денгуба, безделничење! Тој би одговорал дека “секој е должен да полага сметки за своите дела, а не за својот одмор“.
Другата приказна вели дека во сегашно доба, во Македонија, сеуште си живеат некакви си самонаречени државници, кои една, две, пет, десет, па и петнаесет години живеат во денгуба и безделничење, и во раскош, како Римскиот цар. Не можат да се пофалат со своите дела, па затоа, постојани се фалат со своите зборови.
И, ако на тие и такви самонаречени државници им се постави селедното прашање:
“Како е можно цели украдени мандати да ги живеат во денгуба, во безделничење, во раскош?“
Нивниот одговор би бил следниот:
“Беспредметно прашање!... Јас не сум должен да полагам сметки ниту за своите дела, а не за својата денгуба, безделничење и раскош“!
Така, Римскиот цар Галба, во Македонија ја загуби битката за полагање сметка и за одговорност! ...ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Жедни за уништување!
06-07-2007
ТАКА Е! – Беше тоа, така велат, време на промени! Беше тоа во едно доба во годините 1990/1991! Беше тоа време во Република Македонија! Што остана од тоа време? И што се случи од тоа време до денес, во Републиката, во Македонија?
Вака стојат работите!
“Камо среќа Републиката се’ уште да беше во онаа состојба во која што беше на почетокот, и камо среќа да не им паднеше во раце на оние луѓе, кои не се толку жедни за промени, колку што се жедни за нејзино уништување!“.
Таква беше среќата и судбината на Републиката. Падна во раце на оние луѓе, кои не се толку жедни за промени, колку што се жедни за нејзино уништување!
Така, во I век од старата ера извесно лице по име Марк Тулиј Цицерон (Кикерон) ги опишува алчноста и – суровоста на оние кои ја разоруваат татковината со секакви злосторства. Цицерон пишува за Римската Република...
Јас ги цитирам зборовите на Цицерон. И со истите зборови пишувам за Република Македонија во ова доба! Камо среќа Републиката да не паднеше во раце на оние луѓе, кои, сурови, алчни и жедни за нејзино уништување, ја доведоа Македонија до оваа беда... “Ниедна сила на власта не е толку голема за да може со страв да остане вечна“ – би додал Цицерон!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Солзи ми идат на очите...
19-09-2007
ТАКА Е! – ЗА ЕЛИТАТА: - Солзи ми идат на очите... Солзи ми идат, кога ги гледам сериозните и напатени лица на претседателот, на премиерот, на министрите, на пратениците... Солзи ми идат на очите кога ги слушам нивните говори и загриженост за Македонија, нивната тага, мака, труд и болка, нивната саможртва... Солзи ми идат на очите, кога ја гледам нивната ХЕРОЈСКА БОРБА ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, ЗА НАЦИОНАЛНИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ, ЗА УСТАВОТ И ЗАКОНОТ, ЗА ПРАВОТО И ПРАВДАТА, ЗА НАРОДОТ, ЗА ГРАЃАНИНОТ, ЗА ПОЕДИНЕЦОТ, ЗА МАКЕДОНЕЦОТ... Солзи ми идат, кога ги гледам и слушам, како понижени клечат и молат пред меѓународните претставници од САД, ЕУ и НАТО, а сето тоа само заради создавање ИДИЛА И БЛАГОСОСТОЈБА НА НАРОДОТ... Солзи ми идат на очите, КОГА ГИ ГЛЕДАМ И СЛУШАМ СИТЕ САМОЖРТВИ ШТО ВЕЌЕ НАД 15 ГОДИНИ ГИ ПРАВИ ВАКВАТА МАКЕДОНСКА ЕЛИТА!!!
ЗА ЏГАНОТ: – И, солзи ми идат на очите, кога одам низ градовите, населбите и селата, кога одам низ планините, шумите и полињата... Солзи ми идат на очите кога минувам низ плоштадите и улиците и кога гледам стотици илјади бедни, јадни, сиромашни, понижени, згазени, прегазени, уништени и гладни Македонци... Солзи ми идат на очите, кога гледам стотици илјади просјаци, наркомани, алкохоличари, безработници, џабалебари, уличари, уништени интелектуалци, работници, земјоделци и пролетери... Солзи ми идат на очите, кога го гледам – СИОТ ОВОЈ ЏГАН!!!
ЗА ЕЛИТАТА И ЏГАНОТ: – Солзи ми идат на очите, кога гледам како СИОТ ОВОЈ ЏГАН, кој без чест и совест, и без жал, и милост, и со омраза во душата – секојдневно се зголемува и ЈА РАСИПУВА УБАВАТА ПРИКАЗНА И РАСКОШОТ НА ЕЛИТАТА!
И, припадниците на ЕЛИТАТА, додека го читаат овој запис, јас ГИ ГЛЕДАМ И СЛУШАМ НИВНИТЕ АПЛАУЗИ!!! И, си мислам: - Мора некаде да сум згрешил во текстот!!!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
За поетите и државниците
16-10-2007
ТАКА Е! – Отсекогаш имало и поети и државници. И самонаречени поети, и самонаречени државници. Имало и поети за потсмев, имало и државници за подбивање.
За поетите – не ми е познато, но, денес во Македонија ако на некого да му се обратиш со поимот “Државник!“, значи дека си го презел ризикот тоа да биде сфатено како потсмев, како подбивање, како навреда, како клевета... Таква е Македонија.
И, еве нешто од старата историја. За поетите!
Еве како еден мудрец од старо време раскажува за еден поет од своето време: “Јас знам еден поет на кому гласно, тивко, јавно и насамо, и небото, и земјата му викаат дека не е никаков поет. И покрај сето тоа, тој воопшто не ја намалува мерката која самиот си ја одредил, секогаш почнува одново, секогаш разгледува наново, секогаш останува при своето; и дури е поцврст и поупорен во своето мислење.“
Не ми е позната судбината на поетот.
И, еве нешто од најновата историја. За државниците!
Еве како би можела да се раскаже современата приказна за еден современ државник од Македонија: “Јас знам еден државник на кому многумина гласно, тивко, јавно и насамо, и небото, и земјата, и глупаците, и мудреците му викаат дека не е никаков државник. И покрај сето тоа, тој воопшто не ја намалува мерката која самиот си ја одредил, секогаш почнува одново, секогаш разгледува наново, секогаш останува при своето; и дури е поцврст и поупорен во своето мислење.“
Не ми е позната, засега, судбината на сите такви државници од Македонија. Позната ми е само судбината на – ограбена, понижена, згазена, прегазена, предадена, извалкана, жална, јадна, бедна и гладна Македонија!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Мудри и окрвавени!
06-11-2007
ТАКА Е! – Некогаш во светот имало само седум мудреци. Денес само во Македонија има 777...!!!
Нема утро, пладне, вечер, ноќ, зора... Нема весник, радио, телевизија... Нема поле, планина, нива, камен... Нема куќа, село, град, држава... Мудреците секогаш се “во свое време и на свое место“. Ги слушаме, ги гледаме... И во Кривогаштани, и во Скопје, и во Стамбол, и во Рим, и во Брисел, и во Вашингтон, и во Москва...
Каде и да бидат, самонаречените државници и политичари од Македонија се мудри толку колку што се мудри – ниту ронка повеќе, ниту ронка помалку.
И, еве веќе 17 години, ниту еден од таквите мудреци не се пожалил дека му недостасува мудрост. И секој од таквите мудреци не е мудар колку што е, туку е мудар онолку колку што семиот себе мерката си ја одредил.
Господ да не ти подари таква мудрост!
И, на ниту еден од самонаречените државници и политичари од Македонија не му фали ниту грам мудрост. И на сите самонаречени државници и политичари од Македонија им фалат пари, богатство, власт, моќ... И уште повеќе им фали суровост и крв... И, колку стануваат побогати, посилни, поалчни, посурови и поокрвавени – толку се помудри.
Природата да не ти подари таква мудрост!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
tema1.net