Март - 2008
Кој се смее на овој Народ?
03-03-2008
ТАКА Е! – Минатото нам ни припаѓа. Затоа, еве, пак се враќаме во далечното минато. Се среќаваме со делото на еден мудрец, кој живееле и умрел во XVII век. И, вака останало запишано:
“Едната половина од светот се смее на другата половина, а двете се будали“!
Така било. И до денес ништо не се променило. Така останало.
Според стариот мудрец – сите се луди и сите се смеат...
Сите се луди, освен една банда од самонаречени македонски државници, политичари, пратеници, министри, бизнисмени... Тие се искрата, тие се “светлиот момент“ на двете половини будали. Тие не припаѓаат на будалите во светот. На овој свет тие се умните, мудрите, кооперативните, флексибилните, тие се послушните, тие се слугите – на светските будали.
Затоа, пак, Македонскиот Народ и Македонската Држава денес се вакви какви што се: брутално згазени, прегазени, понижени, измамени ограбени, разурнати и уништени до темел...
А тие, самонаречените државници, политичари, пратеници, министри, бизнисмени – тие се смеат на овој Народ и оваа Држава… ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Името: Македонија!
24-03-2008
ТАКА Е! – Секој нека располага со себе! Така извикал стариот мудрец Сенека.
Секој човек нека располага со себе. И секој човек со право нека себе се нарече НАРОД, како дел од својата целина! И секој народ нека располага со себе. Зборувам за мојот МАКЕДОНСКИ НАРОД.
А со што располага Македонскиот народ? Со себе – со својата Македонска држава, и со името на државата: МАКЕДОНИЈА!
И затоа, мора да се знае она што следи, а ако не се знае, нека се научи и нека запамети!
Секој човек припаѓа на своето семејство, колку на минатото, толку на идното! – велат старите мудреци. Човекот е народ – народот е човек... “Ние сме врзани за оние кои постоеле и за оние кои сеуште не постојат, а исто така и за отсутните“ – запишал Мишел Монтењ (1533-1592).
Ние сме врзани за припадниците на Македонскиот народ кои постоеле и за поколенијата кои сеуште не постојат, а исто така и за оние кои се отсутни од Македонија. НИЕ СМЕ ВРЗАНИ ЗА ЦЕЛИОТ НАРОД НА КОЈ МУ ПРИПАЃА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА!
Државнио-политичкиот врв на Р. Македонија се прослави во 1993-тата, кога подмолно и на измамен начин името на државата Македонија го замени со ПЈРМ (FYROM). И сега, на сет глас исти лица го најавуваат спасот на Македонија со промена на името Македонија, со додавки, придавки, именки, заменки, прилози, предлози... Тоа се истите оние кои – припаѓаат на своето семејство, колку на минатото, толку на идното! На нивните семејства се’ им припаѓа – и нивното добро дело и нивното лошо дело… ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Април - 2008
За злото, курвите и државниците!
15-04-2008
ТАКА Е! – “Никогаш не отворај врата ниту на најмалото зло – вели старото правило – оти по него ќе се вовлечат многу други и поголеми!“. Во Македонија вратата на злото се отвори уште на почетокот од осамостојувањето...
Денес, во април 2008 година, државата Грција стави вето за приемот на Р. Македонија во НАТО, и не дозволи тоа да биде сторено ниту под идиотизмот FYROM. Во деведесетите години од XX век автолегитимираните државници на Република Македонија се согласија да се промени името МАКЕДОНИЈА во ПЈРМ (FYROM), претставувајќи дека тоа е само “за два месеци“ и за употреба “само во Обединетите нации“. Тоа го виде цел свет. Намерите и понудите за таквиот акт не се утврдени во судска постапка... А, се утврди тоа што се утврди...
Но, намерите и понудите се познати во настанот од една анегдота. Во оваа ангдота главен јунак е познат писател и убава дама. Се сретнале на голема свеченост, каде писателот со намера сексуално да се задоволи, и’ пришол на дамата со понуда од милион долари ја повикал да појдат во неговиот апартман. Дамата веднаш се согласила и отишле во апартманот. Тоа го видел цел свет. Тогаш писателот извадил десет долари и ги дал на дамата. Дамата го погледнала и рекла:
- Што!? Зар ме сметаш за курва?
- Млада дамо! Тоа веќе го утврдивме! – одговорил писателот – Сега се пазариме за цената!
Така дамата постанала курва. И можеби сеуште се пазари според правилата што ги утврдил писателот. А можеби и сакала тоа така да биде...
По ова, пак се враќаме на актуелната историја...
...Така, откако се утврди тоа што се утврди, државниците на Република Македонија постанаа она што постанаа. И сеуште “СЕ ПАЗАРАТ“ СПОРЕД ПРАВИЛАТА ШТО ГИ УТВРДИЛЕ СТРАНСКИ ПИСАТЕЛИ. А можеби и сакале тоа така да биде... Намерите и понудите за таквиот акт не се утврдени во судска постапка!... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Мај - 2008
Види ја “политичката елита“ и – плачи!
23-05-2008
ТАКА Е! – “И оној филозов од старите времиња секогаш имал причина за плачење се’ додека себе си се посматра“! Така го пренесол записот еден филозов од старите времиња за друг филозов од постарите времиња. Филозофот кој плачел додека се посматрал, се викал, така велат, Хераклит (VI-V в.п.н.е.)
И денес, во современа Македонија, сега, се води – според некои мислење! – партиска кампања, на – така се верува! – демократски парламентарни избори, за – така се вели! - пратеници на народот. И, што да размислува, што да верува, што да говори, и што да запише еден интелектуалец, кој ги слуша и гледа говорите и делата на самонаречените македонски политичари-државници?
И, што да прави обичен Македонец со самонаречените политичари-државници, кои, наместо да плачат додека се гледаат себе си, тие е гордеат со бројните “опаки подвизи“, прикажувајќи ги како “сјајни подвизи“, тие размислуваат и говорат за “својата извонредност“, тие се расфлаат со морални, правни и празни фрази, тие во себе потајно, а и јавно, размислуваат за опакоста на – обичниот Македонец? Шро да право Македонецот во невреме во кое и најголемата глупост е безначајна кога ќе ги чуе дека себеси се претствуваат со – цитирам – зборовите: “Ние политиката елита!!!...“.
Филозофот од старите времиња плачел кога се гледал себе си. Во Македонија народот плаче – кога ги гледа самонаречените политичари-државници!
Во Македонија народот плаче и кога се гледа себе си! Во Македонија народот е и “оној филозоф од старите времиња“! А, самонаречената полтичка елита има причина за плачење... И никогаш не е доцна... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Јуни - 2008
Оковани во пранги!
[19-06-2008]
ТАКА Е! – Дали старата историја не’ известува за нешто што некогаш се случило, а кое нешто го нема во современата историја?
Не, Господине?
Векот е шеснаесети, а во записот од старата историја се вели: “Природата нас не’ доведе на свет слободни и неспречени, ние себе се затвораме во некакви тесно ограничени области“. Така говори мудрата глава.
И кај мудрите и разумните глави од најстарите времиња, но и кај оние од времињата по нив, ќе ги најдете истите записи во кои тврдат дека: - Човекот се раѓа слободен, а живее во пранги!
Сепак, кај сите нив недостасуваат зборовите од крајот на мислата со која го опишуваат своето време во кое – немало ниту закон, ниту правда, ниту судија, ниту политичар, ниту државник, кој не го лажел својот народ.
Зошто?
Затоа што тие не живееле во современата историја на самостојна и независна Република Македонија!
Во оваа Македонија, Македонецот и тагува, и плче, и болува, и гладува, и се јадосува... Македонецот и се радува, и игра, и пее, и се смее... Македонецот и работи, и патува, и седи, и оди, и паѓа, и станува, и спие, и се буди... И се и раѓа, и живее, и умира, и се погребува: ОКОВАН ВО ПРАНГИ! Така завршува мислата во време во кое – нема ниту закон, ниту правда, ниту судија, ниту политичар, ниту државник, кој не го лаже својот народ. Така би рекол мудрецот од старата историја... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Август - 2008
Помиловање, амнестија и други нешта
[20-08-2008]
ТАКА Е! – За да ја видиме Македонија во иднината, треба да се вратиме во минатото. За тоа нешто ќе ни помогне, нико друг, туку – ГЕТЕ! И, така, на ред е Гете. Еве како тој го запишал делото на владетелите во своето време.
Некој повозрасен човек видел едно дете кое се расфла со богатсто, па му рекол:
- Кажи ми дете, од каде ти се сите тие богатства? Та, никому ништо само од себе не му се дава?
- Од каде? Па, ова, ми ги остави татко ми!
- А, на татко ти, од каде му се?
- Нему, му ги дал дедо му.
- А, како дедо ти дошол до тоа?
- Па, ГИ ЗЕЛ.
На ред е Македонија. Настанот се случува во иднината – во 2048 година. Некој повозрасен човек, со пропаднат изглед, измачена душа и излитена облека, заедно со своето внуче талкал низ градските улици. Одеднаш видел едно дете кое се расфла со богатство, па му рекол:
- Кажи ми дете, од каде ти се сите тие богатства? Та, никому ништо само од себе не му се дава?
- Од каде? Па, ова, ми ги остави татко ми!
- А, на татко ти, од каде му се?
- Нему, му ги дал дедо му.
- А, како дедо ти дошол до тоа?
- Па, ГИ УКРАЛ...
- Ако ги украл, требело да го уапсат, да го судат и да му го одземат украденото. Зарем не?
- Па, да, така е... Ама неколку пати не сакале да го уапсат, неколку пати не смееле да го уапсат, а неколку пати го уапсиле, но не сакале да го судат, па не смееле да го судат, а на крајот владетелите му дале помилување, амнестија... Разбра, стари? Така е во Македонија!...
Така е во Македонија! Така ќе биде во Македонија!?... ТАКА Е! (Концепт, М. Арсениевски)
Tema1.net
|
|